Последниве години во светот, а исто така и во Македонија и во Словенија, се појавуваат различни нови психоактивни супстанции (НПС) што ги среќаваме под различни имиња. Најчесто користени имиња за овие супстанции се: дизајнерски дроги (designer drugs), дозволени дроги (legal highs), растителни дроги (herbal highs), експериментални супстанции (research chemicals), соли за капење (bath salts), растително ѓубриво (plant food) и други. Овие супстанции обично имаат ознака дека не се дозволени за употреба кај луѓето („not for human consumption“). Се работи за синтетички и за растителни супстанции што најчесто се продаваат преку интернет или во продавници, што се нарекуваат „smart shops“ или „head shops“. Тие супстанции не се заштитени во склад со меѓународното законодавство. Искуствата на корисниците на овие супстанции можеме да ги следиме на социјалните мрежи или на форумите. Се појави и нов назив за корисниците на НПС, а тоа е таканаречен „psychonaut“.
Според податоците на Европскиот центар за следење на дрогите и зависностите од дроги (EMCDDA-European Monitoring Center for Drugs and Drugs Addiction) во периодот од 2005 до 2011 година преку системот за рано предупредување беа прогласени 164 нови психоактивни супстанции. Така во 2011 година третпат по ред во Европа беше прогласен најголем број на нови супстанции – 49, што е повеќе од 41 супстанција прогласена во 2010 година и 24 супстанции прогласени во 2009 година. Приближно 2/3 од новопрогласените супстанции во 2011 година се синтетички канабиноиди или синтетички катинони. Во 2012 год. биле прогласени 73 нови психоактивни супстанции. Последниве години преовладува, пред сè, појавувањето на синтетички агонисти на канабиноидите (ЦРА), фенетиламините и катиноните, што по своето дејство ги имитираат дејствата на најсаканите забранети дроги. Притоа порасна бројот на интернет-продавниците во ЕУ, што ги снабдуваат странките со психоактивни супстанции или производи. При прегледот, во јануари 2012 година, биле откриени 693 интернет-продавници, што е повеќе од 314 откриени во јануари 2011 година и 170 во јануари 2010 година. Покрај спомнативе извори, НПС исто така можат да се набават преку посредство на уличните препродавачи.
Трендот на пораст на новите дроги можеме лесно да го следиме во секојдневната клиничка пракса сите ние кои се среќаваме со зависниците од забранети дроги во своето работење.