Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, објавува повик за доставување авторски трудови за осумнаесеттиот број на списанието Дроги – Политики и практики.
Темата на осумнаесеттиот број е „Микродозирање“. Микродозирањето станува многу актуелна тема особено во научните кругови во врска со неговите медицински придобивки главно врз менталното здравје и подобрената когниција. Добредојдени се текстови кои ќе ја обработуваат темата од аспект на науката, на здравствените придобивки, како и од аспект на уметноста, односно текстови во кои се споделуваат искуства на оние кои практикуваат микродозирање.
Освен за главните теми, добредојдени се текстови и други содржини на која било тема поврзана со целите на списанието. Краен рок за доставување на текстови и други информации е 30 април 2022 година. Селекцијата на доставените текстуални прилози и други информации ќе ја врши Уредничкиот одбор.
Критериуми за селекција се:
• Стручност (познавање на обработуваната проблематика)
• Креативност
• Иновативност (отворање нови прашања или промовирање нови начини за решавање на актуелните прашања)
• Разбирливост (литературно изразување и/или сленговско изразување разбирливо и препознатливо за целните групи)
• Навременост (запазување на крајниот рок за предавање на материјалите).
За текстовите е предвидена финансиска надокнада.
Вашите текстови како и евентуални прашања испратете ги на следниот контакт: Ана Ашталковска Гајтаноска, ashtalkovska@gmail.com.
Дроги – Политики и практики обработува теми поврзани со дроги, употреба на дроги, лекување зависности од дроги, но и други проблематики што се поврзани со дроги, како што се: млади и дроги, сексуална работа и дроги, ХИВ/СИДА и дроги, хепатит Б и Ц и дроги, туберкулоза и дроги, права на маргинализирани групи/заедници и дроги, родови перспективи и дроги, пристап до информации од јавен карактер и дроги, истражувања за дроги, политики за дроги, застапување и дроги, граѓанско општество и дроги, активизам и дроги, социјална работа и политика и дроги, здравство и дроги итн.
Дроги – Политики и практики е списание наменето за луѓе што употребуваат дроги, луѓе што се лекуваат од зависности, стручни лица од областа на употребата на дроги и лекувањето зависности и пошироката јавност засегната и заинтересирана за наведените проблематики. Се објавува електронско издание на македонски и англиски јазик.
Дроги – Политики и практики овозможува простор за објавување авторски текстови, авторизирани преводи, вести/известувања, промоции, колумни/есеи, графички прикази со пораки со социјално-просветлувачка содржина, кампањи поврзани со наведените проблематики за сите што придонесуваат и/или сметаат дека можат да придонесат кон унапредување на социјалната и здравствената положба на луѓето што употребуваат дроги и луѓето што се лекуваат од зависност од дроги. Тоа е простор за афирмација на личните ставови и ставовите на институциите и организациите што работат во наведените и сродните проблематики. Доколку сакате да изложите став, да објавите вест или да го проширите кампањското дејствување, обратете се на следниот контакт: Ана Ашталковска Гајтаноска, ashtalkovska@gmail.com.
За повеќе информации за начинот на форматирање на текстовите, ве молиме, прочитајте ги Упатството за авторите и Образецот за авторски текстови.
Претходните броеви на Дроги – Политики и практики се достапни на следните врски: https://hops.org.mk/category/publikacii/spisanie-drogi/