Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи.
Во моментов имаме само 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 беа избрани само 4 градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 немаше ниту една градоначалничка.
Значајно и релевантно политичко учество значи минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот. Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка.
Особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените (вклучително и на локално ниво).[1]
Но, и покрај овие заложби, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само 4 се предводени од жени.
Декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост. Само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.
Ги повикуваме политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка.
Со почит,
Платформа за родова еднаквост