На петтиот Марш за женски права активистките потсетија – Држава што не постапува е држава што силува

0

Стотици активистки и активисти, денеска по повод Меѓународниот ден на жената, се собраа пред Министерството за внатрешни работи (МВР), означувајќи го почетокот на петтиот Марш за женски права, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

Скандирајќи „Држава што не постапува е држава што силува“, активистките изразија поддршка на сите жртви на родово базирано насилство и потсетија дека нема да застанат сè додека институциите не се вклучат активно во разрешување на случаите и санкционирање на виновниците одговорни за родово базирано насилство.

„Виновни се за соучество во злосторство, сите кои имаат моќ, одговорност и ресурси  да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност и животот на жените и девојките, а не го прават тоа; Сите, кои се овластени да ги откриваат, спречат, гонат и затворат насилниците, а не го прават тоа; Сите кои се должни и платени да обезбедат услуги и поддршка на жртвите да ја преземат контролата врз сопствените животи, а не го прават тоа; Сите кои помогнале во опстојување на криминалот и предизвикале штета, свесно или несвесно, со сторување или несторување, а не смееле да го прават тоа“ изјави Марија Савовска од Акција Здруженска и Платформата за родова еднаквост, во говорот кој го означи почетокот на маршот.

Таа нагласи дека е неопходно да се обезбедат поврзани институции, јасни правила и професионалци на кои ќе им поверуваме дека ќе му стават крај на насилството врз жените и родово базираното насилство, како и навремени, квалитетни услуги и поддршка за жените и девојките жртви на насилство. Од Платформата за родова еднаквост побараа неодложно постапување од МВР и Јавното обвинителство по сите конкретни барања кои и овој пат ги повторија:

  • Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.
  • Кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени.
  • Сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
  • Професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.

„Тука сме, ве следиме, и нема да ве оставиме на раат!“ – заврши Савовска.

По обраќањето на активистките, присутните продолжија по рутата до Паркот Жена Борец, каде со завршни обраќања и краток перформанс за покревање на свеста за родово базираното насилство беше означен крајот на овогодинешниот марш за женски права.

Маршот е кулминација на неколку неделните реакции на Платформата за родова еднаквост во насока на бавната реакција на институциите во поглед на случаите на родово базирано насилство за што им дадоа рок на институциите да реагираат до 8 март.

Со почит,

Платформа за родова еднаквост

——–

Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 24 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија.

Фотографии на Ванчо Џамбаски:

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.