Авторка: Мирослава Бурнс е дипломиран новинар. Има неколкугодишно новинарско искуство во повеќе медиуми. Работела како новинар во неделниот и дневниот весник „Фокус“, во американскиот весник „Тhe Crittenden Press“ (Кентаки) и во „Слободен печат“. Има пишувно рецензии и анализи во „Сервис за проверка на факти во медиумите“, „Критинк“ и во „Вистиномер“.
Како земањето многу мали дози од психоделична супстанција како ЛЦД или псилоцибин (присутни во печурките) со недели и месеци, не толку редовно, влијае на животното искуство на луѓето што ја почнале оваа практика? Микродозирањето е познато во канцелариите на Силиконската долина, меѓу високопрофилирани професионалци во разни индустрии, но не може да се ограничи само на оваа категорија луѓе.
Има и други групи на луѓе кои практикуваат микродозирање, независно од полот, образованието или социјалниот статус. Дали микродозирањето може да ги подобри расположението и работниот перформанс? Влијае ли кај оние кои страдаат од депресија и анксиозност? Изминативе неколку години праксата е истражувана за да се види дали може да го подобри здравјето, да ги зацврсти врските, да ја намали депресијата и да ја зголеми продуктивноста. Малите дози, според повеќето објавени квалитативни студии со разговори со консументи, им овозможуваат на микродозерите да си ги вршат секојдневните обврски, да одат на работа без да чувствуваат драстични ефекти од супстанцијата.
Питер Грахл Џонстад од Универзитетот Берген, Норвешка, 2018 г., спровел истражување со интервјуирање на лица кои практикуваат микродозирање, односно употребуваат психоделични супстанции во мали дози. Еве што изјавиле испитаниците во квалитативните прашалници каде што фокусот на интерес на истражувачот се однесувал на тоа какви ефекти предизвикува микродозирањето кај нив. Учесниците во студијата генерално биле согласни дека микродозирањето е компатибилно со нивните секојдневни активности. Некои земаат микродоза наутро пред да одат на работа, други претпочитаат оваа активност да ја оставатза попладневните часови или за викенди. Најчесто користената супстанција за микродозирање биле магичните печурки кои содржат псилоцибин, како и ЛСД. Дозите пријавени од страна на испитаниците биле генерално една десетина од целосна доза. За ЛСД ова е меѓу 10 и 25 микрограмови, а за печурките од 0,1 до 0,3 грама.
Искусени терапевтски ефекти Испитаниците во оваа студија генерално се согласиле дека соодветната доза, односно соодветното микродозирање од една десетина од целосна доза на ЛСД не предизвикува интоксикација. Некои од нив немале никаков ефект од микродозирањето и затоа престанале по неколку обиди, но повеќето пријавиле некакви ефекти кои ги сметале за позитивни. Најчесто опишаните ефекти се поврзани со здравјето, со влијание забележливо посебно за депресијата и анксиозноста.
Во студијата се претставени директни искази на некои од интервјуираните корисници. „Моето искуство со микродозирање на псилоцибин е многу позитивно. Најдов брзо и релативно долготрајно ослободување од депресијата и социјалната анксиозност додека го правев тоа споредено со другите фармацевтски опции кои ми беа нудени како антидепресиви, на пример, но без несаканите ефекти. Најдобриот ефект го имав со 0,1 до 0,2 грама псилоцибин. Ова ми помогна исклучително со мојата манична биполарна депресија и самоубиствени мисли.“ Терапевтски ефекти исто така биле пријавени за менаџмент на болка за разни состојби како опсесивно-компулсивно растројство, посттрауматски стрес, нарколепсија и мигрени. Микродозирањето според некои испитаници од студијата е одговорно и за откажување од цигари.
Неколку испитаници кажале дека откриле некои психоделици кои дејствуваат подобро на нивната индивидуална состојба отколку други, но нема консензус кој од нив е најефективен. „Се борам со симптоми на нарколепсија неколку години. Задремувам на состаноци, додека разговарам на телефон и додека завршувам вообичаени задачи на компјутер. За мене микродозирањето со ЛСД промени сè. Количеството енергија што го чувствувам е моќно и длабоко. Во поглед на квалитетот на живот станува збор за разлика како кога се чувствувате како зомби со едвај отворени очи и секоја задача во животот ви е тешка, и тоа да сте нормална функционирачка личност со екстра енергија и креативност“, опишува друг учесник во студијата. Покрај ефектите на здравјето, испитаниците често пријавувале позитивно влијание на микродозирањето на енергијата, на расположението и на когницијата. Ова им дозволило подобро да функционираат во секојдневниот живот дури и ако немале претходни здравствени проблеми. Ова се некои од типичните описи на ефектот на засилени искуства.
„Откако користам печурки со микродозирање, дефинитивно се чувствувам како маглата во мозокот да се тргна и ова ми дозволува да бидам многу попродуктивен и пофункционален.“ „Имав одличен ден, многу смирен ум, емоционално бев балансирана.“ „Пред да почнам со микродозирање никогаш немаше да признаам дека сум имала проблеми со менталното здравје, но сега сум принудена да се преиспитам зашто кога практикувам микродозирање се чувствувам како да живеам во мозокот на неверојатно ментално здрава личност.“
Според наведеното во студијата, засилениот ефект на секојдневното функционирање некогаш резултирал со подобар капацитет за поврзаност со другите луѓе. Некои луѓе тврделе дека микродозирањето ги зголемиле нивната отвореност и екстровертност. „Се чувствувам поотворена кон другите луѓе. Подобро сум подготвена да се соочам со несогласувања, а моите емотивни реакции се помалку автоматски отколку порано. Расположението ми се подобри и имам подобар контакт со моите чувства и смирена сум. Почесто почнувам разговор на своја иницијатива.“
Пријавени предизвици И покрај генералното нагласување на бенигните ефекти, испитаниците во оваа студија исто така посочиле бројни предизвици поврзани со практиката на микродозирање. Најчесто пријавуваниот е проблемот со предозирањето. Психоделичните дроги се познати по нивните моќни психоактивни ефекти и крајните резултати за состојбата на свеста не се сметаат за компатибилни со секојдневните општествени активности. Иако во студијата нема пријавени случаи на намерно предозирање, неколку испитаници ненамерно зеле минидоза што довело до непријатни ситуации. „Експериментирав со микродозирање со печурки, но претерав со доза од 0,25 грама додека бев на работа. Не знам дали беше поради ситуацијата, тоа што немав јадено или зашто бев посензитивна тој период, но почнав да трипам и се забележуваше. За среќа заврши добро. За оваа доза, врвот траеше само еден час.“ „Се чувствував многу уморен и имав час по боречки вештини за првпат така што не сакав да оставам лош впечаток. Ова ми беше вторпат да микродозирам со печурки и дозата ми беше околу 0,25 до 0,35 грама неколку часови пред да се одржи часот. Заедно со микродозата јадев оброк. Се чувствував тешко и ми беше многу тешко да следам инструкции на часот.“ Некои од испитаниците посочиле дека микродозирањето може да засили некои веќе постоечки состојби или симптоми. „Забележав дека по некое време бенефитите бледнеат и микродозирањето предизвикува да ми се влошат проблемите со менталното здравје.“
„Искрено мора да признаам дека е малку чудно да се биде единствената личност која експериментира со микродозирање. Не сум зборувала или не сум запознала ниедна друга личност која го практикува ова толку долго како мене.“ Неколку од испитаниците исто така споменале дека им се појавил проблем со инсомнија, особено во вториот дел од денот. Ова било поврзано со чувството на прекумерна стимулација од микродозата на ЛСД така што и оваа прекумерна стимулација и инсомнијата придонеле за лош „трип“ кој го пријавил еден испитаник кој мешал микродоза на ЛСД со целосна доза на канабис. Друг испитаник во студијата раскажал дека чувството по микродозата го потсетило на „рана фаза на целосен трип кој за него секогаш бил придружуван со тензија“.
Летањето со умот намалено, фокусот зголемен Учесниците во друга студија пријавиле значителен фокус и намалување на деконцентрацијата. Подобрениот фокус може да води до бројни здравствени предизвици што им одат во прилог на микродозерите, вклучувајќи го и зголемениот капацитет да се фокусираат на работата што ја работат во моментот. Ова пак се поврзува со подобри резултати во учењето и повисоки нивоа на среќа. Учесниците во оваа студија пријавиле дека се внесуваат во активностите што ги прават, во разговорите кои ги водат, имаат фокусирано внимание со длабока внесеност во субјективното искуство. Индивидуите со високо ниво на апсорпција пријавуваат силно внесување и корелација со природата и уметноста.
Псилоцибин на крајот од животот Во клинички ориентирано истражување, и псилоцибинот и ЛСД дале надеж како третмани за намалување на анксиозноста кај терминално болни пациенти на крајот од животот. Има истражувања кои покажуваат како овие супстанции влијаеле на анксиозноста и на депресијата кај терминално болни пациенти со канцер. Студијата на Грифит пронашла дека симптомите се повлекле кај повеќе од 60 проценти од пациентите по 6 месеци следење. Сличната пракса на психотерапија со употреба на ЛСД од Гасер, Кирчнер и Паси открила значително намалување на анксиозноста и по 12 месеци. Во последниве години, психоделичните дроги еволуираа од табу до тема за која отворено се зборува. Американската Агенција за храна и лекови ФДА го отвора патот за медицинско одобрение со тоа што ги оцени како „нова терапија“ (breakthrough therapy). Но, последиците на долг рок не се ниту испитувани ниту познати. Клучната причина за ова е што микродозирањето е проблематично за истражување во реалниот живот затоа што корисниците микродозираат ден или два, прескокнуваат два дена и го повторуваат режимот во текот на месеци или години.
Со оглед на тоа што психоделичните дроги се илегални во САД, законот во САД им забранува на научниците да ги даваат овие супстанции на учесниците во студиите. Така, кога одговараат на прашањата за опсервациските студии, научниците не може да се сигурни дека секој корисник ја зема истата доза како другиот корисник. Нема стандардизација. И тешко се утврдува точната микродоза која ја користеле испитаниците.