Од секогаш сум имала чувство дека кај нас на повеќето луѓе им било полесно да се приспособат на некои одлуки кои ги наметнува општеството, отколку да се борат за промени.
Кога почнав да работам како теренски работник во ХОПС со деца кои користат дрога бев во шок. Во голема мера поради тоа што немав претстава дека деца од 4 години почнуваат да вдишуваат лепак и дека деца од 8 или 9 години можат да се најдат во состојба да инјектираат метадон и дијазепам. Но, најмногу ме шокираше тоа што не постои можност за лекување и ресоцијализација на овие деца. Затоа и ја сакам оваа работа. Среќна сум што им помагаме на децата кои употребуваат дроги. Барем колку што ни дозволуваат законските рамки. А тие се прилично крути кон овие деца.
Најголем број деца со кои контактираме како теренски тим се деца на улица. Тоа е така затоа што тие деца се видливи и ги забележуваме како се движат низ градските улици и како питачат. Она што досега го имам забележано кај нив е тоа дека се плашат од професионали кадри, од институции и од полиција, а најмногу ме боли тоа што се плашат од социјалните работници. Затоа често се прашувам дали и како нашиот систем потфрлил со работа и грижа за овие деца. На почетокот се плашеа и од нашиот тим. Им беше страв дека ќе ги земеме и однесеме во детски дом, а со тоа ќе ги разделиме од нивните родители. Секако, повеќето од нив се сместени во детски домови, но и покрај тоа секојдневно ги наоѓаме на улица како вдишуваат лепак, инјектираат метадон и питачат. И никако не можам да разберам како е можно повеќето од овие деца никој да не ги бара, никој да не се грижи за тоа каде се и што прават. Постои ли нешто што би можело да ги мотивира да останат во детските домови и да го продолжат нивното образование?
Морам да признаам дека ни требаше време да ја стекнеме нивната доверба. Она што можам да го прикажам како значаен момент од моето лично искуство е макотрпното справување на родителите со проблемот на зависност од дроги кај нивните деца и барање решение за излез од тој проблем. Меѓутоа, одговорноста не може да биде само на родителите. Инстититуциите треба да знаат, а претпоставувам дека го знаат овој проблем, и треба да реагираат. Тука посебно говорам за Центарот за социјална работа и за Министерството за здравство.
Од праксата можам да издвојам родители кои се борат да се справат со зависноста од дрога на нивните деца и се обидуваат да ја решат на разни начини. Некои ги носат децата на Клиниката за психијатрија, на Одделот на детска и адолесцентна психијатрија. Некои се обидуваат да го решат проблемот во домашни услови. За жал, сè почести се овие родители. Едноставно некои од нив немаат волја да се обратат во некоја институција или кога ќе решат да се обратат наидуваат на празни одговори кои не нудат никакво решение. Затоа се затвораат дома и се обидуваат да најдат некакво решение. Колку и да звучи сурово некои, пак, не сакаат да се соочат и ги препуштаат децата сами на себе. Кога станува збор за ваква ситуација децата потклекнуваат на предизвиците кои им ги нуди околината сè со цел полесно да се вклопат во неа.
Обично децата со кои контактираме, како што веќе напомнав, се деца на улица. Многу често тие се движат во група, групата е составена од машки и од женски деца на возраст од 7 до 16 години. На тој начин тие треба да се снаоѓаат сами, да најдат пари за дрога, а најчесто тие пари ги заработуваат од питачење или од кражби. Поради ова децата се принудени самостојно да донесуваат низа одлуки несвојствени за нивната возраст како кражби и размена на сексуални услуги. Оттука, покрај тоа што овие деца се изоставени и дискриминирани од општеството, на нив секојдевно им се наметнуваат сè повеќе и повеќе „етикети“. Со ова однесување е ставен под знак прашалник психичкиот развој на овие деца.
И сега се поставува прашањето: Што со овие деца, кој ја презема одговорноста за нив? Родителите, државата, институциите?
Ние како тим двапати неделно одиме на терен, им нудиме поддршка, ги поттикнуваме и ги информираме оние лица кои немаат пристап до тие информации. Според моето досегашното искуство имам впечаток дека институциите немаат слух за преземање конкретни чекори за надминување и за решавање на овој проблем, иако имаат отворена покана за присуство на нашите терени. За среќа, ХОПС не е единствената организација која се грижи за децата кои употребуваат дроги, што се покажа во јуни 2016 година кога 18 здруженија на граѓани ја поддржаа медиумската кампања која зборуваше за проблемите со кои се соочуваат овие деца. За поздрав се и заложбите на народниот правобранител кој известува за состојбата на децата кои употребуваат дроги, но се залага и за отворање програма со соодветен протокол за третман на деца кои употребуваат дроги. И Комитетот за заштита на правата на детето, Комитетот за човекови права, Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жената и Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација изразија загриженост и дадоа препораки за поддршка на децата кои употребуваат дроги. Сите комитети препорачуваат државата да овозможи достапност на програми за превенција од употреба на дроги, како и програми за рехабилитација на сите деца кои употребуваат дроги.
Ивана Шалевска
Авторката е социјална работничка во теренскиот тим за намалување ан штети од употреба на дроги во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.