Дроги – Политики и практики
Тема на бројот – Зошто е битна едукацијата?
С О Д Р Ж И Н А
Неформалното образование како поттикнувач на општествени промени
Стручната подготвеност е резултат на сите информации, знаења и вештини кои ги добиваат професионалците преку формалното и неформалното образование и преку сите лични и професионални искуства. Особена е важноста на неформалното образование бидејќи знаеме дека формалното образование не успева целосно да ги задоволи потребите за личен и за професионален развој на младите, а неформалното образование придонесува во процесот на доживотно учење и развивање на човечкиот капитал. Авторка: Аница Димовска
За образование втемелено на факти, наместо на стереотипи
Во септември 2015 година, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ објави анализа под наслов „Користењето дроги и живеењето со ХИВ во образованието“. Анализирани се 22 учебника и наставни помагала за средно и за високо образование во Македонија во кои има теми за дроги и за ХИВ/СИДА. По тој повод разговаравме со Драгана Дрндаревска, уредничка на анализата. Според Дрндаревска, основните согледувања покажуваат дека учебниците и наставните помагала изобилуваат со стигматизација и дискриминација кон корисниците на дроги и лицата кои живеат со ХИВ. Целта на анализата е да апелира за итни измени на учебниците и на учебните помагала што содржат, од повеќе аспекти, несоодветни и неточни содржини што придонесуваат за стигматизацијата и социјалното исклучување на корисниците на дроги и на лицата кои живеат со ХИВ. Разговорот го водеше: Ирена Цветковиќ
Образованието неопходно за унапредување на правата на луѓето кои употребуваат дроги
Во сите учебници се користи терминот „наркоман“, „наркоманија“, „нарко-зависник“, што се спротивни на стандардите за заштита на човековите права и го повредуваат достоинството на луѓето кои употребуваат дроги. Покрај употребата на погрдните термини, авторите многу често нив ги ставаат во негативен контекст каде што луѓето кои употребуваат дроги се поистоветуваат со криминалци и со сторители на кривични дела. Исто така дел од учебниците содржат погрешни информации во врска со начинот на кој е регулирана употребата на дрога, класификацијата на дроги, нивното дејство и последиците од употребата на дрога. Авторка: Наташа Бошкова
„Back to the drawing board“: Исечоци и впечатоци од Летната школа за зависности од дроги
Ова лето во Охрид, во хотелот „Белведере“, по четврти пат се одржа Летната школа за зависности од дроги, организирана од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Школата имаше дваесет учесници од различни профили ‒ психолози, социјални работници, правници, доктори и студенти од Факултетот за безбедност, одбрана и мир. Интензивната програма траеше осум дена, вклучувајќи повеќе интерактивни блок-предавања дневно, како и посета на два центри за намалување на штетите од злоупотреба на дроги во Охрид. За мене, како млад и сѐ уште професионално неоформен психолог, печалењето на искуство со работење во која било област каде што мојата професија е од голема корист е апсолутно добредојдено. Со оглед на недостатокот на вклученост на зависностите од дроги како тема што го демне менталното здравје на поединецот и заедницата во курикулумот на нашите факултети, одлучив да се пријавам на Летната школа за зависности од дроги со мошне едноставна цел: да постигнам најосновно ниво на информираност за оваа проблематика, што потем би можела да го надградувам според понатамошните прилики. Притоа би можела со задоволство да искоментирам дека со учеството во оваа школа успеав да ги надминам моите скромни очекувања – наместо запечатување на веќе преверглани стереотипи, во мене се отворија многубројни свежи прашања, а дел од нив ќе се потрудам да ги споделам во освртот што следува. Авторка: Марија Грубор
Едукации за туберкулоза и коинфекција на туберкулоза со ХИВ
Пред едукациите, корисниците на дроги во Куманово не беа многу запознаени со тоа што е туберкулоза, ниту за коинфекцијата на тубркулоза со ХИВ/СИДА. Мислеа дека тоа е болест од која се умира и за која нема лек. Тоа им беа познавањата со кои располагаа. Со одржување на едукациите заинтересираноста почна да се зголемува. Автор: Роберт Јовановски – Которац
Многу личности значајни за филозофијата и современата мисла зборувале за дрогите. Еден од нив е познатиот француски филозоф Мишел Фуко кој во неколку интервјуа без задршка зборува за дрогите. Автор: Влатко Деков