Зависниците на дроги отсекогаш биле поттурнувани од општеството и целата заедница. Секогаш се наоѓале на последното скалило и луѓето најчесто сите ги гледаат како тешки криминалци и последен „џган“, а не како луѓе на кои итно им е потребна помош и утеха. Ним не им е потребна казна, ним им е потребна поддршка и помош во надминувањето на штетните последици од употребата на дроги.
Дрогите, психотропните супстанции и прекурсорите отсекогаш претставувале опасност и закана за младиот свет и општеството воопшто. Реалност од која никој не може да побегне, смрт која секој си ја припишува сам на себеси. Проблем за кој досега не се нашло трајно решение и сѐ уште нема изгледи дека тоа ќе се случи. Заробени сме во суров свет, свет во кој сѐ тече со забрзано темпо и не застанува, а ние не знаеме како да стигнеме до целите кои сме ги поставиле… или целите кои ни ги поставило општеството. Токму поради тоа некогаш се губиме и самите себе во тој маѓепсан вртлог и единственото нешто што мислиме дека ни преостанува е посегнувањето по средствата за заборав.
Инкриминации во Кривичниот законик на Република Северна Македонија
Лицата кои се уживатели на дрога и други психотропни супстанции се нарекуваат корисници на дроги, а наведувањето и принудувањето на други лица на уживање наркотични дроги претставува кривично дело против здравјето на луѓето, инкриминирано во член 216 од Кривичниот законик на РСМ и се казнува со казна затвор во времетраење од една до пет години. Исто така во зоната на забранети дејствија влегува и неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, независно дали лицето ги користи тие супстанции за себе или за друг, инкриминирано во член 215 од КЗ и тоа се казнува со казна затвор од три до десет години.
Национална стратегија за дрога на Република Северна Македонија
Прашањето е: Како да им се помогне на лицата кои консумираат дроги? Еден од начините со кои тоа би се постигнало е секако донесувањето на Националната стратегија за дрога на РСМ, која го опфаќа периодот од 2014 година до 2020 година, чија цел пред сѐ е заштита на јавното здравје и безбедноста како главен објект на заштита и на кривичното законодавство кое ја регулира оваа област, како што и погоре напоменавме. Имено, една од стратешките цели кои ги предвидува оваа стратегија е намалувањето на снабдувањето со дрога, што своевремено би повлекло и неизбежно намалување на побарувачката на дрога. Но, свесни сме дека она што стои на хартија и она што се одвива во реалноста, ретко се совпаѓа. Набавувањето на дрога за свои употреби, како и со цел нејзино препродавање, се одвива на многу илегални начини, така што често е тешко да се утврди од каде била набавена конкретната супстанција, така што контролата на државата во ова поле потрфла.
Националната стратегија за борба против дрогата исто така дава и битни информации за инфективните болести кои можат да се појават поради употребата на дроги. Информациите се дефинитивно поразителни и застрашувачки бидејќи овоможуваат да ги согледаме можните последици од неконтролираната употреба на дроги на најлошиот можен начин. Инфекциите кои можат да настанат од интравенозно користење на дрогата, преку најразлични нехигиенски шприцови, користење на туѓи шприцови и слично, исто така претставуваат опасност за зависниците и закана по нивниот живот и нивното здравје.
Третман на зависниците
Сме се запрашале ли каков третман добиваат корисниците на дроги? Одговорот е едноставен, никаков. Центрите за рехабилитација не се доволни за справувањето со оваа битка. Потребен е поширок спектар на луѓе, кој би бил составен од психолог, психијатар, педагог, односно одреден вид опсервациски центар, тим на луѓе кои би работеле со лицето зависник со дроги уште пред тоа да биде сместено во установата. Нивната цел би била профилирање на личноста, проучување на неговиот карактер, постапки, како и откривање на најважната информација − зошто конкретната личност развила проблематична употреба на супстанции и како таа влијае врз квалитетот на нејзиниот живот. Навремената проценка е секогаш многу важна бидејќи превенцијата е секогаш подобра од репресијата. Пристапот е многу важен бидејќи добриот пристап, комбиниран со добар третман – секогаш дава плод. Во реалноста, за жал, третманот се исцрпува во земање лек/супститут без психосоцијална поддршка која е исклучително важна во самиот третман, но и во процесот на ресоцијализација на пациентите.
Вечна теорија на етикетирање
Зависниците на дроги и други психотропни супстанции отсекогаш биле поттурнувани и отфрлани од општеството и целата заедница. Секогаш се наоѓале на последното скалило и луѓето најчесто ги гледаат како тешки криминалци и последен „џган“, а не како луѓе на кои итно им е потребна помош и утеха. Ним не им е потребна казна, ним им е потребна само мерка која би им помогнала и би ги вратила во општеството. Но, за жал, нашето закоравено традиционално и конзервативно општество како сѐ уште да живее во минатиот век, имплицирајќи ја теоријата на етикетирање врз овие лица. Иако станува збор за теорија која првично се однесува на сторителите на кривични дела придружена со слоганот „Еднаш криминалец, засекогаш криминалец”, нашето општество истата теорија со истиот слоган, во видоизмената форма, ја користи и за овие лица. Она што треба да се сфати е дека станува збор за ЗАВИСНИК, односно лице кое е зависно од одредена супстанција и самата таа зависност не може да ја контролира, односно тоа е лице кое е болно и му е потребна помош.
„Модерните” трендови на глобално ниво
Едукативните кампањи и програми, како дел од неформалното образование, би можеле многу да помогнат во навременото информирање на младите за ефектите и последиците на дрогите, како и за можните последици, со што би ги одвратило од намерата за употреба на дроги и психотропни супстанции. Само засилената пропаганда би можела да има ефект, за разлика од повремените видеа и спотови кои некогаш се појавуваат на телевизиските канали кои немаат толкава гледаност. Доколку порано беше „срамота” да се каже дека некој пробал марихуана, во денешницата е „срамота” да се каже дека некој воопшто и не пробал! Ставот на луѓето кон овие супстанции радикално се променил, глобално на светско ниво, така што сѐ повеќе и повеќе државите низ целиот свет ја легализираат марихуаната како „лесна дрога”, а трендот е таков што можеби и ние еден ден ќе се најдеме на таа листа.
Да реагираме пред да биде предоцна за да спасиме голем број животи и луѓе.
Авторка: Ивана Балтовска
Ивана Балтовска е магистер по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Член е на ЕЛСА (European Law Students Association), на Здружението на млади кривичари, како и на Здружението за кривично право и криминологија. Учествувала во Правната клиника за ранливи групи и работела во делот за кривично право (затвореници и остварувањето на нивните права), како и во Правната клиника за бегалци и мигранти. Се занимава со пишување и досега има издадено три книги: „Неискажаните зборови”, „Пајажина од тајни” која доби признание за афирмација на македонскиот јазик, „Чекор пред нив”, финансирана од Министерството за култура која е во фаза на печатење, а моментално ја пишува својата четврта книга.
Користена литература:
Арнаудовски, Љ, (2007) „Криминологија”, Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, 2 август, Штип, Скопје.
Кривичен законик, трето изменето и дополнето издание, Скопје, 2017.
Национална стратегија за борба против дрогата 2014−2020 година:
<https://drugabuse.com/norco/>