Имајќи ја предвид основната функција на Полицијата која се состои од заштита и почитување на човековите слободи и права, а истовремено спречување и откривање на казниви дела, како и гонење на нивните сторители, се создава „лизгав терен“, а со тоа и чести дилеми кај корисниците на дроги за границите на полициските овластувања и нивното евентуално пречекорување (член 3 од Закон за полиција [„Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016, 21/2018 и 64/2018], Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 211/2006 од 05.11.2008 година објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 148/2008, Закон за внатрешни работи [„Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009]).
Во обидот да се заштитат граѓаните, а истовремено да се откријат сторителите на казниви дела, Полицијата е овластена да презема мерки кои понекогаш значат и сериозен упад во човековите слободи и права. Сепак, преземањето такви мерки се применува само во исклучителни ситуации и мора да биде претходно утврдено со закон. Познавањето на правото може да биде од корист при контактот на корисниците на дроги со Полицијата, особено доколку им се ставаат на товар случаи кои се поврзани со дроги бидејќи во овие случаи честопати постои несоодветна примена на казненото право од страна на органите на кривичниот прогон, вклучително и од страна на Полицијата.
Практиките на органите на кривичниот прогон за примената на член 215 (Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори) од Кривичниот законик укажува на недоволно разбирање на оваа одредба и нејзината суштина, односно на целта на одредбата да ги заштити вредноста/доброто. Одредбата инкриминира повеќе дејствија поврзани со дроги, но со цел продажба/купување, односно пуштање во промет, а не и држење на дрогите со намера за лична употреба.
Личната употреба на дрога не претставува кривично дело. Доколку дрогата се консумира на јавно место, тогаш постои можност да се утврди прекршок за нарушување на јавниот ред и мир и обврска да се плати прекршочна глоба: „Кој се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“ (Закон за прекршоците против јавниот ред и мир [„Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2007 и 152/2015]).
Праксата на органите на прогонот која се воспостави врз основа на интерните упатства на Јавното обвинителство укажува дека држењето до 5 грама марихуана, 2 грама кокаин или 2 грама хероин се смета за држење дрога од помало количество, а секоја количина над споменатата се смета за држење дрога од поголемо количество, а и во двата случаи, во согласност со досегашната пракса, се претпоставува намерата за продажба.
Поаѓајќи од претпоставката дека постои намера, самото држење дроги сосема погрешно се поврзува со кривичното дело од член 215 од КЗ, а за ова дело законот пропишува казна затвор од три до десет години (за помало количество од 6 месеци до 3 години, односно може да се изрече и условна осуда). Лицата кои ќе се затекнат со дрога за лична употреба треба да ја темелат својата одбрана на непостоењето намера за пуштање во промет и дека ја користат само за себе, иако во праксата кај нас, имајќи го предвид постапувањето на органите, исклучително е тешко да се докаже дека не постоела таква намера.
Всушност, одредбата од член 215 од Кривичниот законик содржи повеќе инкриминирачки дејствија, но сите тие се директно или индиректно поврзани со пуштање во промет:
(1) Тој што неовластено организира, произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.
(2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
Првиот контакт на Полицијата со корисник на дроги го најавува погрешниот пристап на целиот систем (Обвинителство, суд) кон оваа одредба, а со тоа паралелно се појавуваат и бројни злоупотреби на надлежностите.
„Седев со другарка на клупа во парк во неделата попладне. Видов жена и маж како ни доаѓаат од зад грб, не ги познав. Жената одеднаш ми ја фати и свитка раката при што бев принудена да го пуштам „џоинтот“, почна да ми вика и да ми се заканува. Во цивилка беше, не се легитимираше. Да не претпоставев на време дека е полицајка, ќе мислев дека сака да ме ограби и ќе ја удрев за да се одбранам“ – И. П., Скопје, декември 2019 година.
Полицискиот службеник во униформа при примена на полициските овластувања е должен да се легитимира. Кога полицискиот службеник ги применува полициските овластувања во цивилна облека најнапред е должен да се легитимира (член 33, ibid). Значи, првото дејствие кое го презема полициски службеник во „цивилка“ е легитимирањето. Постои исклучок од оваа обврска единствено доколку реалните околности укажуваат дека би можела да се загрози целта на постапувањето, но и во тие случаи полицискиот службеник својот статус мора да го најави со зборот „ПОЛИЦИЈА“. Во спротивно, како што е опишано и во самото сведоштво, постои голема веројатност корисникот на дроги да се доведе во заблуда во однос на лицето кое му се доближува и да примени мерки за да се одбрани од претпоставен кривично-правен настан што ќе го искомплицира случајот дополнително.
Замислената самоодбрана од претпоставен напаѓач може да доведе до ставање на товар за напад врз службено лице. Сепак, заблудата во која би се довело лицето кое напаѓа е правно релевантна и го ослободува од кривична одговорност за нападот врз полицискиот службеник кој не се легитимирал (лицето погрешно сметало дека постојат околности според кои, доколку тие навистина постоеле, тоа дело би било дозволено).
Повикување граѓани
Во согласност со одредбите од Законот за полиција, Полицијата е овластена со писмена покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи (член 43, ibid). Сепак, граѓаните не се должни да дадат информации, односно можат да одбијат да соработуваат со Полицијата. Доколку граѓанин се јавил на поканата, а одбил да даде известување, не смее да се повикува повторно од истите причини. Доколку Полицијата инсистира и повеќе пати го повикува лицето за истата работа и покрај одбивањето, во тој случај ги пречекорува своите надлежности. Повикување граѓани за кои смета Полицијата дека можат да дадат информации во врска со казниво дело, во пракса често се врши и телефонски без образложување на причините за повикувањето. Најчесто граѓаните во ваква ситуација се исплашени, чувствуваат притисок и одлучуваат веднаш да одат во станица и да дадат исказ. Сепак, доколку одлучат да соработуваат со Полицијата, потребно е да знаат дека Полицијата по спроведениот разговор треба да им издаде службена белешка која може да им послужи во натамошна постапка.
„Ми се јави инспектор на телефон попладне во 18 часот, беше културен, се претстави, ми соопшти од каде го добил мојот број и ми рече најдоцна за 1 час да одам во полициска станица на разговор. Не ми кажа од која причина. Отидов веднаш таму, но не можев ни да претпоставам за што сум повикана. Не знаев дали ми треба адвокат, а немав ни време да се јавам и да побарам совет“ – А. М.,
октомври 2019 година, Скопје.
Во согласност со Законот за полиција, полицискиот службеник е овластен да повика лице и усно при што е должен да му ги соопшти причините за повикувањето, а со согласност на лицето може да го превезе до службените простории (член 45, ibid). Во случајот не биле соопштени причините за повикувањето и со тоа полицискиот службеник ги прекршил своите обврски како службено лице, а го повредил правото на граѓанинот да биде навремено информиран за причините за повикувањето.
Приведување граѓани во Полиција или друг надлежен орган
Приведување се врши врз основа на писмена наредба издадена од надлежен суд или распишана потерница во согласност со закон заради спроведување во просториите на Полицијата, друг надлежен државен орган или до местото одредено со наредбата. Притоа полицискиот службеник има обврска на лицето кое треба да го приведе претходно да му ја предаде писмената наредба врз чија основа го прави тоа. Единствен исклучок постои во случаите кога полицискиот службеник се сомнева дека лицето ќе даде отпор.
Приведувањето во периодот од 22,00 часот до 6,00 часот наутро се врши само во исклучителни ситуации, односно кога тоа е нужно заради преземање активности кои не трпат одлагање, а лицето не може да се приведе надвор од тоа време. Сепак, постои можност полицискиот службеник без наредба на надлежен суд да приведе лице затечено при извршување прекршок ако не е можно да се утврди идентитетот на сторителот или ако тој нема престојувалиште, или ако со заминувањето во странство заради престој би можел да ја избегне одговорноста за прекршокот, или ако постојат околности што ја прават основана оцената дека сторителот би продолжил со прекршокот, или дека ќе го повтори.
Ако сторителот е затечен при сторување прекршок (вклучително и прекршокот – оддавање на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори) во време кога судот не работи или ако постојат околности што укажуваат на опасност дека ќе побегне, или ќе продолжи со прекршокот, или прекршокот ќе го повтори, полицискиот службеник може да го задржи. Задржувањето трае додека не биде можно сторителот да се приведе пред надлежниот суд, но најдолго 12 часа. Со задржувањето подолго од 12 часа, Полицијата ги пречекорува со закон утврдените овластувања.
Задржување граѓани
Доколку за лице кое користи дроги Полицијата располага со докази дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, може да го задржи. Да потенцираме дека и држењето дрога за лична употреба Полицијата (вклучително и Обвинителството и судот) го третира како кривично дело. Оттука сите мерки кои ќе бидат применети од органите на прогонот, за дејствие кое нема обележја на кривично дело, а погрешно се смета дека има, претставува повреда на човековите права.
Полицискиот службеник може да го задржи лицето лишено од слобода кое е затечено при извршување на прекршок, како и лице лишено од слобода кое го нарушува или загрозува јавниот ред и мир, а воспоставувањето на јавниот ред и мир или отстранувањето на загрозувањето не може да се постигне на друг начин. Притоа задржувањето може да трае најмногу 12 часа.
Дополнително полицискиот службеник може да задржи лице лишено од слобода кое е под дејство на алкохол или други психотропни супстанции при што задржувањето може да трае најмногу 12 часа. Полицискиот службеник може лицето затечено на местото на извршување на кривично дело да го упати кај јавниот обвинител или да го задржи до неговото доаѓање доколку тоа лице би можело да даде податоци важни за кривичната постапка и доколку е веројатно дека неговото испитување подоцна не би можело да се изврши или би било поврзано со значително одолжување или други тешкотии при што задржувањето не може да трае подолго од шест часа.
Што во случај кога Полицијата ги пречекорува своите надлежности?
Кога лицето кон кое се применети полициските овластувања смета дека полицискиот службеник ги повредил неговите слободи и права има право да поднесе претставка до Полицијата.
Полицијата е должна да изврши проверка по наводите во претставката и во рок од 30 дена од денот на приемот на претставката, во писмена форма, да го извести подносителот за преземените мерки. Надлежен орган за постапување по претставките е Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, кој дејствува како контролен механизам над работата на Полицијата. Претставката може да се поднесе и онлајн, на веб- -страницата mvr.gov.mk.
Дополнително Народниот правобранител како заштитник на човековите слободи и права, како и граѓанските организации (Хелсиншки комитет за човекови права, ХОПС, Коалиција МАРГИНИ и други) кои работат во оваа област можат да понудат правна помош при процесуирањето на случаите на повреда на човековите права од страна на полициските службеници.
Авторка: Росана Богатинова: Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во областа на кривичното право и криминологијата. Од 2015 година активно работи на унапредување на човековите права на маргинализираните заедници.