Правото на здравје е загарантирано човеково право во повеќе национални и меѓународни правни документи каде здравјето се дефинира како индивидуално право за кое државата има конкретни обврски да го штити и да се воздржи од активности кои го ограничуваат уживањето на ова право.
За време на пандемијата од Ковид – 19, луѓето кои употребуваат дроги наидоа на низа потешкотии со кои им се ограничуваше пристапот до третман и други здравствени услуги, како на пример, закажување термин за преглед кај специјалист, редуцираниот возен ред кој го отежнуваше пристапот до третман со супституциона терапија особено на луѓето кои живеат во руралните средини, забраната за движење на сите граѓани со која се ограничуваше движењето, намалениот капацитет на работа на здравствени установи кои во периодот на пандемијата се насочени кон справување со вирусот преку што доведе до ограничување на пристапот до здравствена заштита кај луѓето кои употребуваат дроги итн.
Луѓето што употребуваат дроги треба да имаат еднаков пристап до квалитетни и достапни здравствени услуги како и сите граѓани, но за жал во пракса тоа не е случај.
Затоа, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје има чест да Ве покани да земете учество во тематската дискусија која ќе се обиде да даде одговор на низа прашања поврзани со пристапот до третман и други здравствени права на луѓето кои употребуваат дроги.
Дискусијата ќе се одржи онлајн преку платформата ZOOM на 30.09.2021 година (четврток) во 18 часот и истата ќе биде водена од Хајди Штерјова Симоновиќ, извршен директор на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Дискусијата се организира во рамките на проектот “Прекршувања на здравствени права на луѓето кои употребуваат дроги поврзани со бариерите при пристап до третман и други здравствени услуги, вклучувајќи и намалување на штети за време на Ковид-19” кој е финансиски поддржан од Eurasian Harm Reduction Association (EHRA).