Секој има своја животна приказна, но некако во поголем дел од овие приказни постои приказна која барем во еден свој дел имала допир со дрогите…
Вистината не смее да се игнорира и, навистина, јас не сакам да останам рамнодушна и да не го споделам она што во мене се бори и бара одговори, бара промена, бара решение…
Ме прашаа: – Што доколку твоето дете посегне по дрога, сепак ќе останеш на страната на програмите за намалување на штети и ќе бараш центри за ресоцијализација? Или што доколку твоето дете има проблем со дрогите, нема да го казниш, зарем ќе го поддржиш? Одговорот и на двете прашања е СЕКАКО! Зарем не сме сите луѓе и имаме право да одлучуваме за својот живот? Каде е во денешново време правото на избор?! Свесна сум дека секоја единка барем еднаш во животот имала ситуација кога била во допир со дрогите. И можноста да стапи во контакт е голема. Тоа е, секако, реалност, а ние како родители можеме, како и за другите нешта, да си велиме дека моето дете нема шанси да го направи тоа, нема да проба дрога… и, секако, не сме реални… љубопитството кај своите деца не смееме за ништо да го уништуваме, но можеме да влијаеме да се направат вистинските избори. Исправниот начин да се тргне по вистинскиот пат и да се направат вистинските избори е кога имаме вистинско образование, многу комуникација меѓу нас, разбирање и љубов.
Доколку тргнеме од идејата дека секое човечко битие има право на избор, тогаш имаме и право да речеме дека има право и да користи дроги. Но, прашањето кое се надоврзува е дали единката знае што се дрогите и како се користат. Што предизвикуваат? Каков е исходот? На прво место е едукацијата и запознавањето со последиците. Навистина нема да бидам искрена ако кажам дека е во ред и дека не е страшно ако моето дете користи дроги. Можеби не е страшно доколку проба, но хроничното земање е очигледен бунт, револт, демонстрација, проблем, неможност да се контролира љубопитството. Тогаш родителот треба да ги препознае промените и да ги познава последиците, а секако свесно да бара помош. Но, каде е помошта?! И дилемата за неа секогаш е – дали е вистинската.
Зошто програмите за намалување на штети? Поради можноста да не се загрози изборот, а да се спречат последиците од голем ризик. И можност, секако, да се воведат програми што водат кон едукација за здравствениот ризик, мотивирање за третман и насочување кон постепено одвикнување од зависноста.
Од секогаш сум била на страната на превенцијата, а не на прохибицијата. А начинот да се превенира употребата на дроги, да се најде решение за животните проблеми е најпрво да се има волност да се соочиме со тоа што е пред нас, да бидеме будни и свесни за она која е причината и, лоцирајќи ја, да најдеме начини да се пренасочи енергијата во друга насока, да се најде мотивот за да се биде волен за победа, да се биде среќен, но не на сметка на туѓата несреќа и, најпосле, да се најдат соодветни институции што ќе влијаат на решавање на проблемот од која било природа без разлика дали е психолошки, економски, социјален… a, секако, мојата визија за превенцијата е насочување уште од мали нозе кон спортот и здравиот начин на живот. Ова го зборувам од искуство како бивш професионален спортист и доктор кој работи во полето на превенцијата.
Страдањето е големо во ситуациите кога во домот има зависник кој активно бара дрога и приоритетот во животот му е тоа. Не би сакала низ тоа никој да минува, па ни јас како родител… но, изборот за другите не е секогаш само наш… стравот, непреспиените ноќи, бдеењето, грижата и мислите што се нижат за престојната иднина, за исходот и за границата меѓу тоа дали се работи за живот или смрт, чувството на вина и мислите каде да се најде сопствената грешка, болката кога се гледа страдањето на една мајка чие дете ужива во дрогите е голема агонија и страв… Но, стравот не решава ништо. Мижењето пред проблемите и префрлањето на вината кон себеси или другите не го решава проблемот. Игнорирањето и криењето на проблемот го прави заспан, но присутен. Малодушноста нè води кон пропаст. Дали јас ќе употребувам дроги е, пред сè, моја одлука и затоа јас треба да донесам одлука да престанам да користам дрога. На крајот на краиштата, ние сме тие што одлучуваме за нашите животи, ние сме тие кои креираме сè околу нас. А најблиските секако треба да придонесат во креирањето на услови што ќе ми помогнат да ја донесам одлуката. И не знам колку ли долго на овој свет ќе му е потребно време да сфати дека казнувањето никогаш нема да го реши проблемот, дека Полицијата и законодавниот систем својата улога треба да ја сменат и да бидат поддршка, водилка и помош. Што доколку човек кој бил фатен со одредена количина канабис за лична употреба биде казнет како дилер и остане во затвор повеќе од 2 години? Најпрво прашањето е дали тој човек треба да биде казнет поради количината која ја поседувал или поради намерата за која го имал канабисот, и дали тоа е докажано. И кој ќе ја плати цената за погрешната пресуда? Кој ќе го плати страдањето и истрауматизираните животи на единката или, можеби, на децата кои ги има? Зарем секогаш системот мора да биде дел од нашите животи, а ние жртви на системот? Секако дека треба системот да има заштитна улога, да превенира за доброто на другите луѓе, но и да верува во единката и да има институции што не се затвор. Институции за лоцирање на вистинската причина, каде што единката ќе најде поддршка и помош. Тоа навистина не е затворот… тој на овие битија не им го дава вистинскиот пат зашто не постојат вистинските моменти на воспитание и ресоцијализација. Постојат казни, трауми, лоши услови, деградирање на битието. Постои нехумана средина што од овие единки не прави ништо друго освен тие да се чувствуваат отфрлено, мизерно, некорисно и каде што годините поминале, а тие не поминале низ процесот на ресоцијализација и, што е уште полошо, ќе мислат дека тие се такви родени, дека за друго и не знаат и така ќе продолжат по истиот пат. Повторно ќе кажам, мора да се најде систем – за што се казнува – а не само статистички да се казнува. Причината и намерата се важни, а не количината.
Ако се вратиме на родителската улога, компарирајќи го затворот, ќе дојдеме до истото. Не сакам моето дете да заврши во затвор поради личниот избор со кој не наштетува никому, иако, за жал, доколку користи дроги си наштетува себеси. Затоа сметам дека казните нема да го решат проблемот. Разбирањето, едукацијата, соочувањето, комуникацијата се тие што ќе го решат. Вистинската желба да се помогне е волноста да се разбере ЗОШТО и КАКО.
Наташа Николовска Станковиќ
Авторката е доктор на медицина, ангажирана во единицата на Министерството за здравство за управување со средствата од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.