Мишел Фуко за дрогите

0

Многу личности значајни за филозофијата и современата мисла зборувале за дрогите. Еден од нив е познатиот француски филозоф Мишел Фуко кој во неколку интервјуа без задршка зборува за дрогите.

Во интервју за еден канадски магазин Фуко зборува за културата на задоволството и, покрај останатото, се осврнува на тоа што може дрогата да придодаде на таа култура. „Мораме да ги пробаме дрогите, тие се сега дел од нашата култура. Исто како што постои добра и лоша музика, така има добри и лоши дроги. Па така, како што не можеме да кажеме дека сме против музиката, не можеме да кажеме дека сме против дрогите”. Веројатно искуството на Фуко со добрите дроги не е ограничено само на неколкуте стебла марихуана кои ги одгледувал на својот балкон во Париз. Клод Моријак раскажува за еден разговор со него од 1975 година и забележува: „ЛСД, кокаин, опиум, сè има пробано, освен хероин, но нема ли и нему да му подлегне во неговата сегашна ситуација“. Неговиот пријател, историчарот Пол Вејне, се сеќава на случката која му ја раскажал самиот Фуко. Имено, Фуко се наоѓал под дејство на опиум кога во јули 1978 година го удрил еден автомобил пред неговиот стан во Париз. Кога го одвеле во болница побарал да ја информираат актерката Симона Сињоре на која требал да ѝ предаде текст за некоја петиција (Фуко бил активист и постојано учествувал во подготовки на документи, на петиции, на улични протести итн). Таа се запрепастила кога некој полицаец извинувајќи се што пречи преку телефон и рекол „Некој г. Фуко сакаше да Ве информирам дека имал сообраќајна несреќа”. „Вие не знаете кој е тој? ‒ викнала на цел глас. „Па тој е најголемиот француски филозоф”.

Во разговор со Тијери Волсел, Фуко и неговиот млад соговорник опширно зборувале за дрогата што ја „деанатомизира локализацијата на задоволството”. „Апологија на оргазмот, мене ми изгледа како уште еден начин на локализирање во сексуалните можности на задоволствата на кои некои супстанции како ʾyellow pillʿ или кокаин овозможуваат тие задоволства да се распрснат и да се прошират по целото тело, и тогаш телото станува глобално место за глобално задоволство”. Значи дрогата е оператор на тоа „умножување и зајакнување” на задоволството што Фуко има намера да го практикува и развива и што, секако, нè упатува на она арс еротика (ars erotica) што тој во „Волја за знаење“ ја спротивставува на scientia sexualis.

Влатко Деков

Авторот е магистрант на социјална политика. На полето на зависностите работи четиринаесет години. Има развиено најголем дел од програмите  за намалување на штети во Македонија. Во моментов раководи со ЦЕДИ – Центарот за едукација, документирање и истражување при ХОПС. Автор е на голем број  трудови, публикации и истражувања. Активист е за човекови права на маргинализираните заедници и членува во повеќе национални и меѓународи комисии, тела и стручни форуми  меѓу кои и форумот за дроги при Европската комисија во Брисел. Од 2014 година е член на Управниот одбор на Евро-азиската мрежа за намалување на штети од употреба на дроги.

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.