Сара Еванс ја запознавме како исклучителна, активистички настроена личност, која шири позитивна енергија и ги вдахновува луѓето во нејзината околина поактивно и попосветено да работат за унапредување на општеството. Сара работи како постар програмски референ во Програмата за јавно здравје на Фондацијата Отворено општество (Open Society Foundation) во Њујорк, САД. Нејзина задача е унапредување на здравјето и на правата на маргинализираните луѓе кои користат дроги во целиот свет. Претходно работела на развој на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Британска Колумбија, Канада. Но, она за што ние сакавме да разговараме е најзиното искуство со востановувањето на првата законски одобрена просторија за безбедно инјектирање дроги во Северна Америка. Разговорот го водевме на 7 февруари 2013 година при нејзината посета на Македонија и го пренесуваме овде со уверување дека е време и кај нас да се отвори темата за простории за безбедна употреба на дроги.
Разговорот со Сара Еванс го водеше Вања Димитриевски.
Почитувана Сара, среќни сме што сте со нас овде во Скопје, Македонија. Вие имате големо искуство во воспоставувањето на места за безбедно инјектирање дроги во Ванкувер, Канада, и би сакале да разговараме повеќе за ова со Вас. Дали би сакале да споделите дел од Вашето искуство со нас за просторите за безбедно инјектирање дрога?
Секако, но најпрво да Ви се заблагодарам. Среќна сум што сум овде денес и што можам да зборувам со Вас за ова. Точно, работев како менаџер на Центарот за безбедно инјектирање, од времето кога го отворивме, во 2003 година, па кратко пред да се преселам во Њујорк и да почнам да работам за Сорос, во 2011 година. Но, борбата за отворање ваква локација започна многу пред тоа, веројатно и пред моето време. Првиот голем настан во кој бев вклучена, и за кој бев свесна, беше во 1998 година кога направивме голема конференција под циркуски шатор во јавен парк на тема намалување на штети. Во тоа време намалувањето на штети беше нова тема за која никој од нас немаше чуено дотогаш и која сметавме дека може да му помогне на нашиот град. Поканивме неколку експерти од Европа, каде што веќе имаше неколку центри за безбедно инјектирање, да дојдат и да разговараат со нас за своите искуства, а поканивме и некои луѓе кои можеа да разговараат за други аспекти од областа на намалување на штети.
И затоа што тоа беше шатор, а бевме во парк, бевме близу до заедницата, па таму беа и корисниците на дроги, и носителите на политиките, и политичарите. И всушност, ни појде од рака да воспоставиме дијалог меѓу заедницата за намалување на штети и инјектирање под мониторинг, односно да ја ставиме таа идеја на менталната мапа кај присутните. Тоа беше во 1998 година и од тогаш до 2003 година, кога се отвори Центарот, имавме многу битки. Изгледаше како да градиме ѕид, тула по тула. Требаше да допреме до луѓето кои работеа однатре со Владата, луѓето кои се бореа однадвор, организациите на корисниците на дроги, непрофитни друштва, родителски групи, црковни групи, новинари, истражувања, за да се создаде оваа критична маса, за она што до тогаш беше индивидуален проблем, некој што страда од зависност, да прерасне во јавен проблем за кој е потребно јавно решение. Беа потребни неколку години, како што реков, од 1998 до 2003 година, за конечно да можеме да го отвориме Центарот.
Имаше ли бариери за иницијативата?
Морам да Ви кажам дека имаше многу бариери. Самите корисници на дроги на почетокот не беа позитивни за идејата за место каде што би инјектирале под супервизија. Беа потребни многу дискусии со корисниците на дроги за да го прифатат концептот. Мислам дека на почетокот дури и корисниците на дроги чувствуваа дека ако им овозможите надгледувани места за инјектирање, никогаш нема да почнат со лечење. Исто така сите нивоа на власт на почетокот беа против идејата. Едно време беше политичко самоубиство да се поддржи идејата. Сите беа против неа, па ни беа потребни многу дискусии и многу напори за демистификување на идејата и наведување на диксусијата на тоа дека ова веќе се случува во други земји, каде што не дошол крајот на светот, за конечно да добиеме согласност од сите нивоа на власта од кои ни требаше таква согласност.
Сите овие напори беа на регионално (провинциско) или на национално ниво?
На три нивоа: општинско, градот, регионално, во провинцијата, и федерално, на ниво на држава.
А кога конечно успеавте да го отворите Центарот за безбедно инјектирање тоа беше на градско или на повиско ниво?
Според канадскиот закон бевме должни да добиеме ослободување од Федералниот акт за контролирани дроги и супстанции, акт кој ја регулира употребата на нелегални дроги и контолирани супстанции во Канада. За лицата да можат да поседуваат нелегални дроги и да ги користат тие нелегални дроги пред медицинска сестра во Центарот за инјектирање, а за и корисникот и вработените во Центарот да не го прекршуваат законот, моравме да добиеме таканаречено ослободување. Многу лекови добиваат ослободување за пилот истражувачки проекти или за други цели, па и ние добивме ослободување за научно-истражувачки пилот-проект. Го добивме во 2003 година, по одлука на федералниот министер за здравство.
Дали би сакале да ни го образложите моделот по кој функционираат местата за безбедно инјектирање?
Секако, но само да појаснам – постои само едно вакво место.
Во Канада?
И во Северна и Јужна Америка.
Само еден Центар за безбедно инјектирање?
Да, и тој е во Ванкувер, Канада. Има само еден ваков центар што е отворен за јавноста. Има уште еден помал, кој се наоѓа во мала резиденцијална институција за лица со СИДА. Но, само една локација е отворена за јавноста, а тоа е оваа за која зборувам денес овде. Во светот, секако, има многу, околу 70. Има една во Австралија, а останатите се во Европа. Функционираат врз различни модели. Некои од нив се со низок праг, организирани од заедницата, а други со многу висок праг, во надлежност на медицински лица, доктори. Ние нашата сакавме да биде достапна.
Па еве како изгледа процесот на користење на Центарот за безбедно инјектирање. Корисник доаѓа од улица, на првата посета му поставуваме многу малку прашања. Има мал формулар за пополнување, не мора да го наведе вистинското име затоа што се работи за анонимна услуга, па затоа му даваме или пак си избира сам, име по кое ќе го идентификуваме (тоа можат да бидат иницијалите или некаков прекар). Разговараме кратко само за да потврдиме дека навистина се работи за корисник кој е свесен за опциите што му се на располагање за лекување и дека планира да користи дрога тој ден. Го регистрираме и го пуштаме да го користи Центарот. Многу е брзо, идејата е да биде достапно. Корисниците си носат сопствена дрога, ние не им даваме. Значи носат своја дрога која инаку би ја користеле на улица, а во „Инсајт“ (Insite) добиваа прибор – игла и шприц од програмата за размена со цел да инјектираат чисто и безбедно. Значи чисти игли, кукери, алкохол и памукчиња, дури и мијалник за раце, што е причина број еден за превенција на секакви инфекции кои инаку би ги добиле во некој чикмак; стерилна вода, исто така, за да не инјектираат вода од баричка или од тоалетна шолја. Значи сè е чисто колку што може да биде и корисникот инјектира. Никој не му ја инјектира дрогата, тој мора сам, но затоа ние можеме да им обезбедиме едукација за тоа како да се намали штетата врз вената, како да си ја најдат вената на раката, која е подобра од вената во препоните, како да користат игла без да си ги оштетат вените и слично.
И тоа е главно она што го нуди Центарот. Тоа е како програма за размена на опрема за инјектирање што се случува на затворено. На некој начин, тоа воопшто не е комплицирано. Зачудувачки е тоа колкава борба требаше за да се започне.
Дополнително даваме интервенции при предозирање. Треба да Ви кажам дека Центарот има повеќе од 1 000 посети дневно, значи е многу фреквентен. Многу предозирања се случуваат таму, но досега никој не умрел од предозирање, ниту од стимуланси ниту од хероин.
Затоа што корисниците се опуштени и ни веруваат се чувствуваат послободни да разговаат со сестрата за да им ја среди раната или за опциите поврзани со бременоста. Или пак можеби ќе сакаат да разговараат со некој од вработените за советување и за посредување за да започнат со некоја од програмите за детоксификација затоа што имаме Центар за детоксификација веднаш над Центарот за инјектирање. Значи, веднаш штом некој е спремен да започне со лекување, дали за две недели или два дена, го пуштаме горе.
Кој раководи со Центарот? Дали е тоа некоја институција или здружение на граѓани?
Центарот е раководен од здружение, а во соработка со Владата. Владата ангажира лица кои ги познаваат клиентите и заедницата и знаат како да успее проектот во локалната заедница. Тие се наречени „PHS Community Services Society“ (Организација на заедницата за услуги од јавното здравство), многу успешно здружение во Ванкувер. Професионалците, медицинските сестри ги вработува Ванкуверскиот здравствен систем, односно се дел од јавното здравство, гранка од Владата.
Има и лица од заедницата кои работат во Центарот, сегашни или поранешни корисници на дроги, кои помагаат со врсничко советување, приготвуваат кафе или се тука за разговор затоа што можат да ја сфатат ситуацијата во која се наоѓаат посетителите.
Значи, се работи за некој вид заедничка програма, соработка меѓу Владата и здруженијата?
Едно здружение. Тоа би било како ХОПС и Кисела Вода (Центарот за зависности, н. з.) да се состанат и да решат да направат заедничка програма во која ќе бидат застапени најдобрите елементи од двете програми. Не знам дали можеш да замислиш. Всушност, тоа е моделот кој функционираше во Ванкувер. Има многу различни модели, нема еден терк за сите. Ние знаевме дека сакаме да има повеќе професионално инволвирани лица од самата заедница и неколку медицински лица, и тоа е моделот кој го избравме.
Кој ја дава финансиската поддршка за Центарот?
Во Канада сè уште имаме јавна здравствена грижа, па така сите аспекти од здравствената грижа ги покрива Владата. Секако, ова е борба исто како што беше борбата да се отвори „Инсајт“ (Insite, името на Центарот за безбедно инјектирање (заб. прев.)), така е борба и да се натера Владата да ги алоцира потребните фондови за овој тип програма, дури и ако покажете, како што покажавме ние дека на долг рок програмата значи заштеда на пари – помалку смртни случаи, помалку ХИВ, помалку хепатит Ц, помалку болнички лекувања поради сериозни апсцеси и други инфекции. Значи, дури и ако успеете да покажете дека програмата ќе заштеди пари, сепак е борба да се добијат парите од Владата.
Добро, значи сè уште не сте во рајот. И Вие имате битки за војување.
Секако J. Не знам дали ќе ме прашате, но сметам дека треба да го споменам ова. Откако се отвори „Инсајт“, иако покажавме огромен успех по сите параметри по кои нè мереа и нè оценуваа (спасување животи), а Центарот беше екстремно популарен, луѓето кои доаѓаа во „Инсајт“ беше двапати поверојатно дека ќе почнат со лекување во споредба со луѓето кои не доаѓаа. Значи бевме во состојба да покажеме дека пристапот до ваква служба за намалување на штети им помагаше на луѓето да започнат со третман. За некои луѓе можеше да биде цел сама по себе затоа што спасувавме животи и го спречувавме ширењето болести, но за други беше отскочна штица кон лекување. Но, и покрај сево ова, нашата федерална влада се предомисли, се смени Владата во Канада, и од 2006 година се бориме со Владата да го одржиме Центарот отворен, и да го задржиме ослободувањето од Актот, што го имаме. Задоволство ми е да кажам дека минатата година, откако бевме дадени на суд трипати, го задржавме правото Центарот за безбедно инјектирање да остане отворен.
Од каде сметате дека доаѓаат проблемите? Дали е поради корумпираните политичари?
Не, немаме корумпирани политичари во Канада J. Сметам дека во сите овие години дури работев во „Инсајт“ и се борев да остане отворен направивме многу истражувања, презентирани во многу научни списанија, поддржани од „Центарот за надмоќ над ХИВ/СИДА“ кој го води д-р Хулио Монтана, многу успешна и веродостојна група научни истражувачи кои континуирано покажуваа дека Центарот за инјектирање е успешен во спасувањето животи и во сузбивањето болести. И севкупно, во зголемувањето на безбедноста на заедницата. Овие истражувања ги објавувавме во Британскиот медицински преглед, знаете, сериозни публикации. И покрај сето тоа, нашата сегашна федерална влада, која е конзервативна влада, толку многу се спротивставува на Центарот за инјектирање, што беше спремна да нè даде на суд, и тоа двапати да ја обжалува пресудата, сè до Врховниот суд на Канада, со цел да го затвори Центарот. А единствената причина за тоа сметам дека е идеолошка. Немаат факти или докази, туку едноставно идеолошки се против идејата.
Дури сте во Македонија посетивте некои од програмите за третман на дроги и намалување на штети. Кое е Вашето мислење, дали сметате дека третманите во Македонија треба да се подобрат?
Па, да, но сметам дека третманите на зависности од дрога имаат простор за подобрување насекаде во светот, па и во Ванкувер, Канада.
Во ред, ако сметате така. Што треба да се подобри?
Најпрво, причината поради која сме тука е тоа што нудите добар третман во однос на други места во светот и во однос на други места во Европа. И затоа сме тука, не затоа што тоа што го правите е погрешно, туку затоа што во Македонија се случува нешто интересно и возбудливо и ние тоа го поддржуваме. Но, сметам дека има многу лица на метадонска терапија, а уште повеќе лица кои чекаат да бидат примени на метадонска терапија. И оние кои се на листата на чекање се проблем. Луѓето умираат дури чекаат. Затоа би било одлично ако Владата се заложи да ја зголеми набавката на метадон, за сите што сакаат да можат да добијат терапија. Сметам дека Македонија би добила многу од еден таков потег. Исто така сметам дека може да има поголема соработка меѓу програмите за размена на опрема за инјектирање и метадонските програми. Тоа не значи дека едната програма треба да опслужува само луѓе кои примаат метадонска терапија, а другата само луѓе кои инјектираат дроги. Дури и затоа што повеќето од нив всушност инјектираат метадон, зборуваме за истите луѓе, па дури и истата супстанција. Би било одлично доколку програмите најдат начин да соработуваат некако, за лицата што ќе решат да инјектираат денес да можат да добијат најдобар сервис за да инјектираат безбедно и без штети, а ако утре решат да почнат да се лечат, да можат веднаш да влезат на третман.
Каков е Вашиот став за програмите за размена на опрема за инјектирање?
Она што штотуку го кажав се однесува на ова прашање, исто така. Поминавме низ неколку дроп-ин центри каде што вработените беа навистина љубезни. Сметам дека се работи за добри програми. И сметам дека би биле уште подобри ако наместо да останат изолирани во тишина и дискреција, како што се сега, да можат да понудат еден тип поврзана грижа, како што би рекле ние во Канада. Односно, ако денес сакаш да инјектираш, ти даваме најдобра услуга затоа што не сите се спремни да престанат со инјектирање. Ако пак утре сакаш да престанеш со инјектирање и да започнеш метадонска терапија, тогаш повторно сме тука да ти дадеме најдобра можна услуга. Ете, тој тип соработка би ги подобрил и двата сервиса и би создал средина во која би можеле да ги исполните потребите на пациентите, независно во која фаза се наоѓаат, наместо да се создаваат „дупки“ во кои луѓето можат да пропаднат и каде што всушност се создаваат штетите и за нив и за општеството.
Цитати
„Во Канада сè уште имаме јавна здравствена грижа, па така сите аспекти од здравствената грижа ги покрива Владата.“
„Ете, тој тип соработка би ги подобрил и двата сервиса и би создал средина во која би можеле да ги исполните потребите на пациентите, независно во која фаза се наоѓаат, наместо да се создаваат „дупки“ во кои луѓето можат да пропаднат и каде што всушност се создаваат штетите и за нив и за општеството.“
„Откако се отвори „Инсајт“, иако покажавме огромен успех по сите параметри по кои нè мереа и нè оценуваа (спасување животи), а Центарот беше екстремно популарен, луѓето кои доаѓаа во „Инсајт“ беше двапати поверојатно дека ќе почнат со лекување во споредба со луѓето кои не доаѓаа.“