Правниот сервис во ХОПС започна како неформално советување при спроведување на теренските акитивности во Програмата за поддршка на сексуални работници и нивните семејства.
Од 2004 година се воведе распоред на часови и локација каде сексуалните работници можеа да добијат правни услуги и советување за нивните проблеми, а од мај 2005 година овие услуги се проширија и во рамки на Програмата за намалување на штети од употреба на дроги. Потребата од развивање на правен сервис во Програмите на ХОПС се наметна заради стигмата и дискриминацијата на кои се изложени сексуалните работници и лицата кои употребуваат дроги, честото кршење на нивните права од страна на институциите, но и недовербата во системот кои ги спречува да бараат правни разрешници и поддршка.
Правниот сервис од неговите почетоци до денес функционира во сите дневни центри на ХОПС и на терен преку непосреден контакт со клиентите, а по потреба и посредно преку социјалните работници и другите членови на тимовите. Основните карактеристика на сервисот се: бесплатен, флексибилен, лесно достапен, доверлив и неосудувачки пристап кон корисниците на услугите.
Бесплатната правна помош уште од почетоците се состои од советување, упатување, изготвување на писмени документи, придружување до институции и низ процедури, но од 2009 година во рамките на програмата за подршка на сексуални работници и нивните семејства се воспостави и модел на судско застапување на стратешки случаи каде има сериозни прекршувања на човекови права или прекршување на права на поголема група на луѓе. Моделот вклучува и психо-социјална поддршка на жртвите во текот на целото судско застапување, што всушност претставува уникатна стратегија која подоцна најде примена и кај други организации кои имаа за цел стратешко застапување на случаеви на прекршување на човековите права. Истиот модел на стратешко застапување се воведе во Програмата за намалување на штети од употреба на дроги во 2011 година.
Во рамки на Правниот сервис, покрај бесплатната правна помош на клиентите, континуирано се организираат и едукативни работилници за правно описменување и зајакнување на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници. Досега се спроведени бројни едукации на тема: човекови права, родово-базирано насилство, семејно насилство, еднаквост пред закони и недискриминација, ризици од трговија со луѓе, права на пациенти, право на лекување, права при претрес и лишување од слобода, социјални права и други, а истите се наменети и за клиентите на програмите и за вработените на ХОПС.
Важен дел од сервисот е и документирањето на случаите на кршење на правата на сексуалните работници и лицата кои употребуваат дроги. Документирањето се врши во соработка со Коалиција Маргини, и служи како значајна алатка за прибирање на податоци, следење на трендови на прекршување на правата, анализа и креирање аргументи за застапување за подобрување на состојбата, како и за изготвување на извештаи во сенка до меѓународни тела и организации.
Правниот сервис на ХОПС континуирано се развива, унапредува и воведува нови форми на обезбедување на правна помош на заедниците со кои работиме. Од ноември 2015 година во Програмата за подршка на сексуалните работници и нивните семејства ХОПС воведе систем на параправната помош, што ја обезбедуваат самите сексуални работници.
Параправниците се лица од заедницата кои претставуваат линк за поврзување со сексуалните работници кои не се во чест контакт со директните сервиси на организациите. Нивната улога е преку теренска работа и директен контакт да ги препознаат проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници, да ги упатат до институции за остварување на нивните права, а во одредени случаи и да ги придружуваат до соодветните институции. За таа цел во моментов ангажирани се осум параправници по еден во Охрид, Струга, Струмица, Гостивар и четири параправници во Скопје.
За да можат параправниците да ја извршуваат оваа улога, тие добиваат основна и континуирана обука и поддршка од страна на ХОПС, на сите теми од областа на човекови права и механизми за заштита, но и развој на лични вештини, комуникациски вештини, јавно говорење, активизам и слично.