„Она по што вулгарниот хедонизам се разликува од филозофскиот е култивираноста во уживањето. Уживањето без учество на свеста е погубно за душата. Вулгарниот хедонизам во секој момент е подготвен да жртвува, да искористи или да злоупотреби. Филозофскиот хедонизам е свесен за присуството на другите и не му е толку до тоа да се задоволи себеси колку да оствари еден складен и успешен однос. Страсен, сетилен и полов, рафиниран, елегантен и префинет, хедонистичкиот ангел се грижи за отстранување на туѓите грижи. Тој е секаде каде што некоја мајка готви, пее и ја лула лулката, таму каде што таткото го допира и го милува своето дете. Тој е таму каде што рацете и усните се спојуваат, онаму каде што се разменуваат знаци на внимание, срдечни и пријателски гестови, изрази на нежност. Тој наместо светата водичка го претпочита виното, се плаши од темјанот и повеќе ужива во мирисите на некое сакано тело; нему му ги должиме најубавите чувства, најслатките пијанства, скапоцените и ефемерни јадења, малите радости. Животното гесло на овој пробувач на рајските јаболки би гласело Carpe diem – искористи го денот! Мислам дека со мирна душа би можеле да му го препуштиме својот живот, за Танатос, кога ќе дојде неговиот час, во своите бисаги да спакува само тело кое согорело до последниот остаток“.
(Мишел Онфре, Гастрономски ум: филозофија на вкусот)
При крајот на 80-тите години на минатиот век, кога бев средношколка, најкул место за излегување не беше некоја фенси дискотека или елитно кафуле, туку најобична, дури и во тоа време излитена – чајџилница. „Галерија 7“ во Чаршија беше место за средби на уметници и багабонти, на улични филозофи и шпиони, на радикални верници и безбожници, на луцидни умови и начнати души, на убави луѓе кои, во меѓувреме, се расеаја, се променија или тивко се одјавија од светот. Сите нив – сите нас – кон ова сега веќе митско место нè влечеше не само желбата за муабет и припаѓање туку и вкусот на турскиот чај. Евтин, од оние кои се продаваат по пазарите, а се увезуваат на тони, катран црн, тој се служеше во мали чашчиња и дози, како отров. Оние кои доаѓаа рано за да си фатат место, и кои остануваа до доцна, добро го познаваа неговото дејство. Според спомени на еден од нив, кои се и ден-денес свежи, по испиени повеќе од пет чаја, дејството почнувало да се манифестира низ физички симптоми: блага вознемиреност од непознато потекло, лесен тремор на рацете, благи тикови по лицето. По рекордниот 11-ти, доколку не се свртел некој круг околу Чаршијата на свеж воздух со брзо одење, последиците можеле да бидат и пострашни, слични на оние по испиен прекумерен број енергетски пијалаци: тахикардија, потење, халуцинации. Тогаш морало да се сврти на нешто полесно – таканаречениот „оролет“, или греена цедевита, за „спуштање“.
Да пиеш и да сакаш чај во нашава средина е тема на бројни недоразбирања. Под „чај“ обично се подразбира жежок пијалак кој се пие само кога човек мора – кога е настинат или кога го боли стомак. „Чајот“ притоа може да е направен од нане или од камилица, да е планински или од липа, од шипка или хибискус, спакуван во филтер-ќесичиња, свеж или сушен. Но, оваа течност добиена со потопување лековити растенија или овошки не е чај. Чајот е посебна билка од родот камелии (Camellia Sinensis) и она што во светот се нарекува chai (албански, турски), cha (мандаринско-кинески), tsai (грчки), te (исландски), tea (англиски), всушност е пијалак добиен со потопување на исушени листови, цветови и гранчиња од зимзелена грмушка која најдобро успева во Источна Азија. Оттаму терминот „овошен“ или „билков“ чај не е соодветен, а недоразбирањето најдобро го надминуваат Французите во чиј јазик постојат два термина за двете различни работи: thé и tisan (чај и тисан –
билков или овошен топол пијалак).
Четирите основни типови – црн, улонг, зелен и бел чај, се разликуваат само по степенот на ферментација и оксидација (сушење) на истата таа билка. Црниот е целосно ферментиран, зелениот воопшто не е, улонг е некаде на средина, а белиот се бере пред неговите листови целосно да се отворат, додека се уште покриени со фини бели влакненца, па оттаму и неговото име (често и неговата повисока цена). Сите типови можат да послужат како основа за ароматизирање – црните најдобро одат со зачини како цимет, бергамот или морско оревче и малку млеко; зелениот и белиот со јасмин или со сушени овошја. Можностите за комбинирање и експериментирање се неограничени. Роибос или т.н. „црвен чај“ исто така технички не е чај бидејќи се добива од друга, мешункаста билка која расте во Африка и не содржи кофеин (односно теин).
Каква врска има сето ова со лесните, односно таканаречените „рекреативни“ дроги? Под рекреативна употреба се подразбира користење на психоактивни супстанции кои предизвикуваат изменета состојба на свест заради задоволство. И, иако звучи необично, во овие супстанции спаѓа и кофеинот содржан во кафето, во чајот, па дури и оној во некои безалкохолни пијалаци. Особено богати со кофеин се црните чаеви, во кои може да има (во зависност од видот и времетраењето на попарувањето) и до 50 милиграми кофеин на голема шолја. Во споредба со кафето (до 165 милиграми на голема шолја), ова звучи малку. Но, токму уверувањето дека чајот „не е ништо“ во споредба со кафето залажува, па оние навлечени на (црни) чаеви може да консумираат и повеќе кофеин на дневна база од некој кој се смета за „зависник“ од кафе. Симболично е и тоа што чајот во специјализираните продавници се продава на грамови, како лек, но и како специфична дрога. Разликата меѓу кафето и чајот сепак не е само биохемиска, туку и социјална. Освен чајџилниците во Чаршија, во Скопје нема специјализирани чајни салони или клубови. Името на местата за излегување, каде што повеќе се пие алкохол отколку кафе, е „КАФичи“ а не „ЧАЈфичи“, а вообичаена изрека е „ај на кафе“ (за многумина истата покана со чај би звучела необично). Оттаму љубителите на (вистински) чај често се чувствуваат како изолирана „секта“ чиј хедонизам не наидува на разбирање кај невоведените, па најчесто си пијат сами дома, во медитација, сркајќи си ја дрогата тивко, без тоа никој да го знае. Како чајни дилери тие разменуваат сушени билки во теглички и метални контејнери по мрачни сокаци, претходно договорени со лозинка „И’ам нова пратка. Од Малави“. Можеби дури и овој текст е кршење на заветот за молчење меѓу „чајистите“, или на англиски „теисти“, за кои подготовката, пиењето и споделувањето на добар чај е нешто меѓу мистично и еротско искуство. Како топчето зелен чај од кое, кога е потопено во врела вода во проѕирен чајник (таков специјално за оваа намена), во текот на неколку секунди ќе никне цел букет цветови кои се повеќе за гледање отколку за пиење.
И иако звучи изнасилено, и чајот може да е врска со „оностраното“, но сфатено малку поинаку – како обид среде нечистотијата на секојдневниот живот да се создаде оаза, микровселена каде што ќе владеат редот и спокојот.
„Теизмот е обред втемелен на почитување на она што е убаво меѓу нечистотијата на секојдневниот живот. Тој е хигиена затоа што наметнува чистота, економија затоа што покажува повеќе уживање во едноставното отколку во сложеното и скапото, тој е морална геометрија бидејќи ја дефинира нашата смисла за размена со вселената. Тој е, всушност, почитување на Несовршеното, и скромен обид да се постигне нешто што е можно, во оваа неозможна појава која ја нарекуваме живот“ – пишува Какузо Окакура во неговата позната „Книга за чајот“.
Поврзуван со зен-будизмот, чајот е често користена метафора во зен коаните – приказни со поучна содржина кои патот до спознанието го трасираат преку интуицијата, а не преку рационалното. Една од легендите за настанокот на чајната грмушка ја поврзува со првиот патријарх на кинескиот зен-будизам – Бодидарма. Дарма бил богат и разгален индиски принц кој ги вкусил телесните наслади, алкохолот, со еден збор сите „лесни дроги“. Но, во еден момент одлучувајќи да се посвети на духовното, тој станува патувачки монах, оддаден исклучиво на молитвата и на медитацијата, и ден и ноќ. Долго време се придржувал до оваа одлука, без да се одмори, но дури и телото на истрајните испосници понекогаш попушта – на крај Дарма заспал. Откако сонот ја однел својата победа, заветот бил прекршен, а чувството на вина огромно.
Дарма се казнува: со нож ги сече своите очни капаци и ги закопува во земја. По некое време од земјата никнала грмушка чии листови по форма потсетувале на неговите очни капаци – Дарма ги пробал листовите и ја открил магиската причест која на очите им овозможува да останат отворени. Токму како што ни беа, и ни останаа ширум отворени нам, од чајот во „Галерија 7“.
Автор
Илина Јакимовска
Илина Јакимовска предава на Институтот за етнологија и антропологија. Веќе цела деценија ја уредува и ја пишува рубриката за култура на порталот off.nеt. Нејзината колекција чаеви во
моментов брои над 70 видови квалитетен чај од целиот свет, послужени во внимателно бирани чајници и шолјички. Досега има организирано неколку јавни чајанки, со церемонија на гледање на
иднината на листови чај. Во моментов учи да прави чајни коктели, со и без алкохол. Мечтае пензионерските денови да ги мине на чајна плантажа, некаде на Далечниот Исток.