Дали знаете дека конопот (Cannabis sativa) е една од првите билки кои човекот почнал да ги одгледува? Оваа билка се ширела како што се ширело човештвото и се смета дека значително придонела за развојот на човековата цивилизација. Сте слушнале ли за Скитите? Овој народ денес не постои, ама нему му се оддава признание за афирмација на употребната вредност на конопот меѓу другите народи, особено до средниот век. Се претпоставува дека благодарение на нив конопот стасал и на Балканскиот Полуостров, па така и во Македонија.
Употребата на коноп во Македонија била многу распространета до почетокот на ХХ век, претежно за облека и храна, но постои веројатност дека се употребувал и за уживање и во обредни цели. Повозрасните луѓе паметат дека конопот бил многу полезна билка во минатото. Од почетокот на ХХ век одгледувањето на коноп во Македонија почнува да се намалува поради појавата на други земјоделски култури, индустријализацијата и поради заострувањето на државните политики. Но, од седумдесеттите години на ХХ век се забележуваат нови трендови во Македонија, употреба на коноп претежно за уживање и во обредни цели.
Луѓето кои од овој период почнуваат да употребуваат коноп се сметаат себеси за мирољубиви и добронамерни, а заслугите за дел од овие свои особини му ги припишуваат на конопот. Се смета дека психоактивните својства на конопот придонесуваат за образување на дел од популарната култура. Приврзаниците на употребата на коноп веруваат дека поради неговото психоактивно дејство и поради новосоздадената обредност успеале да ги развијат своите светогледи, а преку тоа да станат подобри како човечки суштества. Уметностите значително придонесуваат за распространување на ваквите верувања. А од почетокот на XXI век употребата на коноп добива нов контекст. Сè повеќе луѓе, во светот и во Македонија, почнуваат да употребуваат масло од коноп поради неговите лековити својства.
Но, и покрај сиве овие сознанија, одгледувањето и употребата на коноп во Македонија, а и во поголемиот дел од светот сѐ уште се сметаат за казниви дела, прекршочно или кривично. И сиве овие сознанија беа поттик за ХОПС да направи етнографско истражување за традицијата на одгледување и на употреба на коноп во Македонија, верувајќи дека едно вакво издание ќе придонесе за аргументација во дебатата „за“ или „против“ одгледувањето и употребата на конопот во Македонија.
Затоа со задоволство ја најавуваме монографијата „Традиционално производство и употреба на коноп во Македонија“, наскоро во издание на ХОПС.