„Млади во акција за дроги“ (Youth Organization for Drug Action (YODA)) е мрежа на организации и поединци основана во 2011 година со цел да се одговори на потребите на младите активисти и професионалци кои се лишени од глас во однос на одредувањето на политиките за дроги, а сепак се меѓу најзасегнатите од дрогите и законите за дрогите.
ЈОДА е дел од сè поголемо движење на лица кои се изјаснуваат против догматските и стигматизирачките политики за дроги. Студентите и младите се во суштината на секоја активност преземена за спречување на дискриминацијата, па затоа заедничката соработка е од клучно значење за градење на меѓународно движење во вистинската смисла на зборот.
Јан Стола е еден од основачите на ЈОДА каде што во последните три години работи како координатор. Од 2013 година, кога ЈОДА се регистрира како фондација, Јан станува и нејзин претседател. Јан има 26 години и живее во Варшава, Полска. Има дипломирано на социјална политика на Универзитетот во Варшава, а во областа на дрогите и на политиките за дроги работи веќе осум години во рамките на неколку здруженија на граѓани.
„Млади во акција за дроги“, звучи доста трансцендентно. Можете ли да објасните од каде потекна идејата за основање на ваква организација?
Во текот на нашите активности со здруженијата на граѓани кои работат на тематиките за дрогите, јас и колегите забележавме дека постои потреба од регионална мрежа за поддршка на младите активисти и професионалци вклучени во оваа област, како и мрежа која би ги застапувала младите кои најчесто се засегнати од дрогите и од политиките за дроги на европско, но и на меѓународно ниво. Секако, веќе постојат мрежи кои ги поврзуваат ваквите здруженија низ целиот свет и кои постигнуваат добри резултативо застапувањето за поразновидни политики за дроги насочени кон младите на меѓународно ниво, но сепак сметавме дека постои потреба од мрежа за млади луѓе кои работат во односните области во европските земји поради карактеристичните проблеми со кои се соочува нашиот регион и можностите за поефективна соработка со европските институции и влади.
Според Вашите сознанија и искуство, кои се најголемите проблеми поврзани со дроги кои ги засегаат младите? Дали се тоа третманите за дроги, намалување на штетите или нешто сосема друго?
Проблемите се различни во секоја земја и регион, но јас мислам дека трите најголеми проблеми со кои се соочуваат младите во Европа се:
Како прво, ограничен пристап до ефективен третман за луѓето кои употребуваат дроги и до услуги за намалување на штетите. Ова е резултат на повеќе фактори, почнувајќи од ограничените можности за финансирање на здруженијата кои ги спроведуваат овие програми до законските препреки кои ги спречуваат младите да бараат одредени услуги.
Како второ, криминализацијата на поседувањето на дроги за лична употреба. Ваквите закони строго се применуваат во неколку европски земји и не само што водат кон бесмислена и непропорционална дискриминација на младите, туку исто така кај голем број од нив предизвикуваат страв кој ги спречува да побараат помош за проблемите поврзани со дроги.
И трето, новите психоактивни супстанции (НПС). Постои алармантен тренд во однос на супстанциите кои се појавуваат на пазарот, (непознатите) долгорочни последици од нив, приемот во болници, предозирање, како и во однос на луѓето кои веќе инјектираат НПС. Засега мерките спроведени од страна на владите на земјите во Европа, а кои се засноваат главно на постојано класификување на НПС, не се покажаа како доволно ефикасни.
Што ги мотивира младите да учествуваат во акциите за дроги?
Мислам дека постојат два фактора. Првиот е дека проблематиката со дроги и политиките за дроги е значаен и интересен од аспект на социјалната работа. Повеќето членови во мрежата имаат дипломирано на социјална работа, јавни политики, јавно здравје, психологија и поврзани области, и имаат голем интерес да работат во своите области. Како второ, поголемиот број младите луѓе вклучени во ЈОДА или слични организации самите имаат лично искуство со лошите политики за дроги, со своите пријатели или во заедницата. Мене лично ми влијаеја двата фактора за да почнам да работам со здруженијата на граѓани. На 17 години бев уапсен поради сомнение за поседување 0,6 грама канабис и иако искуството не беше премногу трауматично ме соочи со апсурдноста на полските закони за дроги бидејќи во случајот беа вклучени над 20 лица платени со државни пари – полицијата, јавни обвинители, судии итн. Подоцна се запишав на студии по Социјална политика со што се заинтересирав за дрогите и за политиките за дроги како општествен проблем.
Бидејќи ЈОДА е прилично нова организација, набројте ги Вашите најголеми достигнувања и предизвици досега.
Среќен сум што успеавме да изградиме голема и разнолична мрежа од организации и лица кои се прекрасни стручњаци во своите области и со кои работата претставува задоволство. Во моментов имаме членови во 13 европски земји и се надеваме дека овој број ќе се зголеми за уште двајца или тројца оваа година. Одржавме неколку состаноци низ Европа во текот на кои членовите на ЈОДА имаа можност да разменат искуства и идеи, како и да учествуваат во меѓународни настани. Минатата година за време на заседавањето на Комисијата за наркотични дроги на ОН организиравме спореден настан со Владата на Полска и други членови од Белгија (Plug-INN) и од Србија (Re Generation) на кој се дискутираше за последиците од политиките за дроги во нашите земји со околу 100 врвни дипломати, претставници на ОН и на граѓанскиот сектор.
Засега најголемиот предизвик беше стекнувањето меѓународно признание кое е неопходно за поефективно застапување (на пример, постојат одредени формални препреки при зачленувањето во одредени консултативни тела како условот организацијата да биде регистрирана најмалку две години), потоа финансиските средства (бидејќи нашата организација е прилично нова) и координирањето на работата на лицата од сите овие земји кои имаат засебни обврски во нашите организации.
Мислите ли дека ЈОДА се здоби со доволно голема видливост и кои се Вашите намери за понатамошен развој?
Минатата година беше особено плодна во поглед на стекнувањето со меѓународна видливост и контакти. Нѐ избраа за членка на Европскиот форум на граѓанското општество за дроги, воспоставивме врска со Советот на Европа и ги зацврстивме односите со организациите на ОН – во моментов очекуваме да дознаеме дали нашето барање за консултативен статус во Економскиот и социјален совет на ОН (UN ECOSOC) ќе биде одобрено. Исто така изградивме солидни контакти со владини претставници во Европа и во другите региони, како и со десетици здруженија низ светот.
Во моментов сме насочени кон ангажирана вклученост во работата на групите кои ги спомнавме за да докажеме дека сме значаен партнер во поглед на оформувањето на политиките кои ги засегаат младите. Исто така планираме да продолжиме со зголемување на бројот на нашите членови, особено во Западна Европа, во Скандинавија и во поранешниот Советски Сојуз бидејќи сме веќе прилично застапени во Централна и во Југоисточна Европа.
За оваа година планираме да почнеме со серија обуки за млади професионалци од здруженијата кои работат на различни теми поврзани со употребата на дроги кај младите, како на пример активности на журки, комуникација со медиумите, работа со волонтери и слично. Се надеваме дека ќе продолжиме да ја развиваме оваа програма за до крајот на 2018 година да постигнеме бројка од 100 учесници, а можеби и да организираме голема младинска европска конференција за дроги во 2019/2020 година.
За крај би сакал да Ве прашам, а секако би ги интересирало и нашите читатели, дали на некој начин името на Вашата организација е поврзано со ликот на учителот Јода од филмот „Војна на ѕвездите“?
Баравме име кое ќе отслика кои сме и за што се залагаме. Се обидовме со неколку зборови и акроними, разменивме повеќе идеи. Мислам дека имаше предлог за акронимот ЈАДО или слично и некој предложи дека доколку ги поместиме буквите може да добиеме ЈОДА (Youth Organisation for Drug Action). Тоа беше токму тоа што го имавме на ум и на сите им се допадна идејата, па го избравме тоа име. Ликот од филмот „Војна на ѕвездите“ не ни беше инспирација, ниту пак мислиме дека сме на некој начин поврзани со него, но сепак името звучеше поприемчиво.
Разговорот го водеше Влатко Деков