Aidspan е непрофитна организација со седиште во Кенија чија мисија е да ја зајакне ефективноста на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија со тоа што служи како независен надзорник на Фондот и нејзините имплементатори на грантови, излезе со вест за Македонија и програмите за превенција на ХИВ.
Во самата вест велат дека на 5 септември неодамна избраната влада на Република Македонија му наложи на Министерството за здравство, да одвои 103 милиони македонски денари во рамките на Националната програма за ХИВ за 2018 година, за да обезбеди континуиран пристап до антиретровирусен (АРВ) третман за ХИВ-позитивни луѓе, а со тоа го поддржуваат спроведувањето на програмите за превенција на ХИВ меѓу клучните засегнати популации (КАП), како што се мажи кои имаат секс со мажи (МСМ), лица кои инјектираат дрога (ПВИД) и сексуални работници (СР). Оваа сума е речиси четири пати поголема од износот што беше предвиден за 2018 година од страна на претходната влада. Локалните активисти го сметаат овој развој за многу важен чекор во обезбедувањето одржливост на услугите за ХИВ во Македонија.
Арбен Фетаи кој е висок Е.У. советник на Алијансата за Стоп СИДА, за Aidspan вели, дека еден од клучните фактори за ова достигнување била личната посветеност на новиот министер за здравство, Арбен Таравари, кој воведе повеќе кратни иницијативи за враќање на довербата на граѓаните во здравствениот систем. Фетаи вели дека новата влада, која е избрана на 3-ти јуни по двегодишната политичка криза, е решително проевропска и реформистичка во споредба со 11 годишната влада претходно.
Воедно потенцира за ситуацијата дека, од министерот Таравари било побарано од неговата партија да се кандидира за градоначалник на неговиот роден град на локалните избори закажани за 22 октомври. Господинот Таравари соопшти дека нема да се врати во министерството без разлика дали ќе победи на изборите или не. Тоа значи ќе има нов министер за здравство на 23-ти октомври, за кој не се знае дали тој или таа ќе ги поддржува долгорочните иницијативи што Таравари ги извршуваше. Фетаи потенцира, поради овој момент треба идно континуираното ангажирање, кое ќе биде многу важно.
Во е-мејл објавен од страна на Европската листа на лекови за СИДА (ЕАТГ) на 7 септември, Андреј Сених, активист за поддршка на луѓето со ХИВ и член на ЕАТГ, изјавува дека одлуката на владата е многу важна од две причини: „Прво- го обврзува Министерството за здравство до крајот на 2018 година да воспостави функционален долгорочен механизам за финансирање на активностите на Националната програма за ХИВ, насочена кон клучните засегнати популации кои ги спроведуваат организациите на граѓанското општество. Најголемиот дел од доделените средства, 60 милиони денари, се наменети за поддршка на услугите за превенција на ХИВ, кои граѓанските организации ги испорачуваат на овие клучни популации. Оваа сума е повеќе или помалку на исто ниво со годишно финансирање кое претходно беше достапно за програми кои ги спроведуваат граѓанските организации со поддршка на Глобалниот фонд. Значи, не се очекува значително намалување на финансирањето.“ – Андреј Сених
„Второ, ова е првиот официјален и формален владин документ со кој се изразува јасна заложба за поддршка на активностите за превенција од ХИВ базирани на граѓанското општество и да се постават прецизни чекори за да се обезбеди одржливост на услугите за ХИВ за клучните засегнати популации (КАП) во земјата.“ – Андреј Сених
Воедно во самиот текст е спомената и „Петиција за намалување на штети и превенција“ организирана од страна на ХОПС и Платформата за ХИВ, повикувајќи на поддршка за програмите за намалување на штети и програми за превенција на ХИВ во Македонија. Петицијата сеуште трае и е упатена до Министерството за здравство и Владата на Република Македонија. Во самата петиција се споменува континуираното преживување на програмите за намалување на штети од дроги и превенција на ХИВ во Македонија, и неизвесноста, бидејќи моменталната финансиска поддршка од Глобалниот фонд заврши во јуни 2017 година. Ова може да ги загрози програмите за намалување на штети кои функционираат во Македонија, кои веќе ја докажаа нивната ефективност. Со загрозување на програмите за намалување на штети од дроги може да дојде до над 10.000 лица кои користат дроги и членови на нивните семејства да останат без соодветна социјална и здравствена заштита.
Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС, изјави за Aidspan дека со оглед на најновите случувања, постои причина да се верува дека успешната транзиција на ХИВ услуги за KAП од поддршката на Глобалниот фонд за национално финансирање да се одвива во Македонија.
Одлуката на македонската влада гарантира дека новото финансирање за лекување и превенција од ХИВ, кое беше поднесено од Министерството за здравство во нацрт верзиите на буџетот од 2018 година, ќе остане во текот на остатокот од циклусот на планирање на буџетот за 2018 година. Андреј Сених вели дека посветеноста може да се смета како официјално признавање од страна на владата за можната епидемија на ХИВ кај КАП во Македонија, како и за улогата на граѓанските организации како клучни партнери да допрат до КАП и да им обезбедат многу потребни услуги за ХИВ.
Јазот во финансирањето во 2017 година
Сега активистите од заедницата и граѓанските организации чекаат Министерството за здравство да објави отворен повик за невладини организации да аплицираат за финансирање, бидејќи има потреба итно да се исплаќаат средствата доделени за превентивни активности меѓу КАП за 2017 година. Ова ќе пополни празнина што останува од сега до крајот на декември (иако некои средства се уште се достапни и во рамки на тековниот грант на Глобалниот фонд за ХИВ, кој неодамна доби уште едно продолжување без трошоци до крајот на 2017 година). Ќе се користи механизам за јавни набавки, и само невладини организации ќе можат да аплицираат, но сè уште не е јасно како ќе функционира во пракса.
Треба многу работи да се изменаџираат за да се пилотира овој механизам и да се осигура дека тој е функционален и достапен за невладините организации кои работат во областа на превенција на ХИВ меѓу КАП. Исто така треба да се направи консултативен процес со граѓанските организации кои се клучни имплементатори на програмите за превенција, за детално планирање на активностите за Националната програма за ХИВ – 2018.
Но, постојат и други јазови во процесите на транзиција во Македонија кои треба да се решат. Јанкулоски, кој е исто така претседател на механизмот за координација на земјата (ССМ) вели дека еден таков јаз е поврзан со управувањето со националниот одговор на ХИВ.
„Македонската ССМ не е формално тело и веројатно нема да продолжи со работа по завршувањето на поддршката од Глобалниот фонд. Поради оваа причина, важно е да се зајакне Националната комисија за ХИВ и да се осигура дека, прво од ССМ ќе се наследи составот со повеќе чинители, каде КАП и НВО ќе имаат глас во процесите на донесување одлуки. Второ- не е само консултативно тело на МЗ, туку има моќ да донесува одлуки во врска со програмските и буџетските прашања, како и има надзорна функција слична на онаа на ССМ.“- Јанкулоски
Друг јаз споменат од Јанкулоски е поврзан со човечките ресурси, бидејќи МЗ никогаш порано не работел со НВО. Исто така, лицата кои моментално работат во Одделението за имплементација на проектот – структурата која е одговорна за спроведување на програмите финансирани од Глобалниот фонд во земјата – официјално не се вработени во МЗ и најверојатно ќе заминат веднаш штом заврши поддршката од Глобален Фонд.
Извор: http://www.aidspan.org