Оваа година ја одбележуваме 25-годишнината од основањето на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Нашите активисти веќе четврт век успешно се борат против ширењето на ХИВ кај најранливите категории граѓани. Благодарение на нивниот ентузијазам и енергија, денес можеме да се пофалиме со најнизок процент на лица заболени со ХИВ во Македонија во споредба со сите држави од околината.
Во изминатиот четврт век ХОПС оствари многу клучни достигнувања кои се од огромна важност за лицата кои употребуваат дроги и за сексуалните работници. Со гордост издвојуваме неколку од нив:
- Политиката за намалување на штети од употреба на дроги која ХОПС ја иницираше во Македонија пред 25 години сега е национална политика на Северна Македонија. Во овој период, ХОПС разви 13 програми за намалување на штети на ниво на целата држава и успеа да ги вгради како дел од националните стратегии за ХИВ и за дроги. Денес овие програми се финансираат од буџетот на Владата на РСМ.
- ХОПС 25 години активно ја спречува трансмисијата на ХИВ меѓу лицата кои инјектираат дроги и сексуалните работници. Во последните 13 години има само еден случај на пренос на ХИВ кај лице кое инјектира дроги и ниту еден случај меѓу сексуалните работници!
- Во 2008 година започнавме судски спор за нехуман и понижувачки третман на секусалните работнички коишто беа приведени во полициска акција. По 15 години, Меѓународниот Суд за Човекови Права во Стразбур донесе пресуда со која Северна Македонија ќе треба да плати обесштетување за нехуман и понижувачки третман на сексуалните работнички коишто беа приведени во полициската акција во 2008 година. Ова победа е неверојатно значајна за промоција и заштита на правата како на сексуалните работници така и за сите маргинализирани заедници во Македонија.
- Напорите за декриминализација на поседувањето дроги за лична употреба прво вродија со плод најпрво во 2008 година кога ХОПС ги спречи законските промени со кои беше предвидена криминализација на луѓето кои употребуваат дроги, а потоа и во 2023 година, кога на предлог на ХОПС, Владата на РСМ ги усвои законските промени со кои се декриминализираше поседувањето на дроги за лична употреба.
- Годишно, активно им помагаме на над 1200 лица кои употребуваат дроги и сексуални работници нудејќи им здравствени, психосоцијални и правни услуги. Во изминативе 25 години над 30.000 граѓани на РСМ добиле услуги од ХОПС.
25 години активно работиме на градење општество во кое на сите луѓе подеднакво ќе им се почитуваат човековите права и слободи и ќе уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба.
Благодарение на нашите напори за застапување, креирање, измена и носење политики во полза на корисниците на дрога и сексуалните работници, им го подобруваме животот на илјадници луѓе, и помогнеме во градење на поинклузивно општество.
