Денес е 26 Јуни – Интернационалниот ден на Обединетите нации за борба против употребата на дроги и недозволената трговија со дроги. Вообичаено на овој ден Владите ширум светот ги претставуваат успесите на нивните политики во однос на дрогите, ги промовираат нивните строги закони и во изјавите се залагаат дека ќе се борат уште повеќе против дрогите. А не така одамна некои земји вршеа јавно линчување на сите оние кои го прекршиле законот за дроги.
Работите почнуваат да се менуваат, и се е поголем бројот на држави, организации и јавни личности кои бараат промени на ваквата пракса, а од минатата година на овој ден ширум светот се спроведува кампањата “ПОДДРЖИ. НЕ КАЗНУВАЈ ”. Истата се оддржува во повеќе од 80 градови во светот и преку нејзе голем број на здруженија на граѓани, јавни личности, интелектуалци од целиот свет ќе побараат владите да воведат и промовираат похумани и ефективни политики за дроги кои се базираат на јавното здравје и човековите права. Поддршка и јавно залагање за промена на политиките искажаа и актуелниот престедател на Уругвај José Mujica, поранешната престседателка на Швајцарија Ruth Dreifuss, Brad Pitt, Sir Richard Branson, Kofi Annan, Russell Brand и други.
ХОПС е дел од оваа кампања и по тој повод денес ќе оддржиме прес конференција за да ја информираме јавноста за горливите прашања поврзани со употребата на дрога во Р. Македонија. Во однос на третирањето на проблемот со дроги, Македонија е добар пример и лидер во регионот кога станува збор за програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги има во сите поголеми градови. Сепак државата се соочува со повеќе проблеми а еден од клучните е состојбата со лекувањето и ресоцијализацијата на лицата кои употребуваат дроги.
Имено според Испитувањето на Институтот за Јавно здравје во нашава земја има околу 10.300 – 10.900 лица кои проблематично употребуваат дроги, од кои најголемиот дел инјектираат дроги. Од нив на третман се околу 1.500 или 15 % што е многу низок степен на покриеност на популацијата. Според европски стандарди државата има добра политика ако барем 60% од популацијата на корисници биде во контакт со некоја програма за лекување. Очигледно е дека ние сме далеку од тој стандард. Исто така комплетно изостануваат програмите за ресоцијализација кои ги има во само 4 града во Македонија.
Посебен проблем кој сакаме да го потенцираме е недостатокот на програми за лекување и грижа за децата кои употребуваат дроги. Во Македонија нема програми за третман за деца кои употребуваат дроги и нема програми за ресоцијализација на тие деца. Според податоците добиени од центрите за превенција и третман на лица кои употребуваат дроги во послендиве три години нема ниту едно дете под 18 години кое е на третман со метадон и бупренорфин.
Ние сметаме дека неможноста за лекување и социјализација е еден вид на казна. Во оваа прилика сакаме да им го честитаме повторниот избор на Министерот за труд и социјална политика и Министерот за здравство и ги повикуваме, да ги поддржат децата кои користат дроги и колку што е можно побргу да започнат со отворање на програми за нивен третман грижа и социјализација.
ПОДДРЖИ. НЕ КАЗНУВАЈ! Затоа што се работи за иднината на овие деца, а децата се иднината на нашата земја!