Започнувајќи од февруари 2016 година, Македонија се наоѓа во една мала група прогресивни земји кои прифатија полиберален однос кон растението канабис (или попознато како марихуана) и неговите производи. Со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се дозволи одгледување, преработка и промет на производи од канабис. Оваа измена имаше цел да помогне во третирањето на неколку видови дијагнози, т. е. во олеснувањето на животите на луѓето кои боледуваат од рак, од епилепсија и од други болести.
Погоре споменатиот закон е добра појдовна основа за понатамошна либерализација на канабисот, односно начинот на неговото производство, преработка и продажба, но таа состојба е далеку од идеална. Истиот закон дозволува постоење на 2 вида економски оператори, и тоа: произведувачи и преработувачи. Но, во секој случај, за да бидете дел од едните или од другите оператори потребни се големи финансиски средства. Оваа ситуација значи дека влезот на пазарот на канабис не е дозволен за секого, т. е. им е дозволен само на големите играчи. Со самото тоа се прави една голема дискриминација кон обичниот македонски граѓанин.
Оваа дискриминација се огледува во фактот што неколку групи граѓани не можат да се вклучат во поактивно искористување на бенефитите од ова растение. Тоа се, пред сè, фармерите / земјоделците, микроекономските оператори / компании и лицата кои боледуваат од болести кои не е дозволено или не е предвидено да се третираат со масло од канабис (или друг производ од канабис). Но, со правилно димензионирана политика сето ова може да се надмине и сите чинители во македонското општество ќе можат да ги уживаат и да ги чувствуваат нејзините благодети.
Која би била правилната политика по однос на канабисот во Македонија?
Доколку вака се постави прашањето, правилните одговори доаѓаат лесно и едноставно. Најсоодветна либерална политика за канабисот е онаа која ќе овозможи бенефит за сите сегменти од нашето општество. Легализацијата на канабисот предизвикува 3 видови бенефити / благодети во општеството, и тоа: економски, здравствен и социјален. Што поширок е опфатот на лица кои имаат корист од него, тоа и ние повеќе сме успеале како општество.
Економскиот благодет се огледува во фактот што националната економија добива уште еден сектор (сектор кој до вчера бил црн пазар) и од истиот тој сектор ќе се добијат: нови работни места, нова економска активност и дополнителен данок за државната каса. Притоа не треба да се потцени моментот на диверзификација на економски активности, почнувајќи од земјоделието (рурален развој), потоа доаѓа преработката (производство на масло, кондиторски производи, градежен материјал, текстил, пелети и голем број други производи) и на крајот сето тоа се заокружува со продажбата (продажба на зелена маса, масло, кондиторски производи, градежни материјали, текстилни производи и др.). Економските бенефити ќе се почувствуваат и на терцијарно ниво, на ниво на услуги, а секако тука предничи туризмот.
Ако се обидеме овој потенцијал да го валоризираме, се добиваат значајни цифри. Како почетна методологија за квантификување на пазарот би можеле да го земеме моделот на Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ Батут“, кои во едно истражување од 2016 година дошле до информација дека во Србија канабис консумираат околу 7,7 % од популацијата од 18 до 64 години. Ако истиот овој процент се земе и за Македонија, доаѓаме до податок дека кај нас бројот на потенцијални корисници се движи меѓу 120 000 и 140 000 корисници. За една груба песимистичка проценка на пазарот ќе ја земеме цифрата од 100 000 корисници кои трошат годишно по околу 6 000 МКД за набавка на канабис и негови производи и тоа нè носи до една сума од околу 600 000 000 МКД (или приближно 10 000 000 евра). Со самиот процес на легализација, цената на канабисот би била можеби и повисока од сегашната цена на црниот пазар, но во секој случај сумата која би ја наплатила државата врз основ на данок би се изразувала во милиони евра. Кога понатаму ќе се пресметаат и добивките кои ќе се остварат во секторот туризам факт е дека државава ќе оствари нови даночни приходи кои ќе се мерат во десетици милиони евра. Истите овие даночни приходи понатаму можат да се користат во образованието, во здравствената заштита, во инфраструктура, во поддршка на Фондот за пензиско и здравствено осигурување и сл.
Здравствениот благодет е многу важен од аспект на хуманистички пристап во третирањето на лица со различни дијагнози. Според многу анализи кои се направени до сега, бенефитот кој го имаат лицата кои ги третираат своите здравствени проблеми со канабис, најчесто со масло од канабис, е голем и во многу случаи значи спасување човечки животи. Како што беше и погоре кажано, идејата водилка за носењето на овој закон беше од хумани побуди: да им се помогне на лицата со одредени здравствени проблеми. Измената на законската регулатива во овој сегмент би одела во насока на тоа да се дозволи третирање на што е можно повеќе дијагнози, т. е. видови болести.
Третиот, последен, но не и помалку значаен аспект е социјалниот благодет за лицата уживатели на канабис. Самиот процес на легализација (кој автоматски вклучува и процес на декриминализација) ќе значи голем чекор напред во процесот на дестигматизација на лицата корисници / уживатели на канабис. Поради овој важен социјален момент, денес Обединетите нации и Светската здравствена организација се залагаат за целосна декриминализација на сите психотропни супстанции сè со крајна цел да се дестигматизираат лицата корисници на психотропни супстанции и да се ресоцијализираат во општеството. Едно од основните човекови права е правото на слободен избор и хуман и достоинствен третман на сите луѓе на планетава. Ова би значело дека македонското општество ќе се насочи кон хуман третман на сите оние кои поради различни ризични фактори и некаков вид трауми се нашле во незавидна ситуација да прибегнат кон злоупотреба на одредени супстанции и наместо осуда, жигосување и казнување (стигматизација) ќе ја избереме опцијата да им помогнеме на тие луѓе за повторно да се реинтегрираат во општеството и да почнат да придонесуваат за негов развој.
На крајот само би посочил дека процесот на имплементација на либерални политики во однос на канабисот на светско ниво е започнат. Македонија се наоѓа во релативно добра позиција со самото тоа што законски ни е регулирана употребата на канабисот во медицински и научни цели, останува да најдеме модел кој ќе ни помогне што подобро да се позиционираме на светскиот пазар и тоа добро да го наплатиме и да го капитализираме. Примерите на Израел, на Уругвај, на Шпанија, на Чешка, на Канада, на Јужно Африканската Република и на дел од сојузните држави во САД како Колорадо, Калифорнија, Алјаска, Мејн, Вашингтон ДЦ, Масачусец, Невада, Орегон, Вермонт и други се одличен показател дека на пазарот постојат нови трендови и тие треба успешно да се искористат сè со цел Македонија и нејзините жители да можат да имаат поквалитетен живот од секој аспект. Со партиципативен пристап и со вклученост на сите чинители во општеството (државната администрација, граѓанскиот сектор и бизнис-секторот) лесно може да се дојде до решение кое успешно ќе нè позиционира на светската мапа на држави со напредни и либерални политики.
Филип Секулоски
Авторот е долгогодишен консултант во областите добро владеење, локален економски развој и рамномерен регионален развој. Живее во Прилеп, а работно е активен низ цела Македонија и во земјите на Западен Балкан. Од 2016 година е активен поддржувач на повеќе граѓански иницијативи за воведување полиберални политики за канабисот.