Од 1996 година до денес, во Република Македонија се развиени и функционираат 16 програми за намалување на штети од употреба на дроги од кои три функционираат на територијата на градот Скопје и по една програма во други 13 градови. Функционирањето на овие програми треба да придонесе кон намалување на здравствените, социјалните и економските последици од употребата на дроги на индивидуално, локално и општествено ниво преку спроведување збир од активности кои опфаќаат размена на стерилен прибор за инјектирање, делење кондоми, едукација и советување, тестирање за ХИВ/СИДА, како и услуги од повеќе видови стручни кадри – теренски работници, медицински лица, социјални работници, психолози и правници.
По повлекувањето на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, финансирањето на програмите за намалување на штети од употреба на дроги беше поставено пред
клучен предизвик во обезбедување финансиска одржливост и континуитет во обезбедувањето услуги за лицата кои користат дроги.
Со цел надминување на овој предизвик, во 2018 година Владата на РМ, преку буџетот на Министерството за здравство и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, презема дел од финансирањето на програмите за намалување на штети од употреба на дроги со издвојување на 21 670 000 МКД4, што претставува 68 % од минималниот или пак 62% од оптималниот пакет на услуги. Па така, програмите за намалување на штети од употреба на дроги се соочуваат со недостаток од средства за обезбедување на потребните услуги на крајните корисници, односно за обезбедување на минималниот пакет на услуги на овие програми им недостасуваат 9 943 030 МКД или пак за обазбедување на оптималниот модел на услуги им недостасуваат 13 194 473 МКД.
Наодите од оваа анализа треба да им послужат на надлежните институции при донесување на одлуки за распределба на средствата од буџетот на Министерството за здравство со цел буџетирање на соодветен износ на потребите на програмите за намалување на штети од употерба на дроги, а во исто време треба да им помогне на граѓанските организации кои спроведуваат програми за намалување на штети од употреба на дроги соодветно да ги насочат и да ги конципираат своите напори за застапување.
Здружението ХОПС, Опции за здрав живот Скопје изразува особена благодарност до сите лица кои се вклучија во подготовка на овој документ кој ги содржи резултатите од спроведената анализа на начинот на прибирање, на трошење, на распределба и на дистрибуција на средствата кои ги префрлила Царинската управа на сметката на самофинансирачки активности на Министерството за здравство од наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари во 2017 година.
Посебна благодарност упатуваме до Царинската управа на Република Македонија која, во рамките на постапката за слободен пристап до информации од јавен карактер, обезбеди податоци кои понатаму беа анализирани, а чии резултати се презентирани во оваа анализа.
Оваа анализа беше овозможена со финансиска поддршка од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Овде прочитајте ја анализата “Можности за финансирање на програмите за зависности кои ги спроведуваат граѓанските организации од акцизите за етил алкохол, за пиво и за цигари“.