Тимот за креативно изразување од ХОПС е дел од Меѓународно списание за наука и уметност – ИДЕЈА.
Прегледот на активности и резултати на Европскиот Универзитет-Скопје се збогатува со уште едно издание на меѓународно списание за наука и уметност Идеја. Ова декемвриско (во 2019 година) појавување е тематски насочено, како практикувана можност за пројавување на авторски определби, идеи, размислувања, проектирања. Тематскиот опфат/ панорамата се засновува на новите парадигми во инклузивното општество
“Пластика” е делото на ХОПС кое претставува визуелна тридимензионална дискусија создадена од реупотребени пластични предмети кои ги претставуваат предизвиците на денешниот општествен живот. За основен медиум се користи пластична амбалажа која е реупотребена, реобликувана и дополнета со различни реупотребени предмети од опкружувањето, избрани и компонирани од маргинализирани луѓе и индиректно отсликува визија за дијалог помеѓу дискриминираните стигматизирани социјално загрозени единки и групи, наспроти останатите општествени чинители. Тој чин влијае на подигнување на свеста за околината, овозможувајќи учество во креирањето и реализирањето на целите за квалитетно заедничко општествено живеење за сите подеднакво. Пластика е дел од живата мобилна просторна инсталација „Реупотреба на умот“, која како основа е создадена од раце и ум на економски и социјално загрозена група луѓе и зборува за потребата заеднички здружени да вложуваме во обновувањето на општеството. „Реупотреба на умот“ е инсталација која секогаш кога е во контакт со публика/учесници добива нова димензија повикувајќи ја публиката да даде пластичен изглед и форма на предизвикoт со кој се соочува и го мотивира да направи акт на преземање одговорност. Од тука, Пластика е полна со надежи и нуди решение преку реупотребата на сите природни и општествени ресурси. Ова дело ја нагласува полезноста од постојаната комуникација во заедничкото живеење и особено ја акцентира комуникацијата со младите кои се непресушен потенцијал за изградба на општество кое нуди еднакви можности за сите.