Каде е тука потребата, барем малку да се одвоиме од напнатото секојдневие? Од забеганата цивилизација? Од неподносливото темпо на животот? Користење дрога рекреативно. Тоа беше прашањето.
– Што ќе се напиеш?
– Сок.
– Зошто? Да не си болен?
Секој барем еднаш во животот има доживеано ваков дијалог. Одиш на гости, те прашуваат што ќе пиеш, ти велиш сок. И го добиваш она чувство дека наеднаш сите зјапаат во тебе. Затоа што сите навистина зјапаат во тебе. Како штотуку да си паднал од Марс каде, со оној Мет Дејмон кој го заборавија таму, сте барале вода, ама сте нашле ракија. И не сте ја испиле.
Тука и таму
Навистина е вака кога на гости ќе побараш сок. А на менито бела и жолта ракија, „узо“ и „мастика“, црно и бело вино, ликер од ова, она и ова онаквото, плус едни пријатели донесоа виски и коњак, ама ти сок сакаш. Зошто е ова така? Затоа што кај нас тоа е нормално. Алкохол е нормално да се пие. И не, не зборувам за екстремни случаи. Не зборувам за тешки форми на алкохолизам. Или трагедии предизвикани во пијана состојба. Зборувам за оние деведесет проценти народ што живее на Балканот. Пијат сок само кога се болни. Алкохолот е секојдневие. И сите имаат слични објаснувања.
– Кај нас тоа е традиција.
– Малку алкохол е добро за здравје.
– Понекогаш е потребно да се опуштиме.
Ова се најчести коментари. Тука е и образовниот алкосистем. До седма или осма година веќе ти дале да пробаш пиво. Во средно нема проблем ако на прослави, родендени или слави, тераш вино со фамилија. Патем, веќе знаат дека си почнал да пиеш кога излегуваш со друштво. Имај мерка, не претерувај, тоа се советите. Со полнолетство веќе пиеш жестоко со „стариот“.
Во тој период се учи ритуалноста. Старите те учат дека чашка ракија наутро е добро за циркулација. Ручек не се почнува без салата и една „жолта“. Ако се руча месо, се пие вино. По јадење, секако, ладно пиво. Кога би нè истражувале антрополози, нема многу да се потат околу нас. Нема тука тотемизми, шаманизми, не знам какви заебани иницијации, затворени табуизирани општествени структури.
– Што ќе се напиеш? – го прашуваш антропологот кој штотуку влегол кај тебе дома за да ги проучи есхатолошките остатоци во тебе останати од твоите предци како генетски записи.
– Сок – вели вадејќи диктафон.
– Зошто? Да не си болен?
Сосема различно искуство доживеав со холандска фамилија. Накратко за тоа. Заеднички ручек во скопски ресторан. Со мене, брачен пар и две деца. Децата на возраст од петнаесет и десет години. Поголемиот син заинтересирано го разгледува шишето пиво.
– Сакаш пиво? – прашувам.
Неговото лице покажува дека сака пиво. Очигледно веќе го пие со другарите. Се врти кон родителите.
– Никако – свика мајката.
– Нема шанси – додава таткото.
Се почувствував чудно. Како да сум му понудил џоинт. Намерно го споменувам џоинтот. Ме заинтересира нивната реакција. Ги прашав на таа тема. Ми рекоа дека им изгледа ненормално на дете да му се дава алкохол. Им објаснив како стојат работите кај нас. Ми вратија со муабет дека понормално е да го видат како пуши марихуана, отколку да пие алкохол. Алкохолот, за разлика од марихуаната, ми рекоа, е опасна играчка, смртоносно опасна играчка.
Зависност
Зошто почнувам вака? Сакам компаративно набљудување на проблемот. Не дека овде имаме некој проблем. Различни средини и сфаќања. Различни традиции и ритуали. Таму марихуаната е секојдневие, тука алкохолот. И полека доаѓаме до суштината. Рекреативно користење на лесни дроги. Велам лесни, оти со тешките дроги нема заебанција. Не се помрднувам од ова стојалиште. Сум искусил речиси сè на таа тема низ животов.
Хероинот не може да го разбуди Џим Морисон во тебе. Па, и марихуаната не те прави Боб Марли. Да се занесуваш дека ќе станеш Тони Монтано шмркајќи „бело“ е малоумно. Сеедно што во последно време слушам некои „копиљаци“ како објаснуваат дека коката е само малку појак апер, па океј било да се користи рекреативно. Не знам од кај го собрале муабетов. Нема ништо рекреативно во хероинот и кокаинот. И ние како „копиљаци“, мислејќи дека е рекреативно, еднаш во неделата „дувавме“ солинарска боја, па се збогувавме со бааги мозочни клетки. Солинарска боја ви е онаа сребрена боја за ќумци што ако ја ставиш во кеса и дуваш во неа, почнуваш да халуцинираш. Тоа трае ужасно кратко, а ти се претвораш во идиот. Ај, да не им давам идеи на новиве „копиљаци“.
Сакам да кажам, нема играње и рекреација со тешки дроги. Низ животов изгубив неколку познаници кои тргнаа рекреативно со хорс и бело. А-ха, заминаа на вечните ловишта гадно уништувајќи се себе и своите најсакани. Ловеа во матно, па станаа улов. Тоа е „рекреација“ која може да води кон зависност. А зависноста е болест.
Проблемот е што сите сме на некој начин зависни. Сите сме болни. Речиси и да не сум запознал човек без зависност. Исклучоците вообичаено го потврдуваат правилото.
Постојат најразлични зависности. Ако фатам да набројувам, роман ќе треба да напишам. Ние најчесто одбиваме да ја забележиме својата зависност. Со нас секогаш одат милион оправдувања ако некој ни ја посочи. Па зборуваме будалаштини мислејќи дека тоа е разумно.
– Не сум цел ден пред телевизор, одвреме-навреме ѕиркам за да бидам во тек.
– Па само јас ли играм „игрици“ по неколку дена не излегувајќи од соба, пола свет го прави тоа.
– Само ти личи дека јас сум 24 часа на интернет, мене тоа ми е работа.
– Подобро да пијам цел ден кока-кола, отколку ракија, така?
– Е што, да не умрел некој од многу чоколадо?
– Јас морам секој ден да јадам свинско, тешка работа имам, ми треба енергија.
Милион оправдувања, милион будалаштини. Кафе и цигари. Политика. Секс. Автомобили. Шопинг. Дрога. Сите зависности во себе ја носат опсесивноста. Опсесивноста секогаш е опасна. Сте се запрашале ли зошто нема зависници од добри дела? Од давање милостина?
– Знаеш, јас во денот мора да испијам неколку кафиња, инаку не функционирам.
Ова сте го чуле.
- Ако во денот не му помогнам на некој во неволја, како да не сум жив.
Вакво нешто може да најдете само во духовни книги или научна фантастика.
Такви сме ние луѓето. Склони кон зависности. Склони кон пороци. И секогаш ја осудуваме туѓата зависност, туѓиот порок. Својот никако да го видиме. Ако некој ни го посочи, се оправдуваме. Оттука на секој треба да му е јасно дека зависноста од дрога е иста како зависноста од интернет, секс, шопинг и слично, само првава може побрзо да те убие. И нормално, глупаво е друг да осудуваш за неговата болест/порок/зависност затоа што и ти си имаш своја. За крај на овој дел, ќе ви посочам еден личен пример.
– Не е океј да пушиш трева од сабајле до вечер – му велам на својот пријател – не си во ритам, губиш концентрација, изгледаш како цело време да спиеш.
– Не е убаво по цел ден да седиш пред компјутер и да јадеш џанк фуд, а навечер да се налеваш со пиво – ми враќа тој – гледај колкав си се направил! Дебел си. Губиш здив. Немаш сила. Па уште три кутии цигари на ден.
– Пред компјутер ми е работата, јадам за да не губам време, а пиво навечер мора да се напијам – кажувам будалаштини правдајќи се.
– Тревата ме смирува, само со неа може да истерам ден, инаку ќе полудам – кажува будалаштини правдајќи се.
Сами проценете.
Не станав орел
– Не мораше толку да се изнапишуваш – ми вели совеста – за дури сега да тргнеш со поентата.
– Јас сум писател и мразам поенти – враќам – мене пишувањето ми е зависност, дрога без која не можам да живеам.
– И мораш сите нас да нè малтретираш со твојата зависност?
– Како што рекол Данило Киш, јас пишувам зашто не знам да правам ништо друго, а тоа го правам подобро од другите.
– Што…? Се дрогираш со пишување?
– Не, дрога земам рекреативно, а пишувам со наркоманска зависност.
Што ли значи тоа да користиш дрога рекреативно? Многумина тоа едноставно ќе ви го објаснат.
– Па, одвреме-навреме знам да запалам џоинт.
– Понекогаш ми се оди на журка, онака добро да се изнаиграм, па земам екстази.
– Знам на два три месеца да шмркнам малку бело, чисто поради релаксација.
Тоа се објаснувањата. Океј сум со тоа.
Додека се образував како личност и писател поминав низ многу замки. Некои тоа го нарекуваат искуство. Не сум баш сигурен. Искуството треба да те направи помудар. Јас не се наоѓам за таков. Како и де е, бев вљубеник во книжевноста, а нешто во мене врескаше дека сакам да бидам писател. Им се восхитував на Есенин, Буковски, Превер. Сакав да пијам и да пишувам како нив. Со алкохолот ми успеа. За малку ќе станев алкохоличар, а немав ни факултет завршено. Поезијата ми беше „срање“. Потоа се фатив со битниците. Таму дрогата играше главна улога. Пробав речиси сè што имаше да се проба кај нас. Ама никако не ми одеше реченицата или стихот како кај Керуак и Гинзберг. Многу полесно можев да станам зависник отколку добар писател. Карлос Кастанеда силно ме потресе. Како јас да ги стигнам тие чудесни светови? Мескалин и псилоцибин. До нив немаше начин како да стигнам. Ама јадев хавајски и мексикански халуциногени печурки. Не се претворив во орел. Добив гадна алергија. И тоа не ме направи подобар писател. Ниту ми го изгради стилот. Со тек на време сфатив дека креативното „јас“ можам да го изградам само јас, барајќи го во себе. Никаква дрога тука не помага. Само може да заебе. Со јадење ЛСД не се станува Вилијам Бароуз или Хантер Томпсон. Јас изедов ЛСД со намера да пишувам расказ. Завршив пред телевизор, зјапнат во атлетски натпревар и трипував дека сум таму. Неколку дена потоа, сосема чист, успеав да го напишам расказот за тоа како сакам да напишам расказ под дејство на ЛСД. Ова го пишувам за сите оние кои мислат дека дрогата ќе им помогне на нивната уметност. На оние млади луѓе кои сега ја откриваат уметноста во себе. Само уметноста во вас може да ја открие уметноста во вас.
Поентата е во последната реченица
Но, каде е тука потребата барем малку да се одвоиме од напнатото секојдневие? Од забеганата цивилизација? Од неподносливото темпо на животот? Користење дрога рекреативно. Тоа беше прашањето. Дали би напишал текст за рекреативно користење на дрога?
Веќе напоменав, тука ги отфрлам тешките дроги. Но, сепак треба да се внимава на термините. Спротивно на рекреативно, понекогаш е редовно, а понекогаш зависност. На пример, треба да се има редовен секс, ама е опасно, како од сè друго, да си зависен од него. Редовно користење дрога не е баш паметно. Како и алкохол. Како и џанк фуд. Но, да се испие вино, да се испуши џоинт, одвреме-навреме, секако е во ред. Дури, ако јас се прашувам, препорачливо е. Нормално, освен ако телото не го одбива тоа. Има луѓе кои едноставно не поднесуваат алкохол. Или марихуана. Но, доколку е обратно, јас мислам дека навистина е во ред да се консумира одвреме-навреме. И тука нема да го злоупотребувам фактот дека вино, пиво, ракија, во мали количини добри се за телото, за крвта. Марихуаната, тоа веќе и малите деца го знаат, е лек. Ама, никако со претерување. И премногу користење витамини е опасно за организмот. Баланс постои во универзумот. Мора да го има и во нас.
Да се има мерка, рекле старите. И во право се.
Значи, не зборувам за медицинско користење, туку за едноставна релаксација. Оти на умот, телото и душата, треба да им се даде малку опуштање.
Во трката за пари и кариера, среде ова модерно лудило што нè опкружува, каде животот сè повеќе се забрзува, а ние трчаме како безумни по успех и моќ, не слушајќи се ни себе, ни меѓу себе, и така, додека умот и телото ни врескаат во агонијата на себенепрепознавање, за да не се најдеме полудени или со метастазиран канцер насекаде под нападот на илјада стресови, добро е да се запре, да се затворат за миг очите, да се испуши џоинт, да се испие пиво, да се опијани од вино, да се свитка хашиш пред спиење и да се препушти душата на мир и мечтаење, оти со следното будење напаѓаат пороците, зависностите од материјална удобност, потрошувачка безумност, бездушна саможивост, волја за моќ и полтронска послушност, елитистичка надменост или користољубива понизност.
Автор:
Александар Русјаков, писател