Националната стратегија за дроги (во понатамошниот текст Стратегијата за дроги) го опфаќа стратешкиот период 2021-2025 година и се заснова на утврдените приоритети и цели во Европската стратегија за дроги, како и на анализата и дадените препораки од страна на ЕМЦДДА и националните институции надлежни на подрачјето на дрогите.
Од анализата на претходната стратегија беше утврдена потреба за понатамошно зајакнување и развој на адекватни пристапи за намалување на побарувачката и понудата на дроги, како и потреба за зајакната координација помеѓу институциите и подобрување на системот на известување. Врз основа на трендовите во користењето дроги помеѓу популацијата и особено помеѓу младите лица беше утврдена потреба за системски пристап во превенцијата преку процесот на образование на сите нивоа. Исто така, потребно е адаптирање на програмите за третман на луѓето со нарушување од употреба на дроги (ЛНУД) согласно спецификите и потребите на тие луѓе, како и препознавање и вклучување на програмите за намалување штети од употреба на дроги во севкупната стратегија за управување со политиките на дроги.
Анализата покажа дека е потребно понатамошно кадровско зајакнување во сите институции што работат на намалување на побарувачката и понудата на дроги, како и техничко опремување и акредитација на лаборатории во согласност со современите трендови во областа. Од особена важност е кадровското и техничкото екипирање на Центарот за дроги и засилената координација со цел единствен пристап во управување со политиките на дроги. Во таа насока, во следниот стратешки период се дефинирани клучни очекувани промени и цели што треба да се постигнат.
Оваа публикација беше овозможена со финансиска подршка на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија во рамките на регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ реализиран од Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Стратегијата на МАКЕДОНСКИ јазик
Стратегијата на АЛБАНСКИ јазик
Стратегијата на АНГЛИСКИ јазик