Најдобро е да не користиш дроги.
Ама ако веќе решиш да користиш дроги почитувај ги следниве принципи за да го заштитиш своето здравје, но и здравјето на другите.
Информирај се за дрогите. Потруди се да дознаеш повеќе за дрогите, воопшто. Научи која дрога какво дејство има. Научи која дрога како се користи. Научи кои се можните штетни последици од дрогите кои те интересираат. Учи од веродостојни извори. „Улицата“ и врсниците не се најверодостојниот извор на информации. Колку повеќе знаеш, толку подобро. Тоа што го знаеш нема да ти наштети.
Информирај се за законите. Внимавај! Во различни држави постојат различни политики за дроги. Во многу држави луѓето кои употребуваат дроги се изложени на прогон и на притисоци. Не дозволувај да се доведеш во ситуација да бидеш под полициски притисок, да плаќаш казни или дури и да одиш во затвор затоа што кај тебе била пронајдена дрога за твоја, лична, употреба или затоа што те фатиле како употребуваш дрога. Одбери безбедно место за чување и за употреба на дрогата.
Избери доверлив дилер. Дрога не се купува од секој. Избери дилер кому можеш да му веруваш за квалитетот на дрогата што ја продава и кој може да ти даде дополнителни упатства за безбедна употреба.
Секогаш употребувај дрога во друштво на луѓе кои имаат разбирање за тебе. Некои дроги можат да предизвикаат несакани последици по психичкото и физичкото здравје на корисниците, особено ако не се квалитетни, ако не се правилно дозирани и ако се користат во несоодветно опкружување. Затоа потруди се секогаш кога користиш дрога покрај тебе да има некој во кого имаш доверба, кој има разбирање за тебе и кој ќе ти помогне ако се случи нешто несакано.
Употребувај одговорно. Различни дроги се употребуваат на различни начини. Избери начин на употреба кој претставува најмал ризик за твоето здравје и живот. Избери доза која е соодветна за тебе и немој да претеруваш.. Инјектирањето на дроги се смета за најризичен начин и доколку се решиш да инјектираш информирај се за начините за безбедно инјектирање. И кога ќе завршиш расчисти ги остатоците од приборот, а употребените игли, шприцови и други материјали однеси ги во програма за намалување на штетите од употребата на дроги.
Одвој време. Ја знаеш поговорката „Брза кучка слепи кучиња раѓа“? Кога брзаш полесно можеш да згрешиш. Затоа одвој време и употребувај полека, опуштено. Така ќе можеш навремено да реагираш ако се случи нешто непосакувано.
И запомни, во програмите за намалување на штетите од употребата на дроги можеш да добиеш повеќе информации за дрогите и друга поддршка.