Поддржи ја петицијата која е повик до Министерството за здравство и до Владата на Република Македонија за обезбедување финансиски средства и продолжување на програмите кои работат на превенција на ХИВ и намалување на штети од употреба на дроги!
Понатамошниот опстанок на програмите за намалување на штети од употреба на дроги и превенција на ХИВ е неизвесен. Досегашната финансиска поддршка на Република Македонија од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија завршува во јуни 2017 година, со што над 10.000 луѓе кои употребуваат дроги како и членовите на нивните семејства ќе останат без соодветна социјална и здравствена заштита.
Благодарение на програмите за намалување на штети, во последниве десет години во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5% од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги. Овие бројки се далеку помали за разлика од соседните земји. Македонија може да се пофали со најниска стапка на ХИВ во Југоисточна Европа но доколку не се одржат овие програми постои ризик од појава на епидемија на ХИВ, како резултат на интеракција со епидемиите во соседните земји и на можноста за зголемување на ризичното однесување.
Во Македонија има 17 програми за намалување на штети (4 во Скопје и по една во други 13 градови). Овие програми се ефикасни и финансиски исплатливи. Според пресметките, трошокот за еден клиент во програмите за намалување штети изнесува приближно 155 евра годишно. Наспроти ова, трошокот само за лекови за еден пациент заболен од хепатит Ц изнесува и до 13.194 евра, а ненавременото и несоодветно лекување на хепатит Ц предизвикува цироза и рак на црниот дроб, чие лекување чини повеќе од 30.000 евра по пациент. Дополнително, трошоците за лекување ХИВ и хепатит Ц финансиски ги исцрпуваат семејствата на луѓето кои имаат потреба да се лекуваат, а со тоа понатаму се мултиплицираат непожелните трошоци и се нарушува целокупната општествена благосостојба.
Затоа, ние потписниците на оваа петиција бараме од Министерството за здравство и Владата на Република Македонија:
– Донесување на итно решение за користење на средствата од програмата за ХИВ и преостанатите средства од Глобалниот фонд за клучните програми ширум земјата и со тоа да се обезбеди континуирана помош за граѓаните и за превенцијата на ХИВ.
– Да се воспостави соработка помеѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни за донесување на соодветни закони или подзаконски акти и мерки кои ќе гарантираат транспарентност, соодветна експертиза и долгорочна одржливост и развој на програмите за превенција на ХИВ.
Потпишете ја петицијата ТУКА!