Повик за резиденцијален престој за визуелни уметници

0

Драги пријатели, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распишува оглас за резиденцијален престој за двајца млади визуелни уметници .

Денешниот живот во услови на пандемија се повеќе го поттикнува прашањето за здравиот  живот и кои се неговите опции.  Истражувањата покажуваат дека престојот и животот во природата е една од опциите. Дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или кон живот во природа надвор од населени места?  Кои се предности а кои недостатоци на животот во природа надвор од градовите?  Животот во природа е темата која ќе ја истражуваат двајца визуелни уметници во рамките на нивниот изолационен престој од 17 дена во природа надвор од населени места.

 

Резиденцијалниот престој ќе се реализира во Вила Преведена  во периодот од 29 јуни до 16 јули. Вилата Преведена  се наоѓа на 1200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат 2 фамилии и тие за уметниците  можат да бидат извор на информации за темата. Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на 8 километри од местото Преведена. Уметниците ќе можат да го посетуваат и да добијат дополнителни идеи и информации потребни за нивното творење. Во текот на резиденцијата учесниците ќе имаат поддршка  за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните 2 дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со младите уметници. Во договор со уметниците во месец октомври или ноември ќе бидат организирани две виртуелни ( он лајн изложби)  на уметниците на кои  ќе бидат промовирани делата креирани за време на резиденцијалниот престој.

Трошоците за сместување се покриени од организаторот. Дополнително уметниците ќе добијат хонорар од 9.000 денари за храна.

Вилата располага со две посебни соби, кујна и тоалет.

Услови за учество во проектот:

  • Визуелни уметници на возраст до 35 години
  • Кандидатите да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект
  • Делата  кои ќе ги изработуваат за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: Фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт .
  • Со пријавата да се достават најмалку  три (3) уметнички дела како портфолио, како и биографија преку електронска пошта
  • Да се достави мотивационо писмо за учество на резиденцијата

Краен рок за пријавување е 20 јуни 2021 година до 24 часот.

Приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура.

Сите млади уметници можат да се пријават преку поднесување на потребните документи  на  електронската пошта vlatkod@hops.org.mk.

Вашите прашања може да ги доставите на истата електронската пошта.

Резиденцијалниот престој е дел од проектот Резиденција кој е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија

 

 

 

 

 

 

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.