Кога зборуваме за одговорна употреба, пред сѐ, се мисли на користење дроги на тој начин што би се намалиле или би се елиминирале негативните ризици и штетни последици кои постојат или можат да се појават кај личноста која ги користи или пак кај лицата во нејзината блиска околина.
Употребата на психоактивни супстанции е социокултурен феномен и појава присутна во светот уште од одамнешни времиња, а секако и ден-денес. Покрај сите можни забрани, законски регулативи и милијарди долари потрошени на т.н. војна против дрогите (The war on drugs), суштински ниедно ограничување не доведе до сузбивање или до искоренување на употребата на дрогите. Напротив, дрогите што легални што илегални масовно се произведуваат, се продаваат и се употребуваат.
Како најчести стереотипни причини за користење на дрогите се споменуваат љубопитноста, експериментирањето, намалувањето на стресот, бегство од секојдневјето и од проблемите и сл. Според искуствата на корисниците дејството на дрогите или „хајот“ се доживува како нешто несекојдневно, невообичаено, вонземско, длабоки искуства кои ја менуваат перцепцијата за нештата, го менуваат животот или погледот на животот.
Повремена или рекреативна употреба на дроги
Рекреативната употреба на дрогите е дефинирана како повремена употреба на легални, на илегални или на контролирани психоактивни супстанции со цел менување на состојбата на свест преку алтерација на централниот нервен систем, а која доведува до менување на перцепцијата, создавање позитивни емоции и чувства кај човекот. Овој популарен феномен како начин на однесување во голема мера се толерира во светот, а нужно не доведува до психичка или до физичка зависност, до сериозни здравствени, хабитуални или социјални проблеми.
Повремената употреба во смисла на честотата на користење подразбира употреба на дроги за време на викендите, неколкупати месечно или неколкупати годишно. Повременото користење дроги кај индивидуата не дејствува загрижувачки во смисла на потенцијална психичка или физичка зависност, нарушување во социохабитуална смисла, негативно влијание врз работата или учењето, функционирање во семејство итн. Како најчесто употребувани дроги повремено или рекреативно се споменуваат етил алкохолот (алкохолни пијалаци), канабисот, никотинот (цигари), кофеинот (кафе) и контролираните супстанции од листата на Единствената конвенција за наркотични дроги на ОН како кокаин, МДМА (екстази), амфетамин, ЛСД и др.
Типот и обемот на ризици кои произлегуваат од повремената употреба на дроги во голема мера зависат од типот на употребуваната дрога, од дозите, од мешањето и од честотата на употреба. Студиите за штетните последици од употреба на дроги укажуваат дека не сите дроги имаат ист капацитет да предизвикаат штета кај корисникот. Така алкохолот се споменува како една од најопасните рекреативно употребувани дроги со исклучок на хероинот, на крекот и на метамфетаминот, додека канабисот, екстазите и ЛСД се споменуваат како дроги со помал ризик и помалку штетни последици.
Одговорна употреба на дроги
Одговорната употреба на дроги подразбира соодветно информирање и истражување за дејството на дрогите, како и психофизичката подготовка пред самата употреба. Потребно е преземање соодветни мерки на претпазливост пред користењето на психоактивни супстанции со цел обезбедување сигурно и удобно искуство. Најразлични фактори можат да влијаат врз самото искуство, па би требало да се земат предвид пред експериментирањето со психоактивни супстанции. Психичкото и физичкото дејство, дозирањето, комбинирањето на повеќе видови дроги, создавањето зависност, психофизичката подготвеност, амбиентот во кој се користат дрогите и опкружувањето битно можат да влијаат врз самото искуство.
Кога зборуваме за одговорна употреба, пред сѐ, се мисли на користење дроги на тој начин што би се намалиле или би се елиминирале негативните ризици и штетни последици кои постојат или можат да се појават кај личноста која ги користи или пак кај лицата во нејзината блиска околина. Овој концепт е познат и кај многу влијателни луѓе од историјата како уметници или интелектуалци кои совесно употребувале дроги и успешно твореле.
Концептот на одговорна употреба на дроги сугерира дека додека некој е под дејство на некоја дрога најдобро е да не управува возило или да не прави каква било активност во која може да си наштети себеси или на некој во блиската околина која го опкружува. Со одговорната употреба на дроги се потенцираат бенефитите од нивното користење, додека се намалуваат ризиците и негативните влијанија.
Одговорната употреба на дроги е една од примарните превентивни техники во политиките на дроги поврзани со намалување на штети. Практиките на намалување на штети се популаризирани во доцните осумдесетти години од минатиот век, иако се забележуваат уште на почетокот на седумдесеттите години во САД преку дистрибуирани стрипови кои се однесуваа на тоа како одговорно да се употребуваат дрогите. Преку концептот на намалување на штети се тежнее да се избегнат или да се сведат на минимум штетите кои можат да произлезат како резултат на употреба на различни видови психоактивни супстанции.
Одговорната употреба на дроги подразбира соодветно дозирање на дрогата притоа водејќи сметка оној кој ги консумира да не ги надмине дозите што не би можел да ги издржи физички и психички, а притоа да биде во состојба да функционира одговорно и совесно. Одговорната употреба на дроги подразбира избегнување комбинации и мешање различни видови дроги кои можат да го доведат во опасност или да го нарушат здравјето.
Информирањето и едукацијата се клучни во смисла на одговорната употреба на дроги. Корисниците на дроги, пред сѐ, би требало да се доволно информирани за ефектите, за легалниот статус на дрогите кои ги употребуваат и за нивното дозирање, како и за преземање дополнителни мерки доколку постои опасност од предозирање од одредена дрога. Доколку е возможно и достапно, проверката на составот и на чистотата на дрогата е одлична мерка на претпазливост при употребата.
Препораки во однос на етичноста кај одговорната употреба на дроги е да не се наведува друга особа на употреба на дроги против нејзина волја и знаење. Корисникот не би требало да дозволи употребата на дроги да ги загрози битните аспекти на животот како финансискиот сегмент, изведувањето работни обврски или учењето, социјалниот или фамилијарниот живот.
Во однос на безбедно користење препораките се однесуваат на користење најниски можни дози кои можат да постигнат задоволувачки ефекти кај оној кој ги користи, користење во ралаксирани средини со друштво или со познаници кои можат да дадат поддршка или помош. Во здравствена смисла тоа е опасност од предозирање, од инјектирање дроги, од потенцијална психичка и физичка зависност, свесност за определени штети по здравјето кои можат да се појават како резултат на често користење.
Одговорна употреба на дроги и политики за дроги
Илегалниот статус на голем број психоактивни супстанции дополнително ги усложнува можностите за одговорната употреба на дроги. Владините политики и (не)акции ја прават одговорната употреба на дроги уште посложена, поризична и поскапа. Луѓето кои користат дроги се доведуваат во ризични ситуации и криминални дејства поради набавка на дроги од црниот пазар. Законските регулативи и забраните само го поттикнуваат незапирливото нелегално производство и профитабилниот црн пазар на дроги вреден 330 милијарди долари годишно. Дрогите на уличниот пазар имаат високи цени, а квалитетот и чистотата во голем број случаи се сомнителни и непроверени со што се зголемуваат потенцијалните ризици и штетните последици.
Давор Смиланов
Авторот е доктор по медицина. Дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Република Македонија. Доктор Давор Смиланов раководи со Медицинскиот сервис во Центарот за намалување на штети во Капиштец кој е дел од Програмата за намалување на штети на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има учествувано во бројни национални и регионални проекти, конференции и кампањи за намалување штети од употреба на дроги.