
Тема за која западниот свет сѐ повеќе зборува, полемизира, ја согледува и бара и нуди решенија е најновиот феномен меѓу геј-заедницaта и мажите кои имаат секс со мажи (МСМ) е кемсекс (chemsex). Во кратки црти тоа е употребата на три специфични супстанции во сексуален контекст кај геј-заедницата и МСМ. Повеќе за оваа сексуална (р)еволуција која, според некои кредибилитети, е потенцијалната „чума“ за хомосексуалците на зенитот од втората деценија на овој век, за прв пат низ овој текст ќе биде направен осврт на македонски јазик.
Што, всушност, претставува кемсекс (chemsex)?
Широкото поимање на терминот кемсекс (chemsex) досега во општите наративи се интерпретира како употреба на која било дрога и/или алкохол за време на секс од страна на која било популација. Но, сепак попрецизна дефиниција за овој релативно нов поим кој опишува многу конкретна појава од поново време е сексуализирана употреба на три специфични супстанции ‒ кристален метамфетамин (crystal methamphetamine), мефедрон (mephedrone) и гамахидроксибутират/гамабутиролактон (GHB – Gammahydroxybutyrate/GBL – Gammabutyrolactone) од страна на геј-мажи или мажи кои имаат секс со мажи (МСМ).
Оваа дефиниција укажува на специфичната форма на рекреативна употреба на дрога, но не треба да се поистовети со општата рекреативна употреба токму поради значајните разлики во однос на третманот, на адресирањето и на справувањето со конкретната повеќеслојна појава. Прв пат оваа дефиниција ја употребуваат активистите и волонтерите од сеопфатната Клиника за машко сексуално здравје „56 Дин стрит“ (56 Dean Street) од Лондон, предводена од Дејвид Стјуарт и прифатена од меѓународната заедница засегната од ова прашање.
Причината зошто постои специфицирање до таков степен е поврзаноста на овој сексуален феномен со појавата и развојот на културата за пронаоѓање сексуални партнери кај геј-мажи и МСМ на интернет и мобилни апликации, која на многу специфичен начин придонела кон гореспоменатата употреба на дрога за време на секс. Дополнително, но не помалку важно е влијанието и поврзаноста на кемсекс (chemsex) со ХИВ и останати сексуално преносливи инфекции (СПИ), како и со општото психофизичко и сексуално здравје на геј-мажите и на МСМ.
Зошто и како се појавува кемсекс (chemsex)?
Кемсекс (Chemsex) подразбира употреба на една или повеќе од трите споменати супстанции со цел да го катализира или да го подобри сексуалното искуство, со или без употреба и на останати дроги и/или алкохол. Најчесто кемсекс (chemsex) подразбира сексуални доживувања кои понекогаш можат да траат со денови, со мала потреба за спиење или за храна. Зголемениот сексуален фокус овозможува поекстремни сексуални искуства кои траат подолго од вообичаено, со намалени лични и нагонски инхибиции и намален страв од СПИ и од ХИВ.
Причините за впуштање во кемсекс (chemsex) најчесто се слични со употребата на други дроги, дополнето со веќе постоечката и акумилирана стигма за хомосексуалноста. Тоа најчесто се потребата за сексуално ослободување и надминување на проблеми со интимноста, надминување на стравови од одбивање од потенцијални сексуални партнери, надминување на стравовите и стигмата за СПИ, справување со писхофизички трауми од минатото, како на пример сексуална злоупотреба, надминување на осаменоста или создавање чувство за припадност, да се биде „кул и во тренд“ со своите врсници или „исполнување“ на нормите кои постојат во онлајн светот на апликациите за геј-секс.
Кои се последиците и нуспојавите од кемсекс (chemsex)?
Последиците и ефектите од кемсекс (chemsex) за време на употребата и по употребата се навистина сериозни и незанемарливи споредени со нуспојавите од употребата на останатите рекреативни дроги, што дополнително го зацврстува фактот дека дефинирањето и пристапот кон овој феномен бараат посебен и различен пристап и експертиза.
Кемсекс (Chemsex) најчесто води кон долги сексуални сесии кои може да траат со часови, а понекогаш со денови. Употребата на кемсекс (chemsex) супстанциите, дополнети со или без останати дроги, овозможува привидна издржливост и доведување на физичката, на сексуалната и на менталната издржливост до екстреми. Најчесто кога станува збор за феноменот кемсекс (chemsex) тоа подразбира организирање на т.н. кемсекс (chemsex) забави во кои двајца или повеќе партнери се впуштаат во неинхибирани сексуални доживувања во приватни услови или во безбедни геј-локали каде што се тестираат „нови“ хоризонти на сексуалноста, на желбите, на фантазиите и на фетишите. Стравовите, стигмата и инхибициите најчесто се оставаат во надворешниот свет и со влегувањето на кемсекс (chemsex) супстанциите во крвотокот и организмот перцепциите за време, за простор и за секс драстично се менуваат или се изобличуваат. За време на овие забави може да се менуваат учесници, партнери, едни си одат, нови доаѓаат, најчесто под преголеми или нереални очекувања дека токму оваа забава или следниот партнер ќе биде „најдоброто нешто“ кое лицето или групата го доживеало. За време на кемсекс (chemsex) најчесто луѓето за прв пат пробуваат и искусуваат „нови работи“ во сексот, им се отвораат „нови видици и хоризонти“ и се истражуваат неоткриени светови на човековата (геј/МСМ) сексуалност. Но, при тоа поради дејството на писхоактивните супстанции при ваквите сексуални експерименти се заборава или се губи стравот за заштита од ХИВ/СПИ. Во желбата да се искуси, да се доживее, да се добие, да се направи, да се види, да се помине ПОВЕЌЕ, консумацијата на спорните супстанции не застанува на една или неколку дози, туку продолжува во злоупотреба и земање аларманти количини со зачестеност надвор од безбедните граници ако воопшто може да се зборува за такви граници. Во такви случаи на преминување на црвените линии, неретки се случаите на предозирање, на параноични и психотични напади или на губење на свеста и сознанието. Комбинирањето на кристалниот метамфетамин, мефедрон и/или гамахидроксибутиратот/гамабутиролактонот и дополнително консумирањето и на други супстанции го отежнува предвидувањето на можни интеракции на супстанциите меѓу себе, па не е исклучена и можноста за фатални последици. Овие загрижувачки состојби, во таков контекст, водат кон еден од најпроблематичните аспекти во сексуалните искуства, а тоа е концептот на согласност. Во „спонтаните“ оргии разгорени со проблематични количини и комбинации на супстанции, чувството и перцепцијата за „доволно“ или за „стоп“ се губи и лесно може да настане злоупотреба или напад на телесниот, но и менталниот интегритет на поединецот или на групата.
Покрај спомнатите последици, особено проблематични се и последиците по сексуалното здравје на мажите кои се впуштаат во овие практики. Кристалниот метамфетамин и мефедронот неретко се инјектираат, што популарно го присвоило колоквијалниот термин „слеминг“ (slamming), кои го зголемуваат ризикот од крвно преносливи инфекции и оштетување на крвните садови. Редуцираниот или непостоечки страв од ХИВ и од СПИ, во комбинација со екстремните сексуални активности, водат кон повеќекратно инфицирање со одредени инфекции или стекнување на хронична инфекција. Лицата кои веќе живеат со ХИВ, а се впуштаат во кемсекс (chemsex), од друга страна под влијанието на дрогата имаат намалена способност за грижа за придржување до антиретровирусната терапија (АРТ). Ова е важно затоа што кога АРТ се зема редовно има двојна улога: го штити здравјето на лицето со ХИВ и води кон недетектабилно ниво на вирусот. Недетектибилното ниво на ХИВ истовремено претставува превентивна мерка бидејќи во услови на придржување до АРТ и недетектабилно ниво вирусот не се пренесува по сексуален пат.
Освен физичките и сексуалните проблеми, долгорочната (зло)употреба на супстанции секако води кон различни краткотрајни и долготрајни последици по менталното здравје и психолошката стабилност, како и социјалниот живот на поединецот. Такви последици се хронична депресија, анксиозност, параноја, психоза и други манифестации на психолошка нестабилност. Таквата нестабилност многу често води кон нарушена социјална функционалност, односно доведува до проблеми со работата, со финансиите, со домот, со семејството, со љубовта и со пријателствата.
Сите овие последици и поврзаноста со овој сексуален феномен се добро документирани во клиниките за ХИВ и сексуално здравје во развиените метрополи каде што ваквиот „начин на живот“ експоненцијално расте и се шири благодарение на „достапноста“ преку апликациите на мобилните уреди што речиси секој ги поседува.
Кемсекс (Chemsex) во македонски контекст
За појавата не кемсекс (chemsex) во Македонија сѐ уште нема доволно податоци и информации, но едно е сигурно – полека влегува на мала врата со отворањето на границите (безвизен режим) и зголемените можности за патување на геј-мажите и МСМ од Македонија во западните метрополи, па и подалеку од каде што се учат и се носат „новите“ сексуални практики. Она што во моментов е можеби и среќна околност е (не)достапноста на супстанциите кои се користат за кемсекс (chemsex), кои сосема малку се достапни на македонскиот „пазар“ со психоактивни супстанции. Сепак, истражувањата и податоците од терен велат дека не треба да се занемари оваа појава која во одредени, веројатно многу затворени кругови сепак претставува точка на интерес за многу геј-/МСМ-лица. Ова особено треба се земе предвид ако се разгледаат причините зошто луѓето се впуштаат во кемсекс (chemsex) практики разгледани погоре и неповолното социјално опкружување со изразени хомофобија, стигма и хетеронормативно и интернализирана дискриминација. Според националното биобихејвиорално истражување спроведено во 2013 година и последното од 2017 година постои пораст од 30 % во однос на употребата на алкохол и/или на дрога за време на секс кај геј- и МСМ-лицата, што упатува на ситуација која веројатно во блиска иднина ќе треба соодветно да се адресира и да се превенира.
Кои се супстанциите кои се употребуваат за кемсекс (chemsex)?
Кристалниот метамфетамин, уште познат и под колоквијалните имиња мет, кристал мет, Тина, Т и други, е потентен долготраечки синтетски стимуланс од фенетиламинска и амфетаминска класа супстанции, кој создава традиционални стимулативни ефекти кај луѓето како зголемена психофизичка стимулација, зголемена будност, забрзан мисловен процес и интензивна состојба на еуфорија. Метамфетаминот се наоѓа во кристална и прашлива форма бела по боја, слична на амфетаминот и кокаинот. Се користи со шмркање, со голтање, со пушење и интравенски/инјектирање. Рекреативно метамфетаминот во ниски до умерени дози подига расположение, зголемува будност, концентрација и енергија, создава еуфорија, засилува сексуална желба, зголемува разговорливост и намалува апетит. Несакани ефекти се зголемено потење, нарушување на спиењето, чкрипење со вилицата, чешање и губиток на тежина. При повисоки дози и кај хронична употреба можат да се јават збунетост, параноја, панични напади, визуелни и аудиторни халуцинации, агресивност, индуцирана психоза, мозочно крвавење, оштетување на бубрезите и на црниот дроб и потенцијално мозочно оштетување.
Мефедронот или м-кет, меф, мјау-мјау е психоактивна супстанција од групата на синтетички катинони, односно синтетички аналози на природни супстанции. Дејствува како стимуланс на централниот нервен систем, а во повисоки дози може да бидат халуциноген. Дејствуваат преку преземањето на моноамините – серотонин, допамин и норадреналин ‒ и предизвикува еуфорија, будност, зголемена енергија, потреба за движење, го намалува апетитот, го подобрува чувството за музика и влијае на сексуалната активност со зголемување на либидото и зголемено доживување на задоволство во сексуалниот однос.
Гамахидроксибутиратот/гамабутиролактонот или популарно наречени GHB/GBL, Џина, Џи, течна екстаза, се наоѓаат во облик на безбојна течност, најчесто без мирис и без вкус која најчесто се дозира во капки заедно со друг пијалак. Во ниски дози дејствува релаксантно, но и еуфорично, ја зголемува сексуалната сила, корисникот станува покомуникативен и друштвен. Повисоките дози предизвикуваат вртоглавица, конфузност, нарушување на памтењето и грчеви. Особено е проблематично комбинирањето со алкохол поради силната интеракција која може да предизвика предозирање кое се манифестира со состојби на делириум, психоза, а може да предизвика и кома со фатални последици.
Изјава за одрекување и препораки за употреба на дроги
Информациите за наведените дроги во текстот се преземени од веб страницата на ХОПС (www.hops.org.mk) и се пишувани од страна на експерти. Тие имаат едукативна природа, базирана на докази и немаат цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за: дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење, како и мешањето и интеракција со други супстанции и лекови. Како дополнителен едукативен ресурс за информирање, едукација и намалување на штети може да се посети веб-страницата www.talktofrank.com.