Одбележување на 2ри Јуни, Меѓународен ден на сексуалните работници

0

„Да се биде слободен не значи да се ослободите од нечии синџири, туку да живеете на начин кој ја почитува и подобрува слободата на другите.“ – Нелсон Мандела

 СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во соработка со феминистичката платформа Медуза и Сенки и облаци, организираат заедничка кампања со спроведување на активности по повод одбележувањето на 2-ри јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници.

Како повод за одбележување на овој ден претставува акцијата во 1975 година, кога на 2-ри јуни се собрале околу 100 сексуални работници кои ја окупирале црквата Св. Низиер во Лион, Франција, со цел да го изразат својот гнев за нивните дискриминирани и експлоатирани услови за живеење и работење. На 10-ти јуни, во  5 часот, црквата била брутално нападната од страна на полицијата. Оваа нивна протестна акција претставува почеток на меѓународното движење на сексуални работници кои се залагаат за своите права. Оттогаш, секоја година овој ден се одбележува како Меѓународен ден на сексуалните работници во Европа и низ светот.

Одбележувањето на 2-ри јуни има една единствена цел, а тоа е сексуални работници, активисти, пријатели и поддржувачи да се обединат и заеднички да делуваат во насока на промена на свеста кај општата популација, за рушење на стереотипите поврзани со сексуалната работа, за намалување на стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работници, и за подобрување на нивниот статус во општеството.

Овој ден Ве покануваме на неколку онлајн настани, кои можете да ги следите преку нашите социјални медиуми:

– 02.06.2020 – Онлајн подкаст на тема „Живот под маска – сексуалната работа и работничките права“. За родовиот аспект на работничките права во периодот на криза, сексуалната работа и феминизмот и моменталните проблеми со кои се соочуваат сексуалните работнички и работници, ќе разговараат Наташа Бошковa, правничка во Коалиција Маргини Коалиција Маргини и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Тасевска Моника, регионална координаторка на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и Вилдан Дрпљанин, правник во Хелсиншки комитет за човекови права.

– Онлајн хуманитарна аукција „Акција за Реакција“ на собрани хумани автори за помош на сексуалните работници во време на КОВИД-19. Хуманитарната онлајн аукција ќе започне на 02.06.2020 и ќе трае до 09.06.2020, преку социјалната мрежа на Фејсбук: https://www.facebook.com/starsexwork/. Во текот на оваа хуманитарна недела, ќе се реализираат продажба на дела, фотографии, накит и гардероба, собрани и изработени од хумани автори.

 

– 02.06.2020 – “Тие сме” – театарски перформанс со сенки со учество на сексуалните работници. Сведоштва и разговори со сексуални работници за нивната работа и како општеството ги перцепира и реагира на нив. Со што се соочуваат сексуалните работници и од каде црпат сила.

–  Текст „Феминизмот и сексуалната работа“ кој ни го подготвија Елеонора Чичевска и Маргарита Глигуроска.

 

Со почит,

СТАР-СТАР – Здружение за поддршка на маргинализирани работници

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Медуза – феминистичка платформа 

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.