
По долго време го прашавме Вуна за неговата мотивација, а тој ни одговори дека во тој период (околу 2006 год.) имало еден тренд на „crackdown“ на луѓе што рекреативно користат марихуана од страна на Полицијата, а честопати се слушале и приказни за полициска бруталност при апсење или при изнуда на признание во станица. „Тоа се разбира не беше исклучителна ситуација во 2006, такви периоди имало и ќе има, но тој период бар за мене тоа стана ептен видливо и горливо прашање. Згора на тоа, таквите полициски акции се пропратени со јавна кампања за штетните последици од користење марихуана (демек се умира од дување). Од друга страна, културата на конзумирање марихуана е крајно мирољубива, а марихуаната во споредба со сите останати дроги, сама по себе безопасна. Од таму логиката на стикерот, дека дувањето само по себе нема да ти наштети, ама ако те фати полиција, па уште ако те зачукаат, е тогаш ќе имаш последици“ – ни раскажа Вуна.
Појавувањето на банерот временски кореспондира со периодот кога се појавија Алфите кои, според Вуна, во споредба со нивните претходници (НТШ) се наметнаа како многу поригорозни, но и посклони кон насилство. „Не се сеќавам точно, но тој период кореспондираше и со случајот Трајан Беќиров (мислам дека стикерот го направив пред); како и да е, тоа беше период во кој Алфите беа страв и трепет по скопските улици“ – вели Вуна.
Последниве денови, на почетокот на предизборната кампања за претседателски, но и парламентарни избори, бевме сведоци на помпезна полициска акција наречена МРЕЖА која спектакуларно беше најавена и прикажана во медиумите, а чиј исход беа 5 грама марихуана, два џоинта и 300 семки. Веста прилично ги размрда социјалните мрежи, па многу млади луѓе сосема легитимно го поставија прашањето на злоупотреба на лицата кои користат дроги преку оцрнување и криминализација во изборните кампањи. Сеќавајќи се на вакви слични реторики од минатото, Вуна ни раскажа дека уште пред да го направи банерот тој напишал и еден текст насловен „Алфа збира“ критички настроен кон тогашната Влада на Бучковски и министерот на Полицијата Џанго. „Полицијата тогаш (а и сега) се фалеше со нивната ефикасност (ко демек кузнае колку се јаки што апсат деца со по 0,1 грам), и Алфите беа фалени ко особено заслужни за ова. А во позадина на тоа се криеше цел систем на страв, репресија и насилство.“ – се потсетува Вуна.
„Мислам дека во тој период моите колумни кои ги отвараа овие прашања беа позитивно примени помеѓу активистите и засегнатите личности, но имаше и многу негативни реакции од различни страни (пр. ’џанаците сами си го бараат‘). Но, стикерот стана вирален, особено на тогашната ’блогосфера‘ и по некои форуми; после тоа чат-пат го имам приметено да се појави низ социјални медиуми, и залепен по некои места низ град. Најмногу се израдував кога скоро стикерот ми го покажуваше некој лик многу помал од мене (демек ’види брат‘), и после не ми веруваше дека јас сум автор “ – заврши Вуна, оставајќи на нас секогаш одново да ја отвораме темата на полициската и на системската бруталност кон лицата кои употребуваат дроги.
Ирена Цветковиќ и Анастас Вангели
Стари блогеришта