Во согласност со член 193 од Законот за извршување на санкции во текот на целото издржување на казната, а со зголемен интензитет во последните три месеци, пред отпуштање од затвор „потребно е да се превземат активности за подготовка за отпуштање на осудени лица и нивно прилагодување за живот на слобода“. И покрај ова, често се случува од затвор да се отпуштаат луѓе без документи за лична идентификација и без соодветно регулирано здравствено осигурување.
На ден 9.10.2016 година лицето М. Х. е ослободено од издржување затворска казна во КПУ Идризово во времетраење од 14 години. Кога бил доведен во затворот не поседувал документи за лична идентификација. Овде се поставува првото прашање. Како е можно М. Х. да биде осуден без соодветна идентификација? Како е можно обвинителот и судијата да го утврдат идентитетот на обвинетите доколку тие не поседуваат соодветни документи? Од сознанијата кои досега ги имаме, оваа практика во судството е променета, но во затворите сè уште постојат осуденици кои не поседуваат валидни документи за лична идентификација. Слабоста на системот оди до таму што и при остварувањето на гласачкото право осудениците се идентификуваат со домска карта наместо со лична карта. Но, вистинските проблеми на осудениците без валидни документи за лична идентификација почнуваат дури по излегувањето од затворот.
По издржувањето на казната М. Х. бил отпуштен од затворот без да му бидат обезбедени лична карта и здравствено осигурување. Единствен документ што му бил издаден од казнено-поправната установа била медицинска потврда која ќе му послужи за продолжување на лекувањето со метадонска терапија. А нему здравственото осигурување му е повеќе од потребно за да може да го продолжи лекувањето со супституциска терапија со метадон. Додека бил во затворот М. Х. добивал терапија во согласност со затворските правила и услови, но по излегувањето од затвор морал прво сам да си обезбеди лична карта, здравствено осигурување и упат од матичен лекар за да го продолжи лекувањето. Во периодот потребен за обезбедување на оваа документација немал пристап до соодветна терапија.
Но, лекувањето со метадон не е единствената здравствена услуга која му е неопходна. Додека ја отслужувал затворската казна му била дијагностицирана епилепсија за што добивал соодветна терапија, но при отпуштањето од затворот не добил документ со констатирана здравствена состојба. Поради нерегулираното здравствено осигурување, М. Х. при еден епилептичен напад, на кој посведочив и јас, доби само симптоматска терапија наместо соодветен третман и лекување.
Ова е само еден од повеќето случаи кои Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ги има регистрирано во текот на своето работење со луѓето кои употребуваат дроги, а се отпуштени од затвор без лична карта и без здравствено осигурување. Овие луѓе најчесто за помош се обраќаат во ХОПС затоа што се чувствуваат дискриминирани и немаат доверба во државните институции.
Во согласност со член 193 од Законот за извршување на санкции во текот на целото издржување на казната, а со зголемен интензитет во последните три месеци, пред отпуштање од затвор „потребно е да се превземат активности за подготовка за отпуштање на осудени лица и нивно прилагодување за живот на слобода“. И покрај ова, често се случува од затвор да се отпуштаат луѓе без документи за лична идентификација и без соодветно регулирано здравствено осигурување.
Луѓето кои употребуваат дроги, со оглед на потребата од долгорочен третман на лекување во текот на издржување на казната затвор, се лекуваат од зависноста од употреба на дроги со супституциска терапија со метадон или со бупренорфин. Зависноста од дроги е здравствена состојба која бара долгорочно и континуирано лекување и по отпуштањето од затворот лицата кои се на третман треба веднаш да продолжат со лекување во некој од центрите за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дроги. Во 37 случаи регистрирани од страна на ХОПС од 2012 година до составувањето на овој текст, луѓето отпуштени од затвор без документи за лична идентификација и здравствено осигурување не биле во можност веднаш да продолжат со лекување бидејќи првично требало да обезбедат лична карта и здравствено осигурување. Оваа постапка може да трае од 4 до 10 дена, а во одделни случаи и многу подолго. Овие луѓе до повторно запишување на лекување остануваат без терапија, а во нивната здравствена состојба и најмал стрес може да го зголеми ризикот од рецидив, откажување од лекување, предозирање од опијати, а може и да го повторат однесувањето поради кое биле осудени.
Во согласност со член 194, став 1, 2 и 3 од Законот за извршување на санкции, осуденото лице пред да биде отпуштено потребно е да го прегледа лекар кој писмено ќе ја констатира неговата здравствена состојба. Ако лицето во времето кога се отпушта од издржувањето на казната е тешко болно, потребно е казнено-поправната установа да го смести во најблиската здравствена установа. Во случај осуденото лице да нема средства да ги плати трошоците за лекување, лекувањето во првиот месец по отпуштањето од затвор треба да го плати казнено-поправната установа. Овие примери покажуваат дека и покрај јасните одредби во Законот за тоа како треба да се постапува со лица кои при отпуштање од затвор имаат здравствени проблеми, сепак тие не се применуваат во пракса и претставуваат сериозно прекршување на човековите и уставните права од страна на институциите.
Маргарита Глигуроска
Дипломирана правничка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. Моментално работи како правна советничка во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Целосното списание во ПДФ формат