Норвешка планира да ја декриминализира личната употреба на нелегални дроги во мали количини, повикувајќи се на препораките на Обединетите нации и Светската здравствена организација. Нордиската земја ќе ја укине кривичната одговорност „за употреба на дроги и стекнување и поседување на мала количина за сопствена употреба“. Делата ќе бидат незаконски, но не и казниви.
„Реформата на дроги е историска промена во норвешката политика за дроги“, рече министерот за здравство Бент Хои во електронската изјава. „Крајно време е да ја замениме казната со помош“.
Норвешка, заедно со нејзините нордиски соседи, има некои од највисоките стапки на смртност предизвикана од дроги. Спротивно на тоа, системите за благосостојба на регионот се рангирани меѓу најдобрите на глобално ниво.
Норвешка имала 66 случаи на смртност поврзана со дрога на милион возрасни лица во 2017 година, споредено со просечно 23,7 за Европската унија, според Европскиот центар за мониторинг на дрога и зависност од дрога. Полицијата ќе ја конфискува дрогата под прагот пронајдена кај секое лице, на кое потоа ќе му биде наредено да се појави во општинската советодавна единица.