Повик за учество на Школа за Род, Сексуалности, Култура и Политика

0

Коалицијата Маргини во партнерство со ЛГБТИ центарот за поддршка објавува повик за учество на Школа за Род, Сексуалности, Култура и Политика.

ШКОЛАТА ЗА РОД, СЕКСУАЛНОСТИ, КУЛТУРА И ПОЛИТИКА ИМА ЗА ЦЕЛ ДА ГО ЗГОЛЕМИ ЗНАЕЊЕТО НА УЧЕСНИЦИТЕ НА ШКОЛАТА ЗА РАЗЛИЧНИТЕ ИСТОРИИ, СТРАТЕГИИ И КОНТЕКСТИ НА БОРБИТЕ ЗА РОДОВА И СЕКСУАЛНА ЕДНАКВОСТ, КАКО И ЗА ГЛАВНИТЕ КОНЦЕПТИ, МЕТОДОЛОГИИ И КРИТИЧКИ АЛАТКИ РАЗВИЕНИ ВО РАМКИ НА РОДОВИТЕ СТУДИИ, ФЕМИНИЗМОТ И КВИР СТУДИИТЕ И КВИР КУЛТУРНИТЕ ПРАКТИКИ. ЦЕЛТА НА ШКОЛАТА Е ДА ИМ ПОНУДИ АЛАТКИ НА ЛГБТИ ЛУЃЕТО, КАКО И МЛАДИТЕ ИСТРАЖУВАЧИ СО КОИ ЌЕ МОЖАТ КРИТИЧКИ ДА ГИ АНАЛИЗИРААТ СОВРЕМЕНИТЕ СОЦИО-КУЛТУРНИ И ПОЛИТИЧКИ СТРАТЕГИИ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, ПРОДУКЦИЈА НА ЗНАЕЊЕ И ОДНОСИ НА МОЌ, ДА ГИ ПРЕПОЗНААТ ИЗВОРИТЕ НА НЕЕДНАКВОСТ, РАЗВИВААТ НОВИ И ИНОВАТИВНИ СТРАТЕГИИ НА ОТПОР, ДА ГО ПРОМИСЛУВААТ СВОЈОТ ИДЕНТИТЕТ И ДА ГИ ПРЕДИЗВИКААТ ХЕГЕМОНИСКИТЕ КУЛТУРНИ ПОЛИТИКИ НА ХЕТЕРОНОРМАТИВНОСТА.

Во рамки на Школата учесниците ќе имаат можност да следат предавањата на некои од најреномираните теоретичарки, истражувачи и зналци во областа на феминизмот, квир теоријата и родовите студии во светот и Северна Македонија: Ann Cvetkovich (САД), Susanna Paasonen (Финска), Јелисавета Благојевиќ (Србија), Сузана Милевска (РСМ), Ана Мартиноска (РСМ), Славчо Димитров (РСМ) и Наташа Бошкова (РСМ). Предавањата ќе ги покријат темите поврзани со родот, сексуалноста, телесноста, задоволствата и моќта во пресек со многустраните аспекти и проблеми во областа на визуелната култура и уметност, народната култура, политиката и политичката филозофија, порно-студиите, студиите на новите медиуми, теориите на афекти, (суб)културните студии, меѓународното право и правните студии итн.

Школата ќе се одржува онлајн во периодот на ноември и декември 2020. Присуството на предавањата ќе биде задолжително за сите избрани учесници. Предавањата на Ann Cvetkovich, Susanna Paasonen и Ана Мартиноска ќе бидат јавни, а остантите затворени и достапни само на селектираните учесници.
За потребите на Школата, активно следење на предавањата и учество во дискусиите и работилниците, учесниците ќе бидат обезбедени со сите потребни материјали и читанки со клучни текстови.

Постапка за пријавување:

Заинтересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на Школата (максимум 1 страна) на е-пошта: koalicijaszpmz@gmail.com, најдоцна до 25.10.2020.

Во писмото апликантите треба накратко да го објаснат својот мотив за пријавување на оваа Школа, своето досегашно искуство и познавања во темите покриени со Школата, како и очекувањата од Школата.

  • Од апликантите се очекува посветеност и редовно учество на сите предавања во периодот на одржување на Школата!
  • Од апликантите се очекува да го познаваат добро македонскиот и англискиот јазик.
    За резултатите од изборот апликантите ќе бидат информирани најдоцна до 30.10.2020. 

    Предност во селекцијата на учесниците во курсот ќе имаат лицата од ЛГБТИК заедницата, но повикот е отворен и за сите лица кои се идентификуваат во квир спектарот, или пак лица кои едноставно имаат интерес и желба за квир теми, феминизмот и родовите студии. Бројот на учесници е ограничен на максимум 15 лица.

    Школата за род, сексуалности, култура и политика е дел од од „Проектот за ЛГБТИ инклузија – дигитална едиција“ финансиски поддржан од страна на ИЛГА-Европа, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка и Коалиција Маргини.

Биографии на предавачи:

Ен Цветковиќ е директорка на Pauline Jewett Institute of Women’s and Gender Studies при Универзитетот Карлтон во Отава во Онтарио, Канада. Била Ellen Clayton Garwood Centennial професорка по англиски јазик и професорка по женски студии на Универзитетот на Тексас, во Остин. Авторка е на книгите: „Измешани чувства: Феминизам, популарни култури и викторијански сензационализам“ / Mixed Feelings: Feminism, Mass Cultures and Victorian Sensationalism (Rutgers, 1992); „Архива на чувства: Траума, сексуалност и јавни лезбејски култури“ / An Archive of Feelings: Trauma, Sexuality and Lesbian Public Cultures (Duke, 2003) и „Депресија: Јавно чувство“ / Depression: A Public Feeling (Duke, 2012). Заедно со Ен Пелегрини е ко-уредничка на посебното издание на The Scholar and Feminist Online –Public Sentiments, а со Џенет Стејгер и Ен Рејнолдс ја уредуваат публикацијата „Political Emotions“ (Routledge, 2010). Заедно со Ен-Мари Џејгоус го уредуваат и GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies. Нејзините актуелни пишувачки проекти се со фокус на моменталната состојба со ЛГБТИ+ архивите и нивната креативна употреба од страна на уметници за создавање на контра-архиви и интервенции во постоечката историја.

Сузан Пасонен е професорка по Студии на медиумите на Универзитетот во Турку во Финска. Имајќи интерес за студии за сексуалноста, мрежните медиуми и афектите, таа e раководителка на истражувачкиот проект на Академијата во Финска – „Сексуалност и игра во медиумската култура“ и на проектот на конзорциумот на Советот за стратешко истражување – „Интимност во култура водена од податоци“. Од неодамна, авторка е на книгите „Зависни, расеани, здосадливи: Афективни формации во мрежните медиуми“ / Dependent, Distracted, Bored: Affective Formations in Networked Media (MITP, 2021), „Кој се смее сега? Феминистички тактики на социјалните медиуми“ / Who’s Laughing Now? Feminist Tactics in Social Media (MITP, 2020, во ко-авторство со Џени Сунден), „Објектификација: За разликата меѓу сексот и сексизмот“ / Objectification: On the Difference Between Sex and Sexism (Routledge, 2020, во ко-авторство со Феона Атвуд, Алан МекКи, Џон Мерсер и Клариса Смит), „Небезбедно за работа: Секс, хумор и ризик на социјалните медиуми“ / NSFW: Sex, Humor and Risk in Social Media (MITP, 2019, во ко-авторство со Кајли Џерет и Бен Лајт) и „Многу раскошни работи: Размислувајќи за секс и игра“ / Many Splendored Things: Thinking Sex and Play (Goldsmiths Press, 2018).

Јелисавета Благојевиќ е професорка на Факултетот за медиуми и комуникации на Универзитетот Сингидунум и е на позицијата деканка за академска соработка од 2006 година. Таа работела и на Женските Студии во Белград и Истражувачкиот центар за род како координаторка и предавачка од 2001 година. Од 2003 година е визитинг професорка на програмата за род и политика на Факултетот за политички науки при Белградскиот Универзитет. Таа предавала како визитинг професорка на различни универзитети низ Југо-источна Европа. Благојевиќ има објавено три книги- Politics of Unthinkable: Introduction into anti-fascistic life, FMK, Belgrade, September, 2014, Hieroglyphs of Jealousy, Research Center in Gender Studies, Euro-Balkan Institute Skopje, 2008, Zajednica onih koji nemaju zajednicu (Community Without Community), FMK, Belgrade, 2008, како и текстови и поглавја во повеќе зборници. Нејзиниот истражувачки интерес ја вклучува современата (политичка) филозофија, студиите на медиуми, квир студиите и родовите студии. Таа е родена и живее во Белград.

Сузана Милевска е теоретичарка и кураторка на визуелна уметност и култура од Македонија. Од 2016-2019 Милевска беше главна истражувачка на Политехничкиот универзитет во Милано за проектот TRACES од програмата Horizon 2020. Од 2013-2015 Милевска беше назначена за прва професорка по Централноевропска и јужноевропска историја на уметност на Академијата за ликовни уметности во Виена. Докторските студии по визуелна култура ги завршила на Колеџот Голдсмитс во Лондон, a во 2004, Милевска е добитничка на стипендијата Фулбрајт во Конгресната библиотека во Вашингтон. Во 2011 станува истражувачка во проектот „Повикајте го сведокот“ – Ромски павилјон на 54 Меѓународна уметничка изложба – Венециското Биенале – колатерален настан и ги курира изложбите „Повикајте го сведокот“, „БАК“, „Утрехт“ и “Ромскиот протокoл” во австрискиот Парламент. Во 2015 заедно со Аленка Грегорич ја курира изложбата Одвнатре нанадвор-не толку бела коцка во Градската уметничка галерија во Љубљана. Во 2012 Милевска ги добива Наградата „Алис“ за политичко кураторство и Наградата “Игор Забел” за култура и теорија. Нејзините теоретски и кураторски интереси ги покриваат постколонијалната критика на хегемонистичките режими на моќта на претставување на родовите разлики во визуелната култура, како и феминистичките, партиципативните и колаборативни уметнички практики. Во 2010 Милевска ја издава книгата Родовите разлики на Балканот и ја уредува Машината за преименување, а во 2016 ја уредува книгата За продуктивниот срам, помирувањето и моќта на делување, SternbergPress, 2016.

Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка.
Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Од 1996 год. д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска литература на работното место научна советничка/редовна професорка. Предава на постдипломските и докторските културолошки студии во книжевноста (Предмети: Вовед во културолошки студии, Народна култура, Културата и глобализацијата, Сексуалноста и културата, Родови претстави во современата култура и медиуми и др.).

Учествувала со самостојни прилози во бројни национални и меѓународни научно-истражувачки проекти, како и ја голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.
Мартиноска ги има објавено книгите: “Поетиката на македонските народни гатанки” (2002), “Голиот на гости – Антологија на македонскиот еротски фолклор” (2007), “Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања” (2008), „Конески и фолклорот“ (2012), „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014), „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ (2018) и „(И)стории од долапот: Избор на македонска народна еротика“ (2020). Заедно со Маја Јакимовска-Тошиќ е уредник на Зборниците: „Популарна култура-Поглед одозола/Popular Culture: Reading from Below” (2016) и „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“ (2019). Има објавено и стотина самостојни научни трудови во стручната и научна периодична литература во земјата и во странство, како и над двесте колумни на културолошки и родови теми.

Мартиноска била главна и одговорна уредничка на Институтското списание за литературна наука „Спектар“ (2013-14). Била членка на редакцијата на електронското списание „Блесок“ (2012-18). Членка е и на Друштвото на писатели на Македонија, Здружението за компаративна книжевност на Македонија и на Меѓународната Асоцијација за компаративна литература. Во моментов е Претседателка е на Научниот совет на Институтот за македонска литература.

Славчо Димитров е асистент на Факултетот за правни и политички науки на ФОН Универзитетот, на предметите по Современа политичка филозофија, Историја на политички теории, Род и политика, Политика и култура, и Политики на тела и емоции. Повеќе од десет години работел како директор, и програмски и проектен координатор во Коалицијата МАРГИНИ Скопје. Има дипломирано Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, а магистрира првин на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа и на Трансдисциплинарни родови студии на Кембриџ Универзитетот во ВБ. Во моментов ја работи неговата докторска дисертација на тема Ан-архични тела: Корпореален материјализам, афекти и политичкото, на Одделот за трансдисциплинарни студии на современите медиуми и уметности на ФМК, Белград. Има работено како асистент на Институтот Евро-Балкан на последипломските Родови студии и Културни студии, и на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГУДУНУМ, Белград, на предмети од областа на квир теоријата, културните теории, отелотворување и род, критичка теорија итн. Во изминатата декада има координирано голем број на академски проекти, летни школи, и проекти од областа на човековите права и маргинализираните заедници. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Cultures and Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK.Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics in Belgrade. Славчо Димитров има курирано неколку уметнички и културни проекти, и повеќе конференции во Северна Македонија. Куратор е веќе шеста година по ред на Скопскиот викенд на гордоста, интердисциплинарен фестивал за квир уметност, култура и теорија. Програмскиот фокус на фестивалот е ставен на изведувачките уметности, како и визуелните и совреемени уметнички практики кои се фокусираат на телесноста, афектите и квир субјективитетот. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија, студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Автор е на книгата Невозможни исповеди: субјективитет, моќ и етика (2014).

Наташа Бошкова дипломирала право во 2003 година на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 2008 година станала магистерка по родови студии на Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии при Универзитетот во Сараево, Босна. Работи како адвокатка и правна советничка во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ каде стратешки застапува случаи на прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници/чки, ЛГБТ луѓето, луѓето што живеат со ХИВ и маргинализираните жени.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.