Средствата од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари, кои секоја година ги добива Министерството за здравство, наменети за унапредување на здравјето на граѓаните, претставуваат потенцијален извор на средства за финансирање на програмите за намалување на штети. Половина од овие средства наместо за обезбедување здравствена заштита се користат за тековни трошоци на Министерството.
Министерството за здравство и Владата на Република Македонија имаат на располагање голем број можности за обезбедување на одржливоста на 16-те активни програми за намалување на штети од употреба на дроги, кои ги спроведуваат 10 граѓански организации во земјава. Овие можности Министерството за здравство и Владата на Република Македонија треба сериозно да ги разгледаат и да ги земат предвид при подготовката и буџетирањето/операционализацијата на Националната стратегија за ХИВ на Република Македонија за периодот 2017 – 2021 година. Ова особено е важно поради тоа што финансиската поддршка од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија (во натамошен текст Глобален фонд) за оваа намена завршува на 30.6.2017 година. Па оттука, доколку учеството кое досега го имаше Глобалниот фонд во програмите за намалување на штети не се надомести од Националниот буџет, Македонија ќе се соочи со сериозно зголемување на инциденцата на ХИВ, други крвно преносливи болести, како и останати последици по здравјето меѓу лицата кои користат дроги.
Средствата кои Министерството за здравство и Владата на Република Македонија треба да ги издвојат за финансирање на програмите за намалување на штети се незначителни и тие нема да предизвикаат нарушување на буџетската стабилност. Овие средства претставуваат само 0,5 % од средствата со кои располага Министерството за здравство или 0,02 % од вкупните средства во Централниот буџет на Република Македонија.
За финансирање на програмите за намалување на штети, како што е наведено во една од анализите подготвени од Здружението ХОПС, потребно е на годишно ниво од Буџетот на државава да се издвојат 34 864 473 МКД (566 902 евра) за финансирање на оптималниот модел или пак 31 613 030 МКД (514 033 евра) за финансирање на минималниот модел на програмите за намалување на штети од употреба на дроги.
За Министерството за здравство и Владата на Република Македонија да ги обезбедат овие средства веднаш, на располагање им стојат две можности, и тоа: искористување на средствата прибрани преку наплата на дел од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари утврдени со Законот за здравствената заштита, кои се трошат за намени кои не се утврдени со овој Закон или пак пренаменување на средствата од Буџетот на програмите на Министерството кои секоја година остануваат непотрошени (во овој текст детално е елаборирана првата можност за финансирање на програмите за намалување на штети).
Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на РМ, ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита со кои Владата на РМ се обврзува да го зголемува буџетот на Министерството за здравство за износот на средства наплатени како дел од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари со цел заштита на здравјето на граѓаните (Сл. весник бр. 43/2012 од 29.3.2012 година, Сл. весник бр. 87/2013 од 17.6.2013 година и Сл. весник број 188/2014 од 19.12.2014 година). Со последната измена предвидено е издвојување на еден денар по литар пиво, 40 денари по литар етил алкохол и 0,053 денари по парче цигара за остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на граѓаните во областа на здравството преку буџетот на Министерството за здравство.
„Член 16, став 4 од Законот за здравствената заштита – Средствата за остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата од ставот (1) на овој член се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија, од дел од акцизата на пиво во износ од 1 денар по литар/степен на алкохол и дел од акцизата на етил алкохол во износ од 40 денари литар чист алкохол како и со дел од акцизата на цигари во износ од 0,053 денари по парче (цигара), наменети за набавка на лекови за ретки болести.“
Преку направените измени на Законот за здравствената заштита, Владата на РМ, меѓу другото, презеде и обврска за финансирање на 16-те програми за намалување на штети од употреба на дроги со средствата прибрани од наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари (член 16, став 1).
„Член 16, став 1 од Законот за здравствената заштита – На сите граѓани на Република Македонија им се обезбедува остварување на со овој закон загарантираните права, утврдени потреби и интереси, и тоа:
– мерки и активности за заштита од штетното влијание врз здравјето на населението на гасови, бучава, јонизирачки и нејонизирачки зрачења, загаденоста на водата, земјиштето, воздухот и храната и други штетни влијанија на животната средина и работна средина,
– мерки и активности за зачувување на здравјето на населението,
– мерки и активности за откривање, спречување и сузбивање на заразни болести,
– обезбедување на хигиенско-епидемиолошки минимум на населението,
превенција и лекување на карантински болести и наркоманија,
– мерки и активности за заштита на жените за време на бременоста, породувањето и леунството и заштита на доенчињата,
– мерки и активности за организирање и унапредување на крводарителството,
– обезбедување на трошоците за болни кои се третираат со дијализа,
– обезбедување на лекови за трансплантирани болни,
– обезбедување на цитостатици, инсулин и хормон за раст,
– мерки и активности утврдени со посебни програми и
– итна медицинска помош согласно со утврдената мрежа на здравствени установи.”
По спроведените законски измени во периодот од 2013 до 2015 година, Министерството за здравство на својата трезорска сметка добило 1 026 037 787 денари како дел од наплатените акцизи за пиво, за етил алкохол и за цигари. Средствата кои Министерството ги добива од овој извор секоја година се зголемуваат во просек за 152 % (види графикон 1) и претставуваат 62 % (види графикон 2) од вкупните средства од буџетот на самофинансирачки активности на Министерството. Меѓутоа, и покрај ваквиот растечки тренд Министерството за здравство за реализација на мерки и активности за унапредување на здравјето на граѓаните секоја година троши во просек 53 % од расположливите средства за оваа намена. Во периодот од 2013 до 2015 година, Министерството потрошило само 541 747 952 денари од овие средства. Останатите 484 289 835 денари се потрошени за плати и за оперативни трошоци на Министерството; за потребите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, на Агенцијата за лекови и на Агенцијата за акредитација; за реконструкција на ЈЗУ и набавка на медицинска опрема наместо за потребите утврдени со Законот за здравствената заштита (види графикон 3). Министерството за здравство треба да издвои само 21,6 % (од 484 289 835 денари) од ненаменски потрошените средства за финансирање на оптималниот модел, односно 19,58 % за финансирање на минималниот модел.
Дополнително нејасен е и начинот на кој Министерството за здравство ги поставува приоритетите при распределбата на средствата прибрани преку наплатата на акцизите. Во периодот од 2013 до 2015 година, повеќе од една третина од средствата (40,30 %) се потрошени за една програма (Програмата за партиципација за осигурени лица), а пак најмал износ на средства се потрошени за Програмата за спречување и сузбивање на бруцелоза (0,03 %). Ваквиот начин на распределба и трошење на овие средства укажува на тоа дека Министерството за здравство треба итно да утврди критериуми за распределба на средствата прибрани од наплата на акцизи за пиво, за етил алкохол и за цигари по програми во својот буџет.
м-р Дарко Антиќ
Дарко Антиќ од 2011 година е Координатор на програмата за мониторинг и анализа на буџетите на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ). Како дел од тимот на ЕСЕ тој работи на промовирање и на застапување за: создавање макроекономска средина и политики кои нема да ги ограничуваат правата на граѓаните и ќе ги задоволуваат нивните потреби; креирање јавни буџети за подеднакво задоволување на потребите на сите граѓани; планирање и користење на средствата во буџетите преку почитување на принципите на ефикасност, ефективност, економичност и транспарентност; финансиски транспарентна и отчетна државна администрација; партиципативни и отворени буџетски процеси; доследно спроведување на здравствените политики и програми.