Правото на живот е неприкосновено право втемелено во највисокиот правен акт, Уставот на Република Македонија. Ова право е загарантирано и со меѓународните договори за заштита на човековите слободи и права со кои се наметнуваат обврски за државата без ограничување да го штити правото на живот. Република Македонија има обврска да се воздржи од дејствија што можат да го ограничат правото на живот, но исто така има обврска да дејствува афирмативно во насока на зачувување на животот на поединците. Правото на живот не е изолирано право во однос на останатите човекови права. Имено, правото на здравје е едно од правата што е тесно поврзано со непречено уживање на правото на живот. Опијатното предозирање претстaвува животозагрозувачка здравствена состојба што бара итна интервенција. Налоксонот пак е широко прифатен лек, ефикасен, со минимални штетни последици, што спасува животи во случаи на опијатно предозирање. Долги години наназад истражувањата укажуваат на ограничената достапност на налоксонот во Република Македонија, што доведува до чести случаи на смрт од предозираност. Во смисла на позитивната обврска на државата, потребно е да се усвои правна рамка што ќе овозможи континуирана достапност и лесна пристапност до налоксонот како блокатор на опиоиди при опијатно предозирање. Налоксонот е на Листата на основни лекови на Светската здравствена организација (СЗО). Основните лекови се оние што ги задоволуваат приоритетните потреби во здравствената грижа на популацијата. Тие се избрани како резултат на распространетоста на болестите што ги третираат, доказите за нивната ефикасност, безбедноста при употребата и компаративната финансиска исплатливост. Основните лекови треба да бидат достапни секогаш, во доволна количина, во доволна доза, со сигурен квалитет и цена што поединецот и заедницата можат да си ги дозволат. Целиот извештај Налоксонот спасува животи: Анализа на правната рамка за зголемување на достапноста на налоксонот при опијатно предозирање во Република Македонија.