30.04.2020
Си помислив, нема ништо поубаво од мирисот на утринско кафе. Таа мисла некако мрзеливо ме натера да се кренам од тешката хоризонтала. Кафето навистина веќе ме чекаше да си размениме некоја реченица за книгата која што едвај ја прекинав во доцните вечерни часови. Мраз студено.. Сепак денешниов ден беше и те како топол. Тоа ме враќа во реалноста.
Го отварам неуредниот тефтер каде што секојдневно ги запишувам сите обврски и започнувам со планот за работа. Да, најпрво се јавувам кај мајката која има три малолетни деца кои употребуваат ПАС (психоактивни супстанци) и договорив посета во нивниот дом со цел да и им се достави храна. Бездруго живеат во близина каде што треба да одам на терен. Првично, ме растревожи нејзиниот глас: „Кате ние немаме ништо за јадење, еве неколку дена едвај скрпуваме крај со крај.„ Откако и кажав дека денес ќе им однесам храна некако се врати оној нејзин смирен тон на глас.
Добро, тоа го договорив. Останува да го договорам и теренот на отворена сцена, каде што сексуалните работнички секогаш не пречекуваат како да едвај чекаат на некој да си ги раскажат маките. Денес ни е ред на мене, како социјален работник, и на правната советничка. Во време на пандемија, членовите на тимот кој што оди на терен ротираат. Си помислив колку само фали на овој терен да зачекори и легендарната теренска работничка Мариче, позната на сите како МАЈЧЕ. Но за жал таа поради хронична болест е приморана да добива информации за теренот преку телефон. Сигурно многу и недостасува контактот со сите сексуални работнички.
По остварениот контакт со правната советничка, ја припремам маската и визирот, ракавиците ми се во кола. Маската и визирот си помислив ќе ги ставам пред да ми се придружи во возилото правната советничка, сега за сега можам и без нив. По 20 минути возење, веќе сум со фул заштитна опрема на мене, можеби не е најпријатно чувство ама мора да се заштитам себе си а и другите околу мене.
11:30 –Веќе сум пред куќата на мајката и нејзините три деца кои што употребуваат ПАС (психоактивни супстанци). Во друга ситуација сигурно би се изгушкала со децата, но сега држиме дистанца.
Разговорите за сите проблеми со кои се соочуваат можат да траат во недоглед, но гладни даваат приоритет на задоволување на потребата за храна. Ќе останеме во контакт и пак ќе се видиме за брзо ЧАЕ, ја поздравив и заминав на теренот на отворена сцена.
12:30 – Тука не пречекуваат 16 девојки. Позитивата на денот ми беше дека генерално сите од нив носеа заштитни маски а и гледам не се групираат. Се жалат, нема работа. Се жалат дека се приморани и покрај ризикот да стапуваат во блиски контакти со клиентите, таква им е природата на работа. Се жалат и дека не можат да си ги задоволат основните потреби за живот… Веќе споменав погоре, им треба и на нив некој да си ги кажат маките, а ние како организација правиме се за да им се помогне и на оваа ранлива група на граѓани.
Донации за храна колку што можеме, постојани совети за мерките за заштита, информации за социјални мерки, информации за начин на тестирање и лекување од COVID19. Она што нив исто така ги засега се мерките за ограничено движење кои што постојано се менуваат. Еве денес скоро сите прашуваа како ќе биде за престојниот продолжен викенд. Пропратно на сите овие информации секако делиме и кондоми, лубриканти и едукативни материјали со цел ХИВ превенција.
15:00 Промена на план, наместо да се упатиме во нашите домови, правната советнича доби телефонски повик од клиентка со која што изминатите денови е во постојан контакт по телефон и за која што требаше да изготви некој правен документ. Денес клиентката можела да се сретне со правничката. За среќа правната советничка го носеше со себе документот па веднаш по завршување на теренот со сексуални работнички се упативме кај оваа клиентка. Документот и дополнителни правни совети и беа дадени на клиентката и само што сакавме да си тргнеме накај дома се сети таа: Почекајте имате ли опрема во вашето теренско возило? Секако бевме спремни за сите потреби на клиентите, па така безбедно спакувана опрема за инјектирање и беше дадени на клиентката.
16:00 Веќе сум дома. Безбедно ја вадам целата заштитна опрема од мене, влегувам под туш и размислувам за тоа кога ќе заврши ова цело лудило. Се надевам на брзо враќање во нормала….
Им благодариме на Фондација Отворено општество и Цивика Мобилитас, за сите пакети со храна и хигиенски продукти. Поради нив клинтите се чувствуваат безбедни, а ние исполнети зошто знаат дека не само ние се грижиме за нив.
Кате Тод