Платформата за родова еднаквост бара од работодавачите да ги ослободат работничките од работни обврски за да присуствуваат на Маршот за 8 Март

0

Платформата за родова еднаквост упатува барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски на 8 март (понеделник) од 14.00 до 17.00 часот за да можат да присуствуваат на овогодишниот марш под наслов „Држава што не постапува е држава што силува“.

Платформата за родова еднаквост секоја година на 8 март организира марш со цел унапредување на состојбите со правата на жените. Оваа година маршот е посветен на потребата од поголема заштита на жртвите во случајот „Јавна соба“ и кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство и сексуално вознемирување. Со маршот ќе побараат систематска и доследна заштита на жртвите во сите случаи на насилство врз жени и родово засновано насилство, преку унапредување на работата на клучните институции.

„Бидејќи родово заснованото насилство е проблем кој го засега целото општество, па оттука е и одговорност на сите чинители, работодавачите треба да го поддржат овој марш со тоа што ќе им овозможат на жените да присуствуваат. На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општествено одговорни чинители кои застануваат на страна на жените жртви на насилство.“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Насилството над жените ги засега и работните односи. Од една страна, тоа се појавува и во работни средини, најчесто во форма на мобинг и вознемирување, за што работодавачите имаат обврска да преземат превентивни и заштитни мерки. Од друга страна, насилството над жените има негативно влијание на нивното здравје, работоспособност, посветеност на работата и кариерното унапредување создавајќи бариери за еднакво учество на пазарот на трудот.

Маршот ќе се одржи на 8 март со почеток во 15.00 часот пред МВР (ул. Димче Мирчев бр.9, главен влез), а ќе заврши во Паркот Жена Борец.

„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и на сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, се вели во објавата на Маршот за 8 Март.

 

Инфо за контакт:

rodovaplatformа@gmail.com | (02) 324 55 36

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.