Народниот правобранител со укажувања се справува со дискриминација и вознемирување

0

Во месец октомври до Народниот правобранител беше поднесена претставка против Министерството за внатрешни работи (МВР) за случај на дискриминација и вознемирување од страна на гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет. Станува збор за две транс жени од Турција кои биле вознемирувани од страна на граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје. Двете транс жени ја имаат започнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е „М“ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната трансжена ѝ кажал дека бил во Истанбул и видел „луѓе како неа“.

По поднесената претставка, Народниот правобранител достави известување во кое наведе  дека доставил барање со укажување до Секторот за гранични работи и миграција во кое ги навел наводите од претставката и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични полициски службеници во насока на нивно сензибилизирање. Народниот правобранител препорачал и преземање мерки за запознавање на сите службеници со соодветната домашна и меѓународна пракса која се однесува на забраната за вршење дискриминација по кој било основ. Дополнително, во известувањето е наведено дека од страна на МВР е добиен одговор на претставката со кој Народниот правобранител бил известен дека биле извршени регуларни проверки на патни исправи и со транс жените се постапувало учтиво, а бидејќи се работи за несовпаѓање со изгледот било направено верифицирање со друг службеник.

Согласно известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родовиот идентитет и само укажува на потребата од обуки за сензибилизација кон „овој тип на лица” и препорачува преземање мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминацијата. Народниот правобранител не ги зема предвид наводите дека транс жените биле изложени на исмејување и недолични коментари од неколку службеници и дека не се работело само за проверка и верификација од надреден службеник како што е наведено од МВР. Имено со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на транс жените. Со тоа што ги повикувале своите колеги за да ги видат пасошите и транс жените, им го повредиле и правото на приватност и непотребно ги изложиле на исмевање кое резултирало со повреда на достоинството.

Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е од исклучителна важност Народниот правобранител соодветно да постапува во вакви случаи и изречно да утврдува дискриминација и вознемирување, наместо да има поголема верба во исказите на полициските службеници. Народниот правобранител не верува во исказите на жртвите и во известувањето за запирање на постапката без никакво образоложение, туку само ги пренесува одговорите на МВР. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање на мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторското и вознемирувачко однесување и постапувања од страна на полицијата, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од страна на Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита.

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска (078 200 675)

Share.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.