Низ текот на годините сексуалните работници често изјавуваа одредени пароли преку кои сакаа да се слушне нивниот глас широко во јавноста, да го изразат својот револт спрема немата институционална власт и игнорантскиот одонос во борбата за остварување на нивните човекови права. Тоа беа гласни и моќни пораки но сепак недоволно прифатени и разбрани.
При еден неформален разговор со една сексуална работничка која го посетува Дневниот центар за поддршка на сексуални работници во Здружение ХОПС-Опции за задрв живот Скопје, каде се дискутираше за човековите права и правата кои тие ги имаат како сексуални работници, таа кажа:- “Мене никој не може да ми забрани што ќе правам јас со сопственото тело, моја дунда- моја фирма”. Одеднаш сите присутни почнавме да се смееме од слатката изјава на клиентката, но истовремено и не поттикна длабоко да навлеземе во суштината на оваа кратка, слатка но моќна изјава.
Ја прашавме клиентката да ни ја каже приказната за “Моја дунда, моја фирма”, дали е тоа порака што самата ја има осмислено или сепак е генерациски пренесена. Таа ни кажа дека кога биле како деца, најчесто од нивната баба барале да им даде пари за да си купат нешто. Бидејќи бабата немала пари им велела: “Од каде јас да ви најдам пари кога мојата дунда ќе биде фирма тогаш ќе ви дадам”. Така оваа порака почнува трансгенерациски да се пренесува на децата, во истиот контекст што го кажала бабата.
Но откако клиентката започнала да се занимава со сексуална работа, сепак истава порака започнала да ја користи во сосема поинаков контекст. Кога некој ќе ја прашал зошто работи како сексуална работничка таа велела: – “Тоа е моја работа, мојата дунда е моја фирма и како сакам јас така ќе работам”.
Всушност во ваков еден контекст оваа порака дава силен печат за тоа што претставува сексуалната работа, односно доброволен избор за стекнување на финансии и сопствено право за користење на своето тело. Така оваа порака сега добива поинакво значење, која продолжува да се траснферира и да претставува силна движеча порака кај сите оние луѓе кои започнале да се занимаваат со сексуална работа.
„Моја дунда, моја фирма“ е слоган кој направи вистински бум и беше прифатен од сексуалните работници како порака преку која ќе се изрази правото на слободен избор за сопственото тело и прифаќање на сексуалната работа како работа.
Преку оваа изјава јасно се гледа моќта за правото на одлучување за сопствениот живот како основно човеково право, загарантирано право кое сексуалните работници во нашата земја се борат низ годините да го остварат.
Денес на сексуалната работничка која ја кажа оваа парола и е роденден. Сакаме најтопло да и го честитаме роденденот, да биде здрава и жива уште многу години и заеднички да успееме во борбата против стигмата и дискриминацијата спрема сексуалните работници.
Заеднички ќе се бориме да ја декриминализираме сексуалната работа и можеби еден ден токму “Моја дунда моја фирма” ќе биде називот на првит бордел во нашата земја.