Не пушам трева зашто се плашам од инквизиција

0

Дека тревата е подобра опција за релаксација од алкохолот и другите дроги потврдуваат податоците од разни статистики и истражувања од земјите каде што тревата не е криминал. Од американската држава Колорадо до Уругвај, преку Холандија, па сè до Калифорнија е истата приказна: видно е намален криминалот, има многу помалку сообраќајни незгоди, има драстичен пад на употребата на „јаки“ дроги итн. Кај нас тревата е криминал бидејќи обвинителите и правниците добро заработуваат на туѓата несреќа. Истите тие бесчесни правници со своето неетичко однесување придонесуваат кон тоа народот веќе да не ѝ верува на Полицијата која во оваа приказна е најмалку виновна за тоа што криминалот постојано само ни расте и расте.

Јас веќе не пушам трева зашто е скапа, а квалитетот е многу лош. Малтретирањата со дилерите и константниот страв од Полицијата не ми треба во животот. Искрено, ги мразам дилерите, а ја почитувам Полицијата и едноставно не сакам да пушам трева сè додека некои сомнителни структури на општеството ја третираат како криминал и зло. Тревата не е зло, тревата е кул и секој што вели дека тревата е зло, тој „лаже ко’ џукела“. Вистина е дека тревата не им годи на некои луѓе, како што мене на пример не ми годи тиква зашто веднаш повраќам ако каснам само едно залче, така што не јадам тиква. Кому не му годи тревата, нека не ја пуши и крај на приказната. Сите сме различни, но Бог за сите нас направил доволно место на оваа планета.

Исто така не е во ред за тревата да расправаат луѓе кои никогаш не ја пушеле или кои лошо истрипувале од пушењето на оваа света билка. Навистина сите сме различни и не мора на сите сè да ни годи. Мене алкохолот не ми годи, па затоа ретко пијам, макар што ете понекогаш ќе испијам една „жолта“ или „мастика“ зашто тоа ми е прифатлива доза. Сè над оваа доза ми прави лошо. Сум присуствувал на сцени каде луѓе се тепаат на ракија и прават разни „срања“ без да бидат свесни што прават. Од друга страна, „тревопушците“ се насмеани, смирени и секогаш во позитивно расположение. Никогаш не сум видел некој да се тепа под дејство на трева, иако сум сведочел на разни кавги меѓу напушени луѓе и морам да признам дека тие кавги на некој што набљудува од страна му изгледаат прилично смешни и апсурдни така што лесно се прекинуваат и на крајот лесно се забораваат. Едноставно кажано: тревата не може и не треба да се споредува со алкохолот, хероинот, кокаинот или пак со никотинот за кои веќе е докажано дека можат да предизвикаат канцер.

Денес пушењето трева е кривично дело зашто тоа така им одговара на одредени структури на општеството кои не си ја работат работата како што треба. Овде мислам на јавните обвинители кои очигледно немаат храброст да се борат со вистинските криминалци, па нашле начин како да си ги оправдаат својата совест (ако воопшто ја имаат), својата плата и својот углед. Трева најмногу пушат студентите и вработените луѓе. Исто така тревата не е толку достапна на „пробисветите“ зашто е поскапа од ракија и од хероин, а богами и „послабо лупа“. Правната струка е сериозен бизнис и од оваа приказна е направен еден систем што ѝ штети на интелигенцијата на секоја нација. Ако нашите деца кои студираат ги прогласуваме за криминалци зашто пушеле „џоинт“ пред концерт или пред секс, а ги пуштаме дилерите и другите криминалци да се шетаат слободно, тогаш јасно е колку сме лоши.

Јавниот обвинител е недопирлива институција, многу моќна која на располагање го има правниот арсенал доволен за некому да му го уништи животот. Наместо нашите сили да ги насочиме против вистинските криминалци, тие и понатаму ги прогонуваат студентите и вработените луѓе од кои ова општество може да има само корист, а никако штета. Каква штета му прави на општеството некоја личност која во својот стан посадила билка, ја пуши сама или со своето друштво? Кривичното дело „загрозување на јавното здравје“ за пушење трева – дури и ако ја пушите само во својата соба – не е заебанција. Три месеци затвор или година дена условна казна е наградата која државата толку несебично им ја дава на нашите студенти. Постои и еден таканаречен „опортунитет“ кога државата на еден крајно понижувачки и нечесен начин игра на картата на стравот барајќи од „обвинетиот“ да го признае кривичното дело и да плати парична казна од 500 евра во замена за „отфрлање на тужбата“. Така им ги земаат парите на луѓето кои ја имале таа несреќа да ги фати Полиција дури и со пола грам трева. Преплашените студенти и нивните родители побрзо ќе се согласат на ова понижување отколку да го дигнат својот глас против.

Во мојот живот двапати сум имал работа со Полиција поради минимална количина трева (помалку од три грама). Во двата случаи Полицијата била крајно коректна и пријателски настроена. Мене всушност ми помогнаа да не западнам во поголемо „срање“ давајќи ми многу корисни совети, додека такво нешто не би можел да кажам за адвокатите и јавните обвинители. Јавниот обвинител ме третираше како да сум убил човек, а адвокатот ми ги извлече сите пари од џеб и не направи ништо што не би можел јас сам да направам иако немам поим од право. Кај полицајците забележав колку им е смачено од фактот дека дилерите шетаат слободни и едноставно им е глупо што мораат да апсат деца кои немаат никаква врска со криминалот. Но, „јебига“, Полицијата мора да си ја работи работата зашто „таков е законот“. Да не се лажеме, Полицијата ги апси и дилерите и криминалците, но тие не се осудуваат толку колку „тревопушците“ и Полицијата не е виновна за тоа. За жал, секаде во регионот Полицијата ја бие лош глас зашто и бабите на пазар зборуваат дека „Полицијата дила дрога“ затоа што „Полицијата знае сè“. Некои теоретичари на заговори тврдат дека „разузнувачките служби“ дилаат дрога зашто немаат од каде да се финансираат и дека тоа го прават преку осудените криминалци кои со задоволство се согласуваат на таа работа во замена за својата слобода и со вакви приказни е преполн интернетот, но на овие приказни треба да им дојде крајот. Полицијата не е лоша и да се биде полицаец е чест, но како да бидеш чесен полицаец кога имаме вакви закони? Повторувам, Полицијата е супер во споредба со Јавното обвинителство. Јавниот обвинител буквално ќе линчува секого бидејќи таква им е работата и во случаите кога ги обвинува студентите за два грама трева Обвинителството покажува колку нема никаква етика ни чест. Се однесуваат како нацистички војници кои само извршуваат наредби. Полицијата не е таква, барем не сите полицајци, додека сите јавни обвинители не се ништо друго туку машини кои мелат и едноставно не можете ништо, ниту да критикувате, а да не западнете во некој проблем. Страшно е што и денеска молчиме на оваа тема додека ни ги апсат студентите и вработените.

Јас би сакал да пушам трева, онака како што ја пушат луѓето во Холандија, Уругвај, Португалија… слободно и без да ме прогонува некој. Нејќам некој да ме апси затоа што сум пушел трева. Моја работа е што правам со моето тело. Моето тело не е јавна сопственост!!! Пушењето трева не е болест, особено не заразна болест. И зошто некој без никаква логика и етика применува ваков „инквизициски закон“ кој очигледно напаѓа еден слој од општеството што не е воопшто проблематичен? Пушењето трева не го загрозува јавното здравје зашто повторувам: нечие тело не е јавна сопственост. Секоја личност има право да јаде, да пие и да пуши што сака. Не мораме со тоа да се согласуваме, но дефинитивно немаме право тоа некому да му го ускратуваме, а особено немаме право некому „на легален начин“ да му ја уништиме иднината. Нејќам веќе да пушам трева, но сакам да го искажам својот став за еден закон кој не е во ред.

Го гледам Џо Роган кој со Елон Маск пуши трева во студио и тоа видео има околу 50 милиони прегледи на Јутјуб. Дали тие двајца го загрозиле јавното здравје? Не знам, вие проценете, но кога тоа би го направиле во Македонија, нашето Јавно обвинителство би ги пикнало во затвор и би ги прогласило за криминалци. Дали тоа значи дека нам не ни требаат луѓе како Елон Маск? Не ни треба човек кој ќе направи автомобил на електрична енергија или вселенски брод? Ние таквите луѓе ги третираме како криминалци, ги ставаме во затвор. Има безброј примери на уништени судбини поради законот за „загрозување на јавно здравје“. Нам ни е поважно јавниот обвинител да ја заработи својата плата и да се почитуваат инквизициски закони. Не знам какви луѓе сме ние кога молчиме на вакви закони. „Јеботе“, пушењето трева не е криминал дури ни во Русија.

Не мораме да ја легализираме употребата на трева, можеме едноставно да ја декриминализираме, просто за да не ги уништуваме животите на студентите и на вработените граѓани. А јавните обвинители треба да почнат да ја работат својата работа за која се платени. Факт е дека криминалот кај нас само расте од година во година и треба гласно да се каже дека за таквата состојба не се одговорни нашите студенти и вработените граѓани кои редовно си ги плаќаат даноците. За некои сто години ќе се пишува за ова време и нека им е на чест на сите оние кои пратиле некој студент во затвор или го осудиле на условна казна. На оваа нација ѝ се потребни паметни и образовани луѓе за да ја водат во иднината и крајно време е да го дигнеме својот глас против законот за „загрозување на јавното здравје“ и против оваа лицемерна пракса која без трошка етика се применува од страна на нашите јавни обвинители. Но, не заборавајте, додека сите молчиме на ваквите закони, ќе трпат оние од кои сите ние би имале корист, никако штета.

Се надевам дека во блиска иднина ќе се покрене иницијатива да се укинат сите дискриминаторски и инквизициски закони за конечно да се воспостави доверба во судската власт. Не знам од што се плашат политичарите, но на пример легализацијата на канабисот за медицински цели не предизвика ниеден протест или некоја сериозна негативна реакција. Што е проблем Македонија да стане како Холандија или Калифорнија? Што има лошо во тоа? Јас и понатаму мислам дека е можен подобар свет, но знам дека тој подобар свет нема да се случи сам од себе, додека сите ѝ молчиме на неправдата.

Автор: Пексим Слани (Pexim SLani), руски класик од Илиџа, е автор на многу блогови, пасивист и дрилософ. „Пасивна неподвижност ‘Уште’“, „Дрилософија“, („Pasivistički Nepokret JOŠ“, „Drillosofija“) е само дел од она што ни го подарил овој исклучително небитен човек. Тој е фри софтвер активист и автор на блогот Пексим линукс (Pexim Linux).

 

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.