
Мотивот позади овој проект беше идејата дека во процесот на развој на политиките за дроги во земјите од Југоисточна Европа граѓанското општество мора да биде вклучено и да одигра позитивна и одлучувачка улога. Актерите од граѓанскиот сектор во оваа област мораат да бидат прашани при формулирањето на политиката за дроги и да влијаат врз законите за дроги.
Дел од состојбите со политиките и законите за дроги во земјите од Југоисточна Европа се прикажани во оваа студија, а потоа се презентирани препораките. Можат да бидат сумирани во следниве точки.
a. Постои дискрепанца помеѓу усвоените стратегии за дрога и нивната примена во секојдневните пракси
Сите земји од Југоисточна Европа имаат усвоено национална стратегија во последната деценија. Повеќето од нив имаат усвоено и планови за акција за спроведување на стратегијата. Според националната стратегија на сите земји од Југоисточна Европа поединечно, граѓанските здруженија и граѓанското општество треба да имаат значајна и активна улога во градењето политики, главно во сферата на третман и рехабилитација, но и кај намалувањето на штетите. Сепак реалната вклученост на граѓанското општество и на граѓанските здруженија е прилично маргинална, иако се прават напори ова да се промени. Во пракса постои јаз помеѓу стратегиите и праксата. Намалувањето на штетите е вклучено во стратегиите за дроги, но не е интегрирано во националните закони; службите за намалување на штетите се ценат, но се финансиски зависни од грантови од надворешни донатори; рехабилитациските програми се препознаени како основен дел од политиката за дроги, но сѐ уште не се развиени.
Беше потенцирано дека стратегиите и плановите за акција мораат да се евалуираат и праксите кои не се ефективни мораат да се променат. Повеќето земји сè уште немаат формални евалуациски механизми. Евалуацијата ќе помогне за развој на релевантните власти да ги направат промените онаму каде што е потребно и да воведат иновативни пракси со кои ќе се задоволат потребите на засегнатите страни.
б. Кривичните закони се ригорозни за продажба на дроги, а во случаите на поседување дрога за лична употреба се применуваат недоследно
Кривичните системи на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) се базираат на различни традиции, па оттаму се разликува и нивниот одговор поврзан со дрогите. Отстапувањата се поголеми во областа на поситните прекршоци на законите за дроги, додека казните предвидени за продажба на дрога имаат повеќе сличности и се најчесто екстремно ригорозни. Сепак, во неколку земји, независно од стриктноста на законите, казните наложени од судовите се помалку стриктни.
Воопшто, земјите од ЈИЕ можат да се опишат како неодлучни за декриминализирањето на поседувањето на дрога за лична употреба. Ова е суштествено прашање во понатамошниот развој на политиката за дроги затоа што влијае врз тоа дали третманот на корисниците-прекршители во рамките на кривичниот систем ќе биде толерантен или суров. Декриминализацијата на поседувањето на дрога за лична употреба се дискутира нашироко, но неколкуте обиди за воведување на закон поминаа неуспешно. Понатамошните истражувања и студии на сегашната практика во врска со поседувањето за лична употреба мораат да бидат приоритетни на агендата на сите земји од регионот доколку сакаме да се олесни кривичниот и казнен систем во однос на ова прашање.
в. Бројот на затвореници се зголемува во изминативе неколку години; условите за живот се лоши и сè почесто е користењето на дрога во затворите; медицинската грижа надвор од затворите е неадекватна
За повеќето земји во регионот, животните услови во затворите се многу лоши затоа што затворите се пренаселени. Ова е чест проблем и општа карактеристика на затворите во повеќето земји во регионот.
Проблемот со користењето на дрога во затворите е видлив во националните извештаи. Постои разноликост во достапноста на програмите за третман за затвореници зависни од дроги. Медицинскиот персонал во затворот овозможува здравствена нега за сите затвореници, додека помош од други здравствени институции и програми на граѓански здруженија е достапна само надвор од затворот. Можно е да се насочат корисниците на дрога од затвор во програми за третман засновани во заедницата за зависни затвореници обвинети за дела поврзани со дрога, иако механизмите за диверзија комбинирани со програмите за третман (запирање на судската постапка, извршување на казната/условно ослободување) во моментов се регистрирани на многу ограничено ниво.

Сите поврзани страни поддржуваат алтернативни мерки за затворање на прекршителите-корисници. Тие се убедени дека алтернативните мерки ќе резултираат во намалување на затворските казни и намалување на негативните последици од кривичното гонење и краткотрајните затворски казни на зависниците. Сепак програмите за социјална реинтеграција се речиси непостоечки. За повеќето земји од ЈИЕ, стратегиите за социјална реинтеграција се карактеризираат или како некохерентни или како само номинални, и се чини дека сме далеку од имплементирање на таква политика. Еден конзистентен пристап овде би содржел политика која ги зема во обѕир алтернативите на затворањето, проследена од практична примена.
д. Релевантните власти и државните агенции и давателите на услуги се резервирани во врска со предлозите за реформирање на законите за дроги, додека граѓанските здруженија бараат реформи
Релевантните национални власти и државните агенции и служби се внимателни во нивните реакции за предлозите за промени на политиките. Предлозите за реформи најчесто се сметаат за спротивни на меѓународните конвенции. Владите и парламентите го користат просторот кој се јавува во меѓународните конвенции за да воведат нови начини за соочување со проблемот, но се неподготвени да разговараат за реформи на моменталниот систем за контрола на дрогите.
Граѓанските здруженија јасно ги изразуваат своите желби за реформа во неколку области, особено во врска со декриминализацијата на поседувањето на дроги за лична употреба и желбата за потврдување на сервисите за намалување на штетите во национална легислатива. За интравенските корисници на дрога се разгледува можноста за воспоставување на надгледувани простории за користење дрога како неопходна мерка за превенција со цел да се избегне ширењето на ХИВ. Граѓанските здруженија сепак се загрижени поради општиот став на јавноста, кој е резервиран по однос на декриминализацијата.
ѓ. Економската криза е реалистична закана за услугите за третман и за намалување на штети
Иако во повеќето случаи, особено во последните неколку години, владите потпомогнати од граѓанските здруженија направија голем напредок во развојот на своите политики за намалување на штетите и услугите понудени на корисниците на дроги, пречките главно поврзани со немањето на финансиски ресурси и, до одреден степен, со културата на недоверба и фобични општества, во голема мера ги поткопуваат програмите и иницијативите за размена на опрема за инјектирање и воспоставување на надгледувани простории за користење на дрога. Промената на интересот во оваа насока е, сепак, особено важен развој кој силно ќе влијае врз развојот на политиките за дрога во ЈИЕ, особено поради ефектот на поширока европска политика.
Под товарот на економската криза, сервисите за третман и за намалување на штетите, заедно со здравствените прашања воопшто, медицинската и фармацевтската грижа и други социјални бенефиции – се поместуваат на маргините од една централна политика, додека сериозното намалување на средствата веќе покажува драматични влијанија. Повеќето од земјите од ЈИЕ сега се соочуваат со непредвидлива иднина во финансирањето на третмани и програми за намалување на штетите затоа што повеќето се (или беа) поддржувани од Глобалниот фонд, а сега повеќето не се во состојба да добијат нови фондови. Ако националните влади не ги финансираат овие услуги, повеќето од нив ќе престанат да фунционираат поради недостаток на средства.
е. Производството и употребата на канабис се доминантни во сите земји во регионот
Култивацијата и употребата на канабисот се доминантни во сите земји од ЈИЕ. Големи количини на растенија канабис се откриваат, корнат и конфискуваат од властите. Во исто време, постои ограничена дебата за реформите за канабисот. Иницијативите во некои земји од регионот не вродија со сериозно политичко разгледување на ова прашање.
ж. Небалансирано трошење на финансиските средства
Општо земено, средствата достапни за намалување на понудата и на побарувачката на дрога не се урамнотежени. Националните стратегии даваат сеопфатен преглед во кој елементите за намалување на понудата и на побарувачката на дрога се балансирани. Сепак, во пракса, постојат повеќе потешкотии во примената на овој балансиран приод. Некои ќе речат дека ова е поради недостатокот од буџетски средства. Други истакнуваат дека е прашање на приоритети и на политичка ориентација. Недостатокот од човекови ресурси во програмите за третман е значаен проблем; потребно е да се алоцира одредена сума на пари од државниот буџет за програмите за третман на луѓето кои употребуваат дроги.
Танасис Апостолу
Танасис Апостолу има студирано на Универзитетот во Атина и на Универзитетот во Амстердам. Работел во институтот „Црквата и Светот“ (Kerk en Wereld), во Драјберген, Холандија (1972-1976) и во Православната академија на Крит (1976-1977). Бил директор на „Центарот за работници-мигранти од Медитеранскиот регион“ во Утрехт, Холандија (1977-1989). Бил пратеник на Работничката партија во Собранието на Холандија (1989-2002) и работел како консултант за прашања поврзани со дроги (2002-2010). Од 2010 година е директор на Здружението „Диогенис“.