„Умот не е брод што треба да се полни, туку оган што треба да се разгори.“ – Плутарх
Процесот на учење започнува веднаш по раѓањето. Учиме преку примери од непосредната околина, преку лични доживувања, имитираме, повторуваме, експериментираме, истражуваме, осознаваме. Учиме преку читање, пишување, дискутирање, искусување. Учиме секојдневно, учиме постојано. Ова постојано ми се потврдува низ моето професионално искуство. Желбата и потребата за нови знаења и искуства не запираат, дури и тогаш кога давам отпор.
На почетокот на моите студии во областа социјална работа и социјална политика мислев дека сето она што ќе го научам за време на сите предавања, вежби и практична работа ќе ме направи социјален работник. Како поминуваа годините, така сфаќав дека е потребно многу повеќе од предавања, вежби и практична работа. Па, во потрага по знаење и искуство започнав да посетувам обуки и семинари, некои поврзани со областа на студирање, а некои од други сосема поразлични области. Кога го започнав овој процес почнав да го разбирам и значењето на учењето преку искуство, кое во тоа време го доживував преку волонтирање. Откривајќи го светот на неформалното образование, дознавав колку е тоа значајно за оформувањето на личноста на професионалецот. Со секоја обука станував сè повеќе и повеќе свесна за светот околу мене.На секоја од обуките кои ги посетував учев повеќе отколку што се надевав дека ќе научам. Учев од обучувачите и теоријата и од практичните примери за кои тие говореа, учев од споделените искуства на другите учесници, од нивните дилеми, од моите недоразбирања и прашања, од неформалните дружења. Учев секаде и од сè. Сè уште учам. Учам кога сум во улогата на учесник на обука, кога сум обучувач или пак организатор. Сето тоа учење е уникатно, посебно и незаменливо. И сето учење ми помага да бидам богата со знаења и со искуства.
Последната обука на која учествував беше поврзана со локалната демократија согледана преку призмата на родовите перспективи. Обуката опфаќаше конкретни примери на локалните самоуправи во справувањето со предизвиците за надминување на родовата нееднаквост, а се одвиваше во неколку градови во Шведска. Покрај ова беа споделувани и примери од секој од учесниците, кои ги претставуваа земјите од Западен Балкан и од Источна Европа. За време на обуката најмногу ми оставија впечаток примерите од други држави, кои воопшто не беа ниту слични ниту пак културолошки поврзани со земјата во која живеам. Во тој момент сè ми се чинеше толку различно. Само неколку дена по завршувањето на обуката започнав да ги разбирам примерите преку согледување на примери во мојата земја Македонија. Родова нееднаквост, родови стереотипи и предрасуди, ги има насекаде. Преку оваа обука научив да ги забележувам и да ги препознавам во контекстот во кој живеам, па дури и оние кои не се директно и очигледно поврзани со социјалната работа, а сепак се многу значајни за социјалната работа.