„Полициските службеници по правило се наоѓаат во средината на целиот хаос“
Полицијата го одржува јавниот ред и мир и се занимава со луѓе кои имаат недолично или насилно однесување, со сообраќајни незгоди, со вооружени престрелки и постојано се изложени на огромен ризик по животот. Нивниот распоред на смени може да биде исцрпувачки (многу често работат во ротирачки и прекувремени смени) и ги спречува да поминат доволно време со своето семејство или да одвојат време за себе. Исто така негативниот публицитет, намалување на буџетот или отпуштање од работа може да предизвика огромен стрес кај полициските службеници. Оваа вознемиреност/стрес што ги имаат на психичкo и физичко ниво може да доведе до тоа дел од полициските службеници да посегнат по психоактивни супстанции (ПАС), легални (алкохол, лекови) и нелегални (амфетамин, кокаин, опијати…) и да развијат зависност.
Зошто полициските службеници посегнуваат кон ПАС?
Полициските службеници во Соединетите Американски Држави претрпуваат многу поголем стрес денес отколку пред 30 години. Имаме ситуација каде што јавната контрола е зголемена, додека неформалните дружења меѓу колегите се избледени. Голем дел од нив се загрижени за прашања поврзани со политичката коректност, културната разновидност, како и постојаното менување на законите. Поради сето ова можеме да заклучиме дека бројни фактори во извршување на работните задачи на полициските службеници придонесуваат за зголемување на стресот, што може да биде мост и директно да придонесе кон злоупотреба на ПАС.
Опасности од работата
Припадниците на Полицијата многу често вршат претреси, водат истраги, санкционираат за несовесно паркирање и пишуваат казни за сообраќајни прекршоци како дел од нивните вообичаени работни обврски, додека поопасен дел од задачите со кои се соочува Полицијата се апсења, разбивање на криминални групи, заложништво и други критични ситуации со високо ниво на
стрес и ризик по нивниот живот.
Распоред за работа
Полициските службеници работат во ротирачки смени. Многу често полицајците работат по 10-/12-часовни смени и тоа неколку денови по ред. Ваквиот распоред на работа не дозволува многу слободно време и одмор додека трае работната недела. Последователните 12-часовни смени може да предизвикаат замор и да ги намалат вештините за критично размислување. Заморот е одговорен за бројни здравствени проблеми, вклучувајќи анксиозност и депресија. Ротирачките смени не им дозволуваат правилно да функционираат и ги лишуваат од сон, а токму лишувањето од сон може да влијае на перформансите исто колку и прекумерното консумирање алкохол. Слично на ефектите од алкохолот, заморот може да ги наруши говорот, координацијата на телото, видот и намалување на рефлексот, кои резултираат со ненавремена реакција. Полициските службеници кои користат ПАС многу често имаат активности кои бараат дополнителен ангажман или дополнителна работа за да ја задоволат својата потреба од ПАС и на тој начин уште повеќе се лишуваат од одмор и добар сон кои директно влијаат на нивното целокупно здравје.
Посттрауматско стресно нарушување (ПТСН)
Вознемирувачките настани како што се истрагите на местата каде што има крвави злосторства можат да имаат влијание врз психата на полицискиот службеник. Ваквите ситуации можат да предизвикаат посттрауматско стресно нарушување, состојба која се развива по трауматски настан. Пациентите со ПТСН често знаат да користат ПАС кои ја менуваат состојбата на умот како начин со кој сметаат дека се лекуваат самостојно. Особено алкохолот, кој е легален и чие дејство ги опушта телото и емоциите, може да обезбеди привремено олеснување. Дури една третина од луѓето пријавуваат проблем со прекумерно консумирање алкохол по трауматски настан или несреќа според Одделот за ветерани на САД.
Јавна критика
Полицијата секогаш е под лупа од страна на пошироката јавност, особено кога се работи за смртни случаи од цивилни пукања кои се многу почести појави сега отколку во минатото. Ваквите случувања привлекуваат големо внимание на медиумите, а со тоа и немири во јавноста кои влијаат на полициските службеници. Справувањата со критиките од јавноста може да бидат многу тешки. Голем дел од полициските службеници успеваат да развијат здрави навики за борба против стресот како што се трчање, вежбање, пешачење и сл. Меѓутоа, постојат и службеници кои својата борба против стресот ја пронаоѓаат во консумирањето алкохол или некоја друга ПАС.
Полицијата и злоупотребата на ПАС
Суровоста и сериозноста на работните задачи придонесува за злоупотреба на ПАС кај дел од полициските службеници. Често користени ПАС се марихуаната, бензодиазепините и амфетамините, меѓутоа најпопуларни ПАС кои ги злоупотребуваат се алкохолот и опиоидите.
Злоупотреба на алкохол
Консумирањето алкохол е честа и позната појава меѓу службениците кои го спроведуваат законот. Тие најчесто алкохолот го користат како алатка со која се релаксираат и се социјализираат или средство со кое ја ублажуваат болката од некој трауматизирачки настан. Ова без сомнение може да доведе до злоупотреба на алкохолот. Стапката на консумирање алкохол е двојно поголема од онаа на општата популација, се вели во списанието на Полицијата (The Journal of Law Enforcement). Користењето алкохол може да го попречи нормалното функционирање на телото, да го наруши спиењето и со тоа да доведе до непродуктивен работен ден. Исто така, како последица од злоупотребата на алкохолот, се појавуваат и други проблеми, пред сè здравствени, социјални и економски.
Злоупотреба на легални ПАС (лекови на рецепт)
Со години алкохолот бил најзлоупотребувана ПАС во Полицијата, меѓутоа тоа денес се лековите против болка. На полициските службеници кои имале повреда на работното место честопати им се пропишувани лекови против болка кои, доколку неконтролирано се употребуваат, можат да развијат зависност. Многу често тие лекови се опијати.
Злоупотреба на стероиди
Службениците на Полицијата кои најголемиот дел од работниот ангажман го поминуваат на терен се сметаат за ранливи кога осомничените се поголеми и посилни. Доколку осомничениот се спротивстави на апсењето, помал службеник може да има потешкотии да го приведе. Затоа некои службеници се свртуваат кон злоупотреба на стероиди за да добијат предност во овие ситуации. Иако стероидите им помагаат на полициските службеници да изградат подобра мускулна маса, да добијат застрашувачки изглед, сепак можат да предизвикаат сериозни последици по нивното здравје. Злоупотребата на стероиди најчесто е поврзана со високиот крвен притисок, кардиоваскуларни проблеми и агресивно однесување.
Симптоми и знаци на злоупотреба на ПАС
Злоупотребата на ПАС го менува однесувањето и може да влијае на перформансите на работа. Полициските службеници кои имаат развиено зависност можат да покажат знаци на злоупотреба на ПАС вклучувајќи: агресивен став, нервозни испади, необичен изглед, недостаток на фокус, чести сообраќајни незгоди, зголемено отсуство од работа поради болест (боледување). Полициските службеници кои злоупотребуваат ПАС во одреден период можат да покажат и знаци на откажување од ПАС и да имаат апстиненцијални кризи кои водат до низа други последици. Овие симптоми се различни во зависност од ПАС која се употребува: болка, анксиозност, депресија, агитација, потење, проширени зеници, гадење, дијареја. Службениците на Полицијата никогаш не треба сами или на своја рака да се справуваат со овие симптоми зашто на тој начин го зголемуваат ризикот по нивното здравје до степен на губење на свест, кома, па и смрт. Важно е да се побара итна медицинска помош кога ќе реши некој службеник да се откаже или да престане да користи одредена ПАС.
Третман и сервиси за поддршка
Полициските службеници кои злоупотребуваат ПАС, пред сè во САД, имаат повеќе опции во борбата со зависноста, меѓутоа медицинскиот третман се смета за најефикасна опција.
Психијатриска поддршка
Психијатрите можат да му помогнат на полицискиот службеник да ја надмине зависноста и употребата на некоја ПАС. Сесиите имаат цел да го променат начинот на кој ја перципира лицето ПАС и да му понуди техники за здрав живот.
Полициски капели
Полициските капели претставуваат духовен ресурс каде што духовни/религиозни лица преку молитва ги советуваат и ги водат полициските службеници кон позитивна промена во однесувањето. Исто така капелите организираат различни духовни работилници за управување со: стресот, етиката и семејниот живот.
Медицински третман
Многу веројатно е дека полициските службеници не сакаат да побараат помош во борбата со зависноста од страв да не биде покрената дисциплинска постапка против нив. Како резултат на тоа тие продолжуваат да користат ПАС и си ја влошуваат нивната состојба. Медицинскиот третман е најефикасна опција во борбата со зависноста. Центрите за лекување нудат сеопфатни услуги за потребите на една личност, додека центрите за рехабилитација нудат повеќе нивоа за грижа како што се: интензивно болничко лекување, амбулантно лекување, како и групи за поддршка. На крај можеме да заклучиме дека буквално никој не може да биде имун на стресот и на сите последици кои можат да произлезат од него доколку не умееме правилно да го управуваме. Потребно е повеќе да се зборува на теми поврзани со стресот и користењето ПАС. Само преку точни информации и едукација на пошироката јавност може да се актуелизира одреден проблем и да се најде соодветно решение за него. Затоа внимавајте на своето здравје и доколку ви се појави некој проблем поврзан со употреба или злоупотреба на ПАС, обратете се кај професионално лице.
Автор: Богдан Колев
Богдан Колев е дипломиран социјален работник кој седма година е професионално ангажиран во ХОПС. Во текот на неговиот професионален ангажман во ХОПС има работено и сè уште работи со корисници на дроги, како со возрасни корисници, така и со малолетни корисници. Освен тоа беше дел и од „Летната школа за зависности“ која ја организира ХОПС во улога на едукатор на тема „Намалување на штети од употреба на дрога“. Исто така беше дел од тимот на ХОПС кој учествуваше на Д-фестивалот каде што држеше едукација на тема „Клупски дроги“.
Извори:
Ashley, L. (2004, October 1). Police trauma and addiction: coping with the dangers of the job. Retrieved from < http://www.thefreelibrary.com/Police+trauma+and+addiction%3A+coping+with+the+dangers+of+the+job.-a0125229636 >.
FBI Uniform Crime Reporting. (n.d.). Officers Feloniously Killed. Retrieved from< https://ucr.fbi.gov/leoka/2014/officers-feloniously-killed/main >.
James, S.D. (2007, October 18). Police Juice Up on Steroids to Get &#39;Edge&#39;
on Criminals. Retrieved from < http://abcnews.go.com/US/story?id=3745740&amp;page=1 >.
National Institute of Justice Journal. (2000, January). On-the-Job Stress in Policing — Reducing It, Preventing It. Retrieved from < https://www.ncjrs.gov/pdffiles1/jr000242d.pdf >.
National Institute on Alcohol Abuse and Alcoholism. (1998, July). Alcohol and Sleep.
Retrieved from < http://pubs.niaaa.nih.gov/publications/aa41.htm >.
U.S. Department of Veterans Affairs. (2015, August 13). PTSD and Problems with Alcohol Use. Retrieved from < http://www.ptsd.va.gov/public/problems/ptsd-alcohol- use.asp >.