Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во период од 13-ти до 15-ти реализираше три еднодневни обуки во три различни града: Струмица, Битола и Скопје на тема: “Постапување со жени жртви на родово базирано насилство кои употребуваат дроги”, наменети за професионалци кои работат со жртви на родово базирано насилство.
На 13-ти април обуката се одржа во Терапевтската заедница “Покров”- Струмица на која учество земаа вкупно 13 претставници и тоа: 8 претставници од Центрите за социјална работа во Свети Николе, Струмица, Кочани и Штип и “5 претставници од невладини организации (Едукативно – хуманитарна организација “ЕХО”- Штип, Клуб на млади ООЦК Струмица, Женска акција” – Радовиш, “Скај Плус” Струмица и терапевтската заедница “Покров” – Струмица).
На 14-ти април обуката се одржа во хотел “Милениум Палас” Битола на која учество земаа вкупно 12 претставници, од кои: 3 претставници од Центрите за социјална работа во Прилеп и Ресен, 2 претставници од ЈЗУ Здравствен дом Битола и ЈЗУ Општа болница Прилеп, 1 претставник од ПЗУ Психомедика Битола и 6 претставници од невладини организации (Центар за човекови права АМОС – Битола, Виа Вита – Битола, Станица 5 – Прилеп и Здружение за општествена акција, едукација превентива “ЕАСП” – Прилеп).
На 15-ти април обуката се одржа во хотел “Сити Парк” Скопје на која учество земаа вкупно 13 претставници, и тоа: 4 претставници од Центрите за социјална работа во Скопје, Велес и Тетово, 2 претставници од ЈЗУ Општа болница Куманово и 7 претставници од невладини организации (Македонско здружение за млади правници, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје, Граѓанска иницијатива на жени Свети Николе, Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Црвен крст на Република Северна Македонија).
Обуките ги предводеа проф. Д-р Лилјана Игњатова од Медицинскиот факултет Скопје, Катедра за психијатрија и Хајди Штерјова Симоновиќ – извршна директорка на Здружението “ХОПС – Опции за здрав живот Скопје”. Целта на овие обуки е да се сензибилизираат професионалците кои работат со жени кои употребуваат дроги во случаи кога истите се жртви на родово базирано насилство.
По завршување на обуките, учесниците имаа можност анонимно да извршат евалуација за истите, преку кои го изразија своето задоволство од учество на обуките и од обучувачите, од знаењето научено од обуките и од применливоста на обуките.
Учесниците исклучително позитивно ги оценија сите три одржани обуки, како од аспект на висок квалитет и ниво на теоретски и практични знаења на обучувачите, така и од аспект на интеракција која се воспостави помеѓу учесниците и обучувачите и можноста за размена на информации и искуства.
Искуството од одржаните обуки нам ни покажа дека постои огромен интерес за оваа тема и потреба од спроведување на вакви обуки и во иднина.
Обуките се организирани од страна на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје поддржани од страна на Eurasian Harm Reduction Association (EHRA), како дел од проектот “Пристап до сеопфатна грижа за жени кои употребуваат дроги во случаи на насилство” финансиран преку COVID-19 Response Mechanism (C19RM) на Global Fund to Fight AIDS, Tuberculosis and Malaria како дел од регионалниот проект “Sustainability of services for key populations in the Eastern Europe and Central Asia region” (#SoS_project) имплементиран од Alliance for Public Health.