Повеќе од очигледна е недоволната интеграција на младите во регионот во системот за носење одлуки, тешката социоекономска ситуација, животот во земји каде што владеењето на правото не е целосно воспоставено, па одовде е зголемениот ризик од социјална исклученост. Во прилог на ова се и податоците за високите стапки на невработеност, малиот степен на младински активности на пазарот на труд, несообразноста на образованието со потребите на пазарот на труд, несоодветната социјална заштита, недоволното ниво на социјален активизам и учество, како и општата несигурност од недоволното владеење на правото.
Категоријата „млади луѓе“ вклучува категории изложени на посебен ризик од социјална исклученост кои, покрај отежнителните фактори од средината со која се соочува општата популација на младите, се обележани со дополнителни попречувачки околности поврзани со една специфична група со што се зголемуваат шансите од долгорочна социјална исклученост. Можно е овие фактори да потекнуваат од дискриминацијата во заедницата во која живеат, нефункционалната семејна средина, живот под границата на сиромаштија, средина без поттик и поддршка, искуства со употреба на дрога или конфликт со законот.
Групата здруженија на граѓани со долгогодишно искуство со поддршка на младите изложени на ризик од социјална исклученост се соединија за соработка на проект што има цел да ги подобри политиките и практиките на владините и граѓанските организации во однос на различните групи млади. Една од заедни чките активности е регионалното истражување на условите во кои живеаат младите изложени на ризик од социјална исклученост на Западен Балкан.
Во рамките на проектот поимот „млади во ризик“ ги вклучува следниве целни групи: млади и деца во конфликт со законот, млади и деца кои употребуваат дроги, млади кои живеаат во семејства во конфликт со законот и/или употреба на дроги, млади и деца со улично искуство, млади Роми и млади кои излегуваат од институции за формална грижа.