Мрежата за заштита од дискриминација го осудува бруталното постапување на полицијата и апелира за недискриминаторски однос кон Ромите

0

На 24.09.2020 година на социјалните медиуми беше објавено видео на кое јасно се гледа како во Битола полициски службеници тепаат лица, припадници на ромската заедница.
Полициската бруталност, особено кон Ромите станува честа практика за која многу пати сме реагирале.

Бараме од МВР интензивно да работи на расчистување на случајот и да постапи согласно нивните овластувања и надлежности утврдени со закон, како и да го известат јавното
обвинителство за случајот со цел започнување на кривични постапки против полициските службеници, кои очигледно дејствуваат надвор од нивните овластувања и со тоа ги прекршуваат основните човекови права. Истовремено бараме за целокупниот процес на истрага и за
превземените дејствија спрема полициските службеници, јавноста навремено да биде информирана. Практиките на неказнивост на полициските службеници кои го прекршуваат законот се клучна причина за ваквото брутално однесување и злоупотребата на моќ за да се малтретираат и понижуваат припадници на маргинализираните групи.

Бараме МВР веднаш да отвори инклузивен процес на измени на Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, како и да донесе подзаконски акти кои ќе го адресираат проблемот на расистичко постапување.

Според изјавите на инволвираните лица настанот се случил во вторник, 22 септември 2020 година, кога тројца Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало сообраќајна полиција, која без никаква причина
ги извадила лицата од автомобилот и започнала брутално да ги тепа, без притоа да прашаат дали им е потребна медицинска помош. Дополнително во полициската станица биле задржани до 5 часот наутро, навредувани и вознемирувани со различни изрази. Лицата сакале случајот да го пријават во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, но биле одбиени.

Особено загрижува тоа што полициската бруталност врз Ромите е практика, а не исклучок. Пред само три месециинформиравме за бруталното однесување на полицијата кон бездомните Роми  кај Железничка станица. Овие случаи говорат за постоење на расистички предрасуди и го потврдуваат самоволното, непрофесионалното и незаконското постапување на полициските службеници.

На крај, ја поздравуваме брзата реакција на МВР, но апелираме до МВР да преземе мерки кон спречување на повторување на ваквите настани, бидејќи е очигледно дека расизмот е структурен проблем во полицијата. Полицијата има строго пропишани овластувања и мора да ги
почитува, а полициската бруталност претставува однесување казниво согласно Кривичниот закон.
25.9.2020, Скопје

Лице за контакт:
Тона Карева 078220694
Драгана Дрндаревска 078200675

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.