Мрежата за политики за дроги во Југоисточна Европа (DPNSEE), беше официјално информирана дека е избрана за член на Експертска група на Европската комисија – Форум за граѓанско општество за дрога (CSFD) 2021-2023.
Во февруари, Европската комисија го отвори повикот за аплицирање за членови на нејзината експертска група за целосно обновување на членството за мандатот 2021-2023 година. Аплицираше Мрежата за политики за дроги во Југоисточна Европа (DPNSEE), како мрежа што собира граѓански организации од сите 11 земји од овој регион на Европа меѓу кои е и ХОПС.
Членството на Форумот се состои од 45 граѓански организации кои доаѓаат од цела Европа и претставуваат различни области на политиката за дроги и различни ставови во рамките на овие полиња. Неговата цел е да обезбеди широка платформа за структуриран дијалог помеѓу Комисијата и европското граѓанско општество, кој поддржува формулирање и спроведување на политиката за дроги преку практични совети.
Ова е големо признание за работата што ја прави мрежата во последните 5 години и ветувачка можност да го претставиме регионот во ова важно тело на ЕУ.