Очигледно е дека трендовите на употреба на психоактивни супстанции во Република Северна Македонија се менуваат. Ако порано заедно со канабисот една од најупотребуваната супстанција беше хероинот, сега тоа е кокаинот, а веднаш потоа следуваат МДМА (екстази) и амфетамините. Освен овие супстанции кои подолго време се присутни кај нас, сè почесто се среќаваат и нови психоактивни супстанции.
Недостатокот од постоење на програми за намалување на штети од употреба на синтетичките супстанции влијае на недоволната информираност за ризиците од нивната употреба. Па оттука значаен број на луѓе кои употребуваат супстанции се предозирале, а повеќе од половината (56 %) биле сведоци на предозирање од психоактивни супстанции.
Ризичното однесување се гледа и во податокот дека дури 47 % од учесниците во истражувањето на ХОПС − Опции за здрав живот Скопје воопшто не се сигурни за чистотата на супстанцијата која ја употребуваат, додека 67 % од испитаниците рекле дека земале сусптанција за која не биле сигурни што е, односно за кој вид психоактивна супстанција станува збор.
За да се намали ризичното однесување и да се превенираат смртните случаи и другите здравствени последици од употребата на нелегалните психоактивни супстанции, потребно е што побрзо да се отвори програма за проверка/тестирање на психоактивните супстанции позната во светот како Drug checking.
Ставовите изразени во ова видео се само на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Евроазиската асоцијација за намалување на штети и Фондацијата Роберт Кар.